Серверот со 10 станици за полнење на терминалите за вчитување на отпечатоци од прсти со податоци од гласачите пристигна во Државната изборна комисија каде што ќе биде поврзан со главниот сервер и тестиран, информира претседателот на (ДИК) Александар Даштевски.
– Серверот стигна една недела предвреме бидејќи таа операција е многу битна, за да се види дали и како ќе полни, односно времето и брзината на полнењето. Полека пристигнува целата опрема и за два-три дена ќе имаме нова пратка поголема од 950 терминали, а веќе за една недела ќе стигнат и другите, така што почнуваме со работа – истакна Даштевски.
ДИК ќе се подготви за едукација на претседателите на избирачките одбори, како и за замениците на претседателите, и ќе се стави во функција целата операција, ако серверот покаже дека добро работи.
Даштевски додаде дека ДИК треба да го заклучи избирачкиот список на 24 септември, за потоа ИТ-секторот да го обработи и отприлика од 28 септември ќе почне полнењето на терминалите кое ќе трае неколку дена, со што тие ќе бидат подготвени за изборите. ИТ службата на ДИК работи со фирма од Германија и проверува се што е неопходно за функционирање на серверот и на терминалите, како што посочи Даштевски.
На локалните избори закажани за 17 октомври првпат во Македонија ќе се применат систем и терминали за вчитување на отисоци од прсти за идентификација на гласачите.