Со одобрение на авторот, „Нова Македонија“ ексклузивно, во десет продолженија, ги објавува извадоците од книгата „Луѓе, времиња“, во која долгогодишниот претседател на македонското собрание Стојан Андов ги открива своите впечатоци од средбите со историските личности и настани во периодот од Втората светска војна до смртта на доживотниот претседател на некогашната СФРЈ, Јосип Броз-Тито. Од перспектива на младо момче од Кавадарци, студент и новинар во „Нова Македонија“, дипломиран економист и еден од највлијателните македонски политичари, кој своето животно и професионално искуство го стекнува во околности што сѐ уште ѝ се недоволно познати на пошироката јавност, со оваа книга Андов фрла нова светлина врз, како што вели и самиот, луѓето и времињата што се предмет на обработка. Книгата е дел од неговите политички мемоари, а деновиве, по повод неговиот 85-ти роденден, е објавена во издание на „Матица македонска“.
Но крајот на септември, кога требаше да почне втората година на студиите, прочитав оглас за приправници новинари во „Нова Македонија“. Се пријавив и бев примен.
Од први октомври 1955 година почнавме да работиме – група млади луѓе, претежно студенти, како приправници новинари во „Нова Македонија“. И во тоа време новинарството беше популарно меѓу младите. А, ако ништо друго, бевме горди кога нашите имиња излегуваа во весниците, пред сѐ во „Нова Македонија“ и во синдикалниот весник „Труд“ што излегуваше тогаш. Не беше формиран „Вечер“, а сѐ уште немаше и телевизија. Во тие околности бев доста убеден дека ќе бидам новинар. Во таа група бевме повеќемина од разни населени места од речиси цела Македонија. Се сеќавам, на пример, од Струмица беше Вера Терзиева. Но таа навреме го напушти новинарството, бидејќи виде дека новинарската работа не оди заедно со студиите. Подоцна, како дипломиран правник, кариерата во судството ја доведе и до членка на Републичкиот судски совет и претседателка на Уставниот суд. Од Струмица беше и Бранко Калеников, кој исто така беше талентирано момче, но остана во „Нова Македонија“, работејќи успешно до пензија, ама факултет, чинам, не заврши.
Од Штип беше Спиро Прилепчански. Тој потоа долго време беше дописник на „Нова Македонија“ од Штип. И тој се пензионира како новинар. Од Тетово беше Јован Павловски, кој петнаесетина дена подоцна почна да доаѓа, ама се покажа добро перо. Колку што знам, малку подолго се влечкаше на факултет, ама сепак заврши. Тогаш со нас, во таа амбициозна млада новинарска група, беше и Спасе Шуплиновски од Прилепско. Тој се покажа како талентиран новинар, практикувајќи истражувачко новинарство, што во тоа време не беше доволно афирмирано во нашата средина. Спасе остана познат, способен новинар и таков замина во пензија. Од Скопје со нас беше Мирко Миронски, подоцна исто така афирмиран новинар и долгогодишен главен уредник на „Вечер“. Имаше уште неколкумина на кои, со оглед на изминатото време и моите години, во моментов не можам да се сетам.
Во „Нова Македонија“ ние ги затекнавме старите новинарски асови: Бранко Заревски, Бане Ковач, Лазо Наумовски, Радуле Костовски, а доаѓаа и уредничката на „Просветена жена“ Ружа Бак, Илчо Зафировски, Никола Кирков, Велко Коцев, Борис Поп Ѓорчев, Свето Серафимов, Панче Михајлов, браќата Јордан и Димче Бражански, Милчо Коцев, Војо Атанацковиќ и други.
Редовно се состанувавме и нешто како ментор ни беше Нешо Марковски. Во тоа време кај мене преовладуваше чувството дека треба да бидам новинар и речиси се определив да бидам тоа. Но при крајот на јануари 1956 година, требаше да го запишам четвртиот семестар на Економскиот факултет. Тие работи на Економскиот факултет ги вршеше Олга Чоланчевска, жена со дух и весело расположение, но ги почитуваше прописите. Кога отидов да го запишам четвртиот семестар, Олга ми рече: „Не можеме, другар Андов, да ја завршиме оваа работа.“ Прашав зошто, а таа ми одговори спокојно: „Па, ги немате собрано потписите од сите професори.
Ви недостига еден, по Економика на Југославија. Јас не ги посетував редовно предавањата претходниот семестар, но некако од професорите успеав да соберам потписи. Ми недостигаше само од оној што го рече Олга. Тој предмет го предаваше Асен Симитчиев. Се разбира, и по тој предмет не ги слушав предавањата, ама бев убеден дека ако можев да го најдам професорот Симитчиев, и тој ќе ми дадеше потпис. Но професорот Сомитчиев, покрај професорската работа, беше многу ангажиран со државни работи, беше министер, потпретседател на Владата… Не можев да го најдам. Олга Чоланчевска ми рече да појдам кај доцентот Никола Узунов, кој бил овластен од професорот Асен Симитчиев да дава потписи. И отидов кај доцентот Никола Узунов, кого ние студентите многу го почитувавме. Тој го отвори мојот индекс, погледна во графата каде што немаше потпис, па гледајќи ме право в очи, ме праша: „Колега, вие сакате ли да бидете новинар или сакате да бидете економист? Ако продолжите сега со вашето новинарство, речиси сум сигурен дека нема да го завршите факултетов. Во ’Нова Македонија’ сега речиси сите се со средно образование, ама тие зад себе имаат големо искуство и немаат конкуренција. Вас, како среднист, ако решите да бидете новинар, ќе ве прегази времето.
Тој го отвори мојот индекс, погледна во графата каде што немаше потпис, па гледајќи ме право в очи, ме праша: „Колега, вие сакате ли да бидете новинар или сакате да бидете економист? Ако продолжите сега со вашето новинарство, речиси сум сигурен дека нема да го завршите факултетов“
Вашите колеги, откако ќе завршат факултет, ќе имаат предност пред вас дури и како новинари, а вие ќе заостанувате. Можам да ви дадам потпис, но ова што ви го кажав имајте го предвид. Ќе ви дадам потпис да го запишете семестарот, ама мој совет е да го напуштите новинарството. Вратете му се откога ќе го завршите факултетов.“
Од утредента веќе не појдов во „Нова Македонија“. По неколку дена ме сретна Нешо Марковски и ме праша: „Што исчезна наеднаш?“ Откако му ја кажав приказната со Узунов, тој се поднасмевна и рече дека Узунов навистина е во право. Тогаш го напуштив новинарството и не му се вратив. Некои од моите колеги завршија и факултет работејќи, малку го завлекоа студирањето, ама им успеа. Некои, пак, не завршија факултет и си останаа со средно образование. Некои дипломираа дури пред да се пензионираат.
По завршувањето на втората година, од две помали претпријатија од Кавадарци ми побараа да им изработам елаборати за нивната економска состојба и за можностите и јас го завршив тоа. Од тоа излегоа два пристојни елабората. Директорот на едното од тие претпријатија тукушто ја беше напуштил војската и како резервен мајор станал директор – Наќо. Тој откако го разгледа елаборатот, весело рече: „Види, види, од учените може да има и корист.“ Тие две претпријатија ми платија за елаборатите и тоа ми помогна да ги продолжам студиите. Но формира кај мене сознание и размисла дека работата на прогнозирање, програмирање, проектирање во економијата е важна и треба на неа да ѝ посветам внимание и да го работам тоа.
По завршувањето на факултетот, прво работев како професор во Средното економско училиште во Кавадарци, но тоа не го сметав за моја трајна определба. Ме израдува кога еден мој постар добар другар, инженерот Ванчо Јордановски, како в.д. директор на агрокомбинатот „Тиквеш“, ме прими да бидам директор на Аналитичко-планскиот сектор. Бев сигурен дека сум го нашол својот пат.
Но подоцна, еден неочекуван настан што ме доведе во судир со новиот генерален директор на „Тиквеш“, кој дојде во фирмата по извесно време, комплетно ми го сврти патот во иднината. Тогаш бев принуден да ги направам моите први чекори во политиката и животот ми помина во неа.
(Утре: „Пресвртниот ручек со Мито Хаџивасилев-Јасмин“)