Во Македонија стана навика да се бараат услуги од странски истражители во сите поголеми случаи од големо значење и интерес за државата, почнувајќи од атентатот врз претседателот Глигоров, авионската несреќа на претседателот Трајковски, падот на хеликоптери на АРМ, па сѐ до последната трагедија – пожарот во тетовската болница. Какви се досегашните искуства, какви се ефектите од нивната вклученост во домашните истраги и, над сѐ, каква порака се испраќа со постојаните барања за странска експертиза…

ЗОШТО ИСТРАГИТЕ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ НЕСРЕЌИ ПОСТОЈАНО ИМ ГИ ДОВЕРУВАМЕ НА СТРАНСКИ ИНСТИТУЦИИ

Трагедијата во тетовската болница, која однесе 14 животи, а во истрагата за причините на пожарот беше побарана и странска експертиза, повторно го актуализира прашањето во домашната јавност за странската помош што Македонија ја добива при вакви и слични случаи од големо значење за државата. Од Владата веќе потврдија дека истражители од федералната криминалистичка полиција на Германија ќе учествуваат во истрагата за откривање на причините за пожарот и за нив веќе се обезбедени видеоснимки и сите собрани докази и материјали од местото на несреќата.

Тивко и постојано кооптирање, а гласни пораки за јавноста

Во пошироката јавност сепак се наметнува и прашањето каква порака се испраќа со барањата за странска експертиза, дали тоа е себепотценување со омаловажување на домашните институции? Во прашање ли се неискуство, недоверба, немање знаење, искуство, опрема или ресурси?! Дополнителна дилема и нејаснотии предизвикува дефицитот на достапни информации за тоа какви се ефектите од досегашните странски експертизи и вклученост на надворешни тела во домашни истраги.
Низ годините наназад, Македонија имаше долга низа ваква таканаречена „странска грижа“ или кооптирање на надворешни истражители и експерти за расчистување одредени домашни случаи од висок интерес.
Странски истражители беа вклучени за расветлување на атентатот на првиот претседател Киро Глигоров, потоа за падот на авионот на загинатиот шеф на државата Борис Трајковски, како и при падовите на воените хеликоптери на АРМ во 2001 и 2008 година. Странска експертиза беше побарана и за низа судски случаи, како „Монструм“ и „Диво Насеље“, иако за истите тие веќе неколкупати се изјаснија домашните судски органи, кои констатираа дека се работи за класични злосторнички акти на тероризам.
Во други случаи, пак, каде што биле вклучени странски експерти, нивниот удел од истрагата е речиси невидлив и незначителен и тие не донесоа ништо повеќе од она што веќе го утврдија и домашните институции.
Токму затоа, во светлината на актуелните случувања со пожарот во тетовската болница, во јавноста актуелни се дилемите какви се очекувањата од странските истражители, дали тие отскокнуваат драстично во приодот, методологијата, практиката и квалитетот во споредба со домашните институции или можеби се користат повеќе како „алиби“ за евентуално покривање на пропустите и бегање од одговорноста.

Повеќеслојна причина за користење на странската помош?

Поранешни фунционери од МВР и безбедносни експерти со кои се консултиравме велат дека во земјата стана навика да се користат услугите на истражителите на странските партнери кога државата треба да истражува случаи од големо значење.
Иако земјата има свои квалитетни кадри, странските истражители помагаат истрагата да се одвива побрзо, да има поголем кредибилитет и во неа да се користат технологии што Македонија не ги поседува.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов во својот осврт на актуелните случувања вели дека феноменот поврзан со користењето на помошта на странскиот фактор во домашните истраги започна во времето кога беше извршен атентатот на првиот македонски претседател Киро Глигоров и тој од тогаш, па досега е редовен декор во вакви случувања.
– Кога се случи атентатот на Глигоров, навистина беше добредојдена помошта на странците во смисла дека тие може да направат специфична експертиза на експлозивот што беше користен со технологија што Македонија во тој период не ја поседуваше. Но, за жал, оваа практика продолжи и во годините што следуваа, буквално за сите примери на поголеми истраги за настани што се водеа. Од паднати авиони и хеликоптери, до убиства, разни несреќи и слично – вели Трајанов.
Тој објаснува дека во морето барања за користење на услугите на странските експерти се и многу нелогични повици.
– Таков нелогичен чин беше оној на ДУИ кога се побараа вештачење и истрага за настаните поврзани со случајот „Диво Насеље“ – вели Трајанов.
Поранешниот прв човек на МВР објаснува дека и самиот странски фактор како пријател на Македонија честопати и самиот се нуди да помогне, а тоа го прави поради потребата неговите истражители да стекнат искуство во работата во истрагите.
– Од друга страна, Македонија има свои експерти и свои институции, кои се одлични во својата работа, но нивната експертиза најчесто ја засенуваат партиските кадри што ги поставуваат партиите како водачи на институциите – вели Трајанов.
Тој советува дека во овој момент треба државата да воведе командна одговорност за партиските кадри и да ги казни оние што се партиски поставени, а немаат квалитет во нивната работа, односно придонесуваат нам да ни се случуваат вакви и слични трагедии.
Трајанов резимира дека услугите на странските истраги имаат и политички аспект, зошто се користат.

– Ако во истрагите ги вмешате и странците, потоа на тој начин различните партии се обидуваат да фрлат сенка во процесот со што нема во иднина да се бара ексклузивна одговорност за неуспеаните истраги од домашните истражители – вели Трајанов.
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека странските истражители најчесто ѝ доаѓаат на помош на Македонија во моменти кога нашата земја не поседува соодветни познавања и технологии да истражи специфични процеси или во време кога одредено случување во кое е засегната нашата држава се одвива надвор од нашите граници.
– Кога се случи трагедијата со погибјето на македонскиот претседател Борис Трајковски, странски истражители го вршеа увидот бидејќи според меѓународните правила несреќата беше случена надвор од нашите граници. Во другите случаи, странските експерти помагаат со своите технички средства за спроведување истраги во големите случаи каде што има потреба од специфични вештачења со специјализирани технологии – вели Марковски.
Тој информира дека во конкретниот случај со трагедијата во Тетово, странците се викнати на помош да бидат поткрепа на домашните наоди на истрагата.
– Странските партнери, составен дел од НАТО-структурите, во тетовскиот случај ќе бидат искористени само да ги поткрепат наодите на истрагата на домашните структури и на тој начин да одбијат какви било обиди да се негираат заклучоците на процесот. Странските фактори и истражители ќе бидат аргумент плус нашата земја побргу да го расветли случајот и да бидат потпора за кредибилитетот на нашите институции од обвинувањата за можни обиди истрагата да биде етикетирана дека е лажирана – вели Марковски.

[email protected]