Со идентични забелешки искажани деновиве, германскиот експерт практично ги повтори своите ставови искажани и пред четири години, во однос на владеењето на правото и правната држава. Зарем е можно, ништо да не е подобрено на тој план и да не сме се поместиле ниту еден чекор?
Флоскулата „препораките на Прибе“, политичките чинители во македонското општество од 2015 година ја изговараат како аксиома што треба беспоговорно да се спроведе за земјата да зачекори на вистинскиот пат за членство во ЕУ. Токму во име на тие препораки, во изминативе четири години се случија тектонски поместувања во политичката структура на власта, но конкретните реформски промени во владеењето на правото (што е суштината на тие препораки) речиси не се забележливи.
Затоа на домашните политички аналитичари и целокупната јавност неодамна изречените јавни критики од страна на признаениот експерт Прибе на моменти им прозвучеа како да го рецитира истиот говор од 2015 година. И по четири години од неговите препораки во делот на владеење на правото, судскиот систем и правната држава суштински ништо не е направено, иако декларативно политичарите се расфрлаат со зборови дека божем нешто се прави.
– Експертската група секогаш се трудеше да биде објективна и неутрална, нејзините извештаи не беа насочени против одредена политичка опција, а во корист на друга, тие беа фокусирани на проблемите, не на политичарите, партиите, носителите на моќ во дадениот момент, а фокусот треба да биде ставен на воспоставување на владеењето на правото и судски систем, кој ќе работи во интерес на правдата – изјави Рајнхард Прибе на неодамнешната посета на Скопје, за која нагласи дека е повеќе приватна („како слободен човек на Универзитетот“), за да ја прими почесната титула на универзитетот ФОН. Иако избегнуваше да даде директна критика за напредокот на процесот на реформите во Македонија, Прибе сепак напомена дека „постои свест дека има значителни недостатоци во владеењето на правото и функционирањето на демократските институции“, што, како што рече, се главните прашања, кои ги засегаат Брисел и сите земји-членки на ЕУ.
Според експертите, многу нешта останаа неисполнети од реформите што ги препорача Прибе. Што се однесува до воспоставувањето на правната држава, таквите намери доживеаја целосен дебакл со амнестијата во интерес на изгласувањето на Преспанскиот договор. Во судството – сѐ уште има политички влијанија… И понатаму не знаеме дали се прислушува… Има и редица други докази дека во македонското општество речиси воопшто не се работело на реформите препорачани од експертската група на Прибе, оценуваат аналитичарите
Рајнхард Прибе е германскиот експерт за владеење на правото што ги предводеше експертските групи на Европската комисија во Македонија, кои ја оценуваа состојбата со владеењето на правото во Македонија во 2015 и 2017 година и врз основа на чии извештаи се градеа темелите на реформите што во земјава се спроведуваат по кризата и скандалот со прислушувањето. Во пакет-реформите, токму според препораките на Прибе, што требаше да бидат имплементирани беа: контрола на комуникациите, судството и обвинителството, надворешен надзор од независни тела, начин на спроведување на изборите и состојбата во медиумите. По четири години од првиот извештај, Прибе констатира дека напредокот во реформите во целиот период бил пребавен.
– Процесот на реформи треба да биде создаден да гледа напред, а не назад. Очигледно напредокот беше пребавен во изминатите години. Уште поважно, големиот јаз меѓу двете партии мора да се надмине така што ќе се најде заеднички консензус за тоа што треба да направи земјата. Извештајот што со групата експерти го направивме и препораките што ги дадовме не беа против една политичка партија, а во корист на друга, туку да се направат потребните реформи во земјата – истакна Прибе, не пропуштајќи да нагласи дека нашиот пат за членството во ЕУ ќе биде подолг и поболен.
Ваквите оцени на Прибе за прогресот на препорачаните реформи од експертската група што ја предводеше, македонските правни експерти ги толкуваат како негов обид да ги затскрие разочараноста и чувството на лична одговорност за улогата што ја одиграл во развојот на настаните во македонското општество, и покрај неговите вистински намери.
– Од денешен аспект, по четири години, Прибе, де факто повеќе изигра политичка улога, отколку правно-советодавна, објективна и неутрална. Иако, во 2015-та неговите препораки беа дочекани како надеж за владеење на правото во Македонија (исто како и СЈО), резултатот по четири години покажува дека повеќе придонесе да падне една политичка партија од власт, отколку што придонесе за промени во општеството. Мислам дека и тој го согледува тоа и е незадоволен од резултатите, исто како и јас – смета Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет при УКИМ.
Токму Калајџиев своевремено искажуваше голема верба и надеж во спроведувањето на реформите за владеење на правото.
– Многу нешта останаа неисполнети од реформите што ги препорача Прибе. Голем дел од времето се изгуби во решавањето на спорот за името и власта не беше доволно фокусирана на реформите. Што се однесува до воспоставувањето на правната држава, таквите намери доживеаја целосен дебакл со амнестијата во интерес на изгласувањето на Преспанскиот договор. Во судството – сѐ уште има политички влијанија… И понатаму не знаеме дали се прислушува… ОТА не е стоотстотна гаранција дека проблемот со прислушувањето е решен, со оглед на тоа дека се донесени некои законски решенија што, сепак, оставаат простор тоа и понатаму да се спроведува… Има и други докази дека во македонското општество речиси воопшто не се работеше на реформите препорачани од Прибе – вели професорот Калајџиев.
Констатацијата на Прибе дека патот на Македонија за членството во ЕУ ќе биде подолг и поболен од оној до НАТО, Калајџиев ја согледува како реална, но смета дека процесот што треба да го минеме до остварувањето на таа цел е единствен спас за да се воспостави контрола на реформскиот процес до целосно владеење на правото во земјата.
– Се покажа дека тој механизам на преговори со ЕУ за спроведување реформи до општество со владеење на правото – функционира. И само тој процес создава надеж дека може да спроведе контрола на реформите, зашто партиите, сами по себе, остануваат на ниво на реторика – смета Гордан Калајџиев.