За десетина дена Владата ќе го одбере најдобриот од трите модели за реформирање на УБК
Релевантни безбедносни фактори вчера на јавна трибина, насловена „Реформи на Управата за безбедност и контраразузнавање“, дебатираа за можните модели за реформирање на безбедносно-разузнавачкиот систем, кои Владата ги спроведува во согласност со препораките на Рајнхард Прибе.
Се предвидуваат три можни модели за да се спроведат неопходните реформи на ова поле во Македонија.
Првиот предвидува Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и Агенцијата за разузнавање (АР) да останат како што се досега, првата во рамките на МВР, втората како посебен орган, вториот концепт замислува, пак, УБК да се извади надвор од МВР и да функционира како посебна владина агенција, а третиот е замислен да ги спои УБК и Агенцијата за разузнавање во еден орган, кој ќе функционира надвор од МВР како посебна владина безбедносна агенција.
Според организаторите на трибината, целта е да се создаде служба, која ќе биде ефикасна, департизирана, деполитизирана, во функција на заштита на државата, своите национални интереси и на своите граѓани.
Во меѓувреме, во согласност со акцискиот план, МВР до 15 ноември треба да ѝ предложи на Владата еден од трите модели и потоа изборот ќе подлежи на анализа преку акциски план на легислативата и на сите други подзаконски акти.
– Од оваа реформа очекувам прво да понуди добар модел за создавање ефикасен систем за заштита на националната безбедност. Второ да овозможи функционирање на службите во согласност со меѓународните стандарди и правила, штитејќи ги и гарантирајќи ги државните интереси. Трето да овозможи службите да дејствуваат, ослободени од политички влијанија, но ослободени и од каква било поврзаност со криминалните структури и групи, што е особено важно – рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој истакна дека најважно во целиот овој процес е реформа на свеста.
– УБК треба најмногу да доживее реформа на умот. Новите кадри што влегуваат да не прираснат на стариот начин на раководење и размислување во службата, а тоа ќе биде сериозен предизвик. Да создадеме механизми за добри професионални кадри, кои ќе можат да одолеат на предизвиците на времето во кое се развива македонското општество – нагласи Спасовски.
Според него, овие реформи се многу потребни за македонското општество, а во регионот и пошироко веќе има успешни примери на добро спроведени слични реформи на безбедносно-разузнавачките служби и нивниот пример треба да се следи и во Македонија.
– Мораме да го приспособиме на специфичностите на општествено-политичката карактеристики на нашата држава. Глобалните закани за безбедноста во светот се добро познати, но начинот на кој тие се реализираат и им се закануваат на државите доаѓаат во различни облици, заради што е неопходен овој аналитички пристап. Изминатиов период Управата за безбедност и контраразузнавање се обидува да го врати својот углед на професионална и релевантна служба, углед што беше сериозно нарушен. Но, очигледно е дека се неопходни структурни промени и унапредување на методите на работа на оваа служба. Не можете да бидете ефикасни во справувањето со глобалните безбедносни закани и ризици ако постојано не работите на унапредување на начинот и методите на работа. Формиравме меѓуресорска работна група, која треба да понуди најсоодветен модел за реформа, пред сѐ, на Управата за безбедност и контраразузнавање, но и реформа на Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање, како и другите институции од оваа област – рече Спасовски.
Според министерот, токму затоа оваа дебата е во насока да се споделат размислувањата околу тоа кој модел е најсоодветен за имплементација во нашата држава и кои се предностите, а кои се недостатоците на кои треба да внимаваме за поефикасно да ги надминеме.
– Јас очекувам од оваа реформа да понуди добар модел за создавање ефикасен систем за заштита на националната безбедност. Да овозможи функционирање на службите во согласност со меѓународните стандарди и правила, притоа штитејќи ги и гарантирајќи ги државните интереси. Да овозможи службите да дејствуваат ослободени од политички влијанија. Да се максимизира нивната ефикасност и да се воведат современи методи на работење, преку кои ќе се зголеми нивната превентивна улога во справувањето со современите безбедносни закани – рече Спасовски..
Според него, во овој период мора да се видат позитивните и негативните страни на сите три модели и во рамките на таа дебата ќе произлезе моделот што најмногу ѝ е потребен и ѝ одговара на Република Македонија.
– Кои се тие три модели? Едниот е Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање да останат и да дејствуваат така како што се сега во рамките на МВР. Вториот модел е Управата за безбедност и контраразузнавање да биде надвор од МВР како владина агенција. Третиот модел предвидува да биде формирана сосема нова агенција, која што ги инкорпорира во себе Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање – изјави министерот.
Директорот на УБК, Горан Николовски, истакна дека, според неговите размислувања, како човек што има големо искуство во оваа сфера процесот на реформи во државата во оваа област треба да се спроведе во пет чекори.
Тој истакна дека првиот е веќе завршен со формирањето на ОТА и промените во системот за следење на комуникациите.
– Вториот чекор е дискусијата за модел на УБК, кој е најдобриот модел што треба да биде усвоен за да имаме демократски професионални и деполитизирани институции во делот на безбедноста и разузнавањето. Третиот се однесува на координацијата. Најголем проблем во државата е координацијата на разузнавачко-безбедносниот систем. Немаме формална координација. Тоа што сега го правиме е договор меѓу институциите. Треба да формираме формално тело за координација, кое ќе ги координира и раководи службите, кои се дел од разузнавачко-безбедносната заедница – нагласи тој.
Николовски објасни дека четвртиот чекор е дефинирање на улогата на претседателот на целиот тој систем, а петтиот е носење закон за безбедносната заедница, што ќе треба конкретно да ги дефинира мандатите и полето на дејствување на секој ентитет поединечно.
Директорот, пак, на Агенцијата за разузнавање, Зоран Иванов, истакна дека реформата е постојан процес, „бидејќи комплексноста на безбедносното опкружување не ни дозволува да имаме една фиксна работа и да кажеме тука завршивме“.
– Ова е процес што треба да го надградуваме. Потребно е да направивме еден флексибилен систем во кој секој од чинителите јасно и недвосмислено ќе ги извршува своите овластувања и ќе се намали просторот за злоупотреба на овластувањата или неисполнување на своите законски овластувања – додаде тој.
За проблемите во нормативниот дел говореше професорот Маријан Николовски, кој истакна дека сите овие агенции, тела не се обединети со еден закон, а УБК нема сопствен закон, па работи во согласност со Законот за внатрешни работи.
– Во многу сегменти тоа ни се појавува како хендикеп, под иста капа се и УБК и класичниот криминалитет. Не е можно да се обезбедат валидни материјални докази, кога станува збор за дела против државата каде што казнена политика е над десет години и да ги ставаме во ист ранг со расветлување кривични дела од класичниот криминалитет – нагласи Николовски.
Професорот како проблем ја посочи и контролата на кадарот, каде што сега се вработуваат луѓе без конкурс. Како пример ја даде БИА, каде што во континуитет има отворен конкурс.
Од друга страна, пак, професорот Томе Батковски во однос на УБК предлага формирање безбедносна национална агенција, надвор од МВР, која ќе нема полициски овластувања.
Таа, според него, ќе биде хоризонтално поврзана со специјализиран оддел во МВР, кој ќе ги извршува полициските работи и ќе мора да има тесна врска со Државното јавно обвинителство.
Професорот подвлече дека неговиот предлог во реформата за работата на службите и безбедноста во разузнавачкиот систем се однесувал на иницијатива да формира врховно тело под називот совет за национална безбедност, кое ќе ја има основата улога преку своите тела, Бирото за координација и Канцеларија на советот, да врши практично одредување на државните приоритети во однос на безбедно-разузнавачки план на дејствување.
Батковски истакна дека предвидува дека ова тело би носело и безбедносна процена и ќе дава насоки за работа на субјектите во безбедносно-разузнавачкиот систем на РМ и, според него, ова тело би можело дури и да предлага буџети за работа на системот до Владата на РМ како и да врши обука на кадарот во безбедносните служби.