Климата околу грчката влада не е најдобра, бидејќи притисокот од електоратот е евидентен, а несогласувањата се трупаат, пишува грчкиот весник „То Вима“.
Сега, пратениците што ги претставуваат областите северно од Лариса, не се во состојба да се сретнат со граѓаните, бидејќи се чувствуваат загрозени поради индиферентноста или поради незадоволството.
Ваквата состојба носи товар, отежнувајќи ја позицијата на Владата во пресрет на изборите. Авантуристичкиот Преспански договор кој требаше да ги зближи левичарските и централно-левичарските политички сили, всушност ја маргинализира СИРИЗА, наместо да ја воспостави хегемонијата на партијата во политичкиот спектар. Операцијата „Мост“ што требаше да ја поврзе СИРИЗА со централната-левица, се урна уште пред да почне. А потезите што требаше да донесат противтежа се покажаа како неуспешни.
– Како што изминува времето, владејачката партија, која почна како сила за преродба и реорганизација на државата стана сила за назадување и одолговлекување, што би можело да влијае на резултатите од изборите. Сите анкети покажуваат оти СИРИЗА ќе претрпи убедливи порази на сите претстојни избори, за Европскиот парламент, локалните и општите избори – се наведува во анализата на „То Вима“.
Владата е потресена од деструктивните борби и личните стратегии на одредени политичари и начинот на размислување според кој секој работи сам за себе. И покрај херојските напори на премиерот, народот и добрата среќа кои го следеа досега, го напуштаат, заклучува грчкиот весник.