Во Македонија треба што поскоро да се рационализира државниот апарат на сите нивоа (особено бројноста на администрацијата, најмалку со нејзино преполовување… 20 отсто нема да биде доволно), почнувајќи од највисокото – Собранието, тврдат политичките аналитичари. Слични појави и иницијативи се актуелни во моментов во повеќе европски земји
ДАЛИ ЕВРОПСКИТЕ ТРЕНДОВИ ЌЕ СТИГНАТ И ВО МАКЕДОНИЈА
Додека се чека продолжението на конститутивната седница на новиот состав на македонското собрание во домашни и во глобални рамки сѐ повеќе се актуализира прашањето колкав треба да биде оптималниот број на пратеници во државите споредено со бројот на жителите. Во последно време во тренд е намалувањето на бројот на пратеници, а во одредени случаи дури и преполовување на нивниот број. Треба ли и Македонија да почне да размислува за намалување на бројот на пратениците со што државата во време кога се живее со пандемијата истовремено ќе ги намали државните трошоци, а со тоа и ќе ја засили политичката моќ на народните избраници. Овие дилеми се актуелни во домашната јавност, откога ваков и сличен процес се одвиваат во повеќе европски држави. Имено, во Италија е најавено одржување референдум што треба да се спроведе на 20 и 21 септември и кој има цел да се донесе одлука за редуцирање на бројот на пратениците од актуелните 630 на 400 и истовремено да се намалат и седиштата на сенаторите од 315 на 200.
Сличен процес е активен и во соседна Бугарија, каде што тамошниот премиер Бојко Борисов најави „ресетирање на државата“ со преполовување на бројот на пратениците во Националното собрание од 240 на 120, и сличен процес за редуцирање на народни избраници во Големото национално собрание, кој би предизвикал намалување од 400 на 280.
Според пишувањата на светските медиуми, редуцирањето на бројот на пратениците и на државните избраници се должи на обидите земјите од Стариот Континент да го намалат трошокот во време кога се живее со слаба економија предизвикана од пандемијата на коронавирусот, но и во период кога се активни процеси за зацврстување на изборната моќ на пратениците.
Според софиски „Дневник“, во Италија еден пратеник го избираат околу 150 илјади жители, во Бугарија истиот процес го вршат 29.200 гласачи.
Од друга страна, за разлика од шеесетмилионската Италија и од седуммилионската Бугарија, Македонија има два милиони граѓани и 120 пратеници, кај нас еден пратеник по жител доаѓа на 16.700 граѓани.
Слични иницијативи за намалување на бројот на пратениците во Македонија биле регистрирани и во претходните изборни циклуси и кампањи, но досега не заживеаја.
Аналитичарот Мартин Јовановски, во свој осврт на случувањата, констатира дека е неминовно Македонија да го следи трендот во Европа и во регионот.
– Во време кога партиските препирања по избориве покажаа дека се омаловажуваат начините на кој еден избраник е избран за пратеник и во период кога се штеди на непотребни трошоци и во време кога дури се намалуваат и преставниците во Европарламентот, навистина не гледам причина зошто и ние не би го сториле истото тоа – вели тој.
Според него, обемна и бавна парламентарна бирократија не оди во полза на интересите на граѓаните на земјата, па затоа вакви и слични методологии е потребно со голема доза сериозност да бидат земени предвид.
Аналитичарот, сепак, подвлекува дека на крајот од денот и оваа иницијатива како и онаа со отворени листи на партиите или со практикување една изборна единица тешко ќе го видат светлото на денот поради фактот што тоа оди во спротивен интерес на најголемите политички сили во Македонија, во албанскиот и во македонскиот блок партии.
Политичкиот аналитичар Александар Кржаловски на темава вели дека во Македонија треба што поскоро да се рационализира државниот апарат на сите нивоа (особено бројноста на администрацијата, најмалку со нејзино преполовување… 20 отсто нема да биде доволно), почнувајќи од највисокото – Собранието.
– Имено, 120 пратеници се непотребно многу за држава од 2 милиони жители (помалку од 20.000 жители по пратеник), а ако се земе претставеноста во ЕУ-земјите, каде што има од 50 до 100 илјади жители по пратеник, па и повеќе, кај нас не би требало да се повеќе од 80, а лично сметам дека и 60 се сосема доволни – вели тој.
Според аналитичарот и (не)активноста на досегашните пратеници, не го оправдува одржувањето на сегашниот број – има многу пратеници што многу ретко или воопшто не се јавувале за збор, а извештаите од следењето на работата на Собранието покажуваат мал ефект од мнозинството досегашни пратеници.
– На истата линија на аргументација се и високите трошоци, особено бесмислено високите надоместоци за патни трошоци – резимира Кржаловски.
Во контекст на актуелните случувања, за забележување се информациите публикувани од страна на политичкиот институт „Глобал парламентариоан вот“ од Брисел.
Во документ насловена „Глобален преглед на парламентите“ се наведува дека парламентите во денешницата се соочени со предизвиците да продуцираат повеќе работа, а истовремено и да ги намалат своите трошоци во вршењето на јавната должност.
Според политичкиот институт, не постои јасно мерило колкава треба да биде фиксната бројка односно оптимална вредност за оние луѓе што ќе седнат во националните парламенти.
Оттаму информираат дека во моментов во светот се активни приближно 47 илјади парламентарци, а светскиот просек вели дека е толерантно по земја да се активни 245 пратеници.