Фото: Игор Бансколиев

Кога во домашниот општествен амбиент одамна однадвор се наметнуваат предизвиците со политички фокус, логиката дека развојот на домашното стопанство е основата за економскиот раст и просперитет на граѓаните влегува во длабока сенка. И не само во метафоричка политичка смисла, туку таквото размислување најчесто и реално се одразува на небрежноста за економски ангажмани и реализација на сериозни планови од областа на стопанските политики. Политичките неефективни еквилибристики, проследени со сѐ пофреквентно наметнување процеси на (вонредни) избори како решенија за излез од криза, одамна нѐ доведоа до очигледна ситуација дека всушност таквите избори не се решение. Изборите се само (највисока демократска) алатка за да ѝ се даде мандат на една политичка гарнитура, за во полн капацитет и мандат да ги реализира понудените економско-политички програми. Долго време, претставниците на бизнис-заедницата предупредуваат дека сме сведоци дека и стопанството и институциите, а и граѓаните се во застој и стагнираат во процесот на сѐ пофреквентните вонредни избори. Тие тврдат дека тие се сопирачка на економско-социјалниот раст и развој.

По речиси двегодишен минимален раст на македонското БДП, кое во еден период од шест месеци беше дури и со негативни параметри, вчерашната вест за раст на БДП од 4,1 отсто во првиот квартал од годинава, претставува драматично отскокнување. Премиерот Заев изјави дека тоа е највисок квартален раст во последниве две години. Тој додаде дека се зголемува и куповната моќ на граѓаните, а се забележува и пораст на платите. Невработеноста, според премиерот, во првиот квартал е 17,8 отсто, односно намалување за 4,8 отсто за две години, или отворени се нови 49.522 нови работни места.

Сепак, овие показатели за значително економски придвижување во Македонија, доаѓаат во време кога на политички план сѐ погласно се зборува за можни предвремени парламентарни избори, доколку земјава не добие датум за отворање преговори за членство во ЕУ, уште во јули, годинава. Имено, премиерот Заев најави дека самиот ќе поднесе оставка, како чин на преземање одговорност за евентуалниот неуспех во врска со датумот за ЕУ. Таквата можност отвора неколку политички сценарија за Македонија, од кои повеќето завршуваат со предвремени избори?! Но факт е дека кога има избори, обично сѐ друго во реалниот живот функционира по инерција, запираат економските активности, се намалува растот, страда економијата. Во истата насока, факт е и дека за процесите на ефективна економска трансформација, за раст, развој, примена на мерки за ефикасен и динамичен развој на економијата, во реалната економија, земјоделството и воопшто на стопанството се потребни време, посветеност и стрплива макотрпна работа. Ако повторно со изборите го паузираме започнатиот процес, тогаш не само што ќе направиме застој, ќе паузираме и ќе стагнираме, туку и ќе назадуваме во сите реформски процеси… Во таа смисла, ставот на бизнис-заедницата е дека изборите во блиска иднина се наметнуваат како непотребни и секако нема воопшто да придонесат за реформите и за динамизирање на процесот во економијата.

Напротив, практиката на предвремени избори е сопирачка во развојот и просперитетот на државата, особено што пред еден месец заврши еден изборен циклус со претседателските избори. Всушност, најголем дел од бизнис-заедницата е против изборите. За издвојување е и изјавата на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, и пред претседателските избори каде што подвлече дека изборите му вршат притисок на бизнисот, но кога веќе ќе дојдат редовните избори на дневен ред, бизнис-заедницата бара „кампањите да бидат кратки, сконцентрирани и концизни“, и „скратување на роковите за изборни активности“.

– Бизнисот ќе ги пробива границите на земјите и таму каде што има политички проблеми, затоа што тоа е наша задача и цел. Но за тоа бизнисот треба да работи непречено, надвор од политичките процеси, а политичарите да ни остават простор за работа – апелира Азески.

Во таквиот контекст, и смислата и целта на најавените кадровски и системски промени во извршната власт, (популарно наречени „метла“) во бизнис-заедницата се сфаќаат како придонес за поголема функционалност на системот, поголема ефикасност и поддршка на економијата и стопанството и поефикасна логистика на администрацијата и Владата, а во функција на подобрување на економскиот раст и развој. Промените што треба да се спроведат од страната на премиерот се толкуваат како напор за да се забрза процесот на економскиот раст. А за сево ова, потребно е време.

Недопустлива и несериозна е практиката во нашиот општествен систем планираните и понудените економско-политички програми на извршните власти да бидат прекинувани, да остануваат недоречени и неспроведени. Во таквите случаи, принципиелно кажано, граѓаните остануваат без одговор дали одредена политичка гарнитура била ефикасна во своето работење и никогаш не би се добиле релевантни резултати дали таа програма придонела за подигнување на економско-социјалниот стандард на граѓаните.

А практиката на постојани предвремени избори, најмногу оди во прилог токму за нереализирање (докрај) на (секоја) владина програма и стануваат сопирачка на економскиот раст и развој. Сечкањето на мандатот е ножица што не дозволува никој да ги заврши (реализира) планираните економско-политички програми. А токму неразумното наметнување нови предвремени избори се на сметка на стагнација на домашната економија и на граѓаните воопшто.


Колку време е потребно за подготовка на избори

Доколку политичката ситуација со добивањето на датумот за почеток на преговорите ја доведе Македонија повторно пред (предвремени) парламентарни избори, предизборниот процес би требало да се одвива според т.н. пржински модел. Според Законот за влада, во кои е вграден „пржинскиот модел“, се предвидуваат 100 дена пред денот на одржување на изборите за пратеници во Собранието, а по претходна оставка на претседателот на Владата, Собранието да избере нова, преодна влада за спроведување избори на пратеници, предводена од нов претседател на Владата, кој го номинира најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство.

Предвидено е и да се избере нов министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика по предлог од опозицијата со најголем број пратеници во Собранието, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број пратеници во Собранието на Македонија. Оваа „пржинска влада“ предвидува и дополнителни заменик-министри за надворешни работи и на труд и социјална политика предложени од владејачката гарнитура (во актуелната ситуација кадри на СДСМ или на ДУИ). По предлог од опозицијата ќе има дополнителни заменик-министри за финансии, за земјоделство и за информатичко општество.