Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент потврди дека извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западен Балкан се одлагаат за септември, но не и преговарачките рамки за Македонија и Албанија.
– Работиме деноноќно со ковид-19 и со оглед на тоа дека е тешко да се предвиди каква ќе биде економската состојба, исто е тешко да се види како ќе се испорачаат реформите, затоа што, се разбира, ковид-19 ја кочи работата. Сакаме да излеземе со суштински извештај, добар извештај кој ќе даде проценка за напредокот. Мојот фокус сега е повеќе на преговарачките рамки за двете земји, Северна Македонија и Албанија. И тоа што можам да го кажам е дека овие ќе бидат објавени во јуни. И мислам дека ова е клучен дел за да го задржиме моментот што се создаде – рече Вархеји пред европратениците.
Во однос на преговарачките рамки, тој рече дека тие ќе бидат придружени од проценка за реформскиот напредок.
– Ќе излеземе наскоро и се надевам до септември, зависно од агендата, со вообичаениот пакет, пакетот за проширување. И се надевам исто да излеземе со планот за инвестиции и економски развој за Западен Балкан во септември – додаде еврокомесарот за проширување.