Во Македонија на приоритетната листа за вакцинација ги нема новинарите, кои исто така се изложени на голем ризик при извршувањето на своите работни задачи и се едни од оние што се најпогодени и на директен удар на пандемијата.
Какви се ставовите во однос на ова прашање на здравствените власти и на медиумските здруженија кај нас и какви се состојбите во светот
Битката со пандемијата во светот ги натера државите да почнат да го вакцинираат своето население против вирусот, а со тоа и да се одредуваат процедура и приоритетните групи на граѓани што меѓу првите треба да се вакцинираат.
Во Македонија на приоритетната листа за вакцина се ставени здравствените работници што работат во ковид-центрите, лицата со хронични болести, старите лица над 65 години, припадниците на полицијата, војската и други . Сепак во т.н. приоритетните групи ги нема новинарите, кои исто така се изложени на голем ризик при извршувањето на своите работни задачи и како фела се едни од оние што се на директен удар на пандемијата.
Во споредба со нашата земја, во САД, на пример, новинарите влегуваат во онаа таканаречена приоритетна група граѓани што ќе имаат можност да бидат вакцинирани меѓу првите. Во својата анализа на оваа тема интернет-порталот „Поинтер“, кој е специјализиран за публикување информации поврзани со седмата сила во светот и во Америка, пишува дека работата на терен и контактот со луѓето се главните причини поради кои американските новинари ќе бидат едни од првите што ќе се вакцинираат во оваа држава. Медиумот додава дека, сепак, сѐ уште треба да се донесе соодветната легислатива во САД за оваа намена, а прашањата како ќе се спроведе вакцинирањето во 2021 се исклучително комплицирани.
За тоа какви се размислувањата кај нас во врска со оваа тема се обративме до здравствените власти и преставниците на медиумските здруженија.
Од Министерството за здравство за „Нова Македонија“ велат дека Светската здравствена организација (СЗО) препорачува дека вакцинацијата е особено важна за групите со висок ризик од ковид-19, како и за луѓето што се грижат за лицата со висок ризик и учествуваат во одржувањето на функционирањето на општеството.
Па, на прашањето дали новинарите влегуваат во оваа група, од Министерството велат дека вакцинацијата на одредени целни групи против ковид-19 ќе почне со здравствените работници што работат во ковид-центрите, лицата со хронични болести, старите лица над 65 години, како и сите вработени во институции од критична инфраструктура.
Од друга страна, докторката Дијана Младеновска вели дека очекувањето новинарите да бидат едни од првите што ќе се вакцинираат во државата е сосема логично.
– Новинарите се секогаш во првите редови на случувањата во земјата, тие информираа за состојбите во земјата редовно откога живееме со пандемијата, па оттука логично би било седмата сила да биде вклучена во државните планови за вакцинирањето, особено во првата фаза, односно во групата на оние што ќе бидат дел од примарните категории на граѓани што се во директен контакт со случувањата, како медицинските лица, војниците, полицајците и слично – вели докторката.
Младен Чадиковски, пак, претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), вели дека ставот на новинарските здруженија е дека новинарите треба да влезат во првиот бран на вакцинирање на граѓаните во земјата.
– Ова е важно да се случи поради две причини. Првата, бидејќи како работници сме изложени многу на опасностите, исто како и преставниците на полицијата, здравствените власти и армијата, а втората причина е поради фактот дека со вакцинирањето новинарите ќе можат без страв да одат на своите работни места и да функционираат. Со активни медиуми без страв од заболување, новинарските организации ќе се стават во функција на државата во рамките на системот за јавно и правично известување за сѐ што се случува а е поврзано со пандемијата – вели Чадиковски.
Од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), велат дека тие ја поддржуваат секоја можност новинарите да се дел од т.н. првиот бран на вакцинирања на граѓаните против ковид-19.
Оваа констатација од Синдикатот ја темелат врз фактот дека медиумските работници, според Европската федерација на новинари, влегуваат во фелата на т.н. неопходни работни професии што се витални за секоја земја, па и за Македонија.
– Се покажа дека новинарите и медиумските работници се клучна алка во борбата против пандемијата, во која беа на првите линии и работеа и сѐ уште работат во ризични услови, односно секојдневно се изложени на ризик од зараза при обидите навремено и точно да ја известуваат јавноста за пандемијата. ССНМ смета дека тие треба да бидат третирани како неопходни работници и да бидат вакцинирани веднаш по другите неопходни работници, како докторите, полицијата, војската и слично – велат од Синдикатот.