Веб-платформата не е тешка за користење ако се следат упатствата. Родителите, наставниците и учениците имаат можност да ја тестираат платформата за учење на далечина. Во тест-периодот, корисниците се соочуваат со низа предизвици, кои надлежните уверуваат дека ќе ги решаваат во од. Но на првиот ден од овој тест-период, сепак, се јавија низа проблеми во однос на функционирањето на платформата. Сепак, рака на срце, затоа и периодот го има предзнакот „тест“. Токму во тој период треба да се детектираат и да се исправат сите или повеќето проблеми што може да се јават подоцна и што тогаш би предизвикале многу потешки негативни последици
Националната платформа за учење вчера влезе во првиот ден од тест-периодот
Веб-страницата на единствената национална платформа за онлајн учење, од пред два дена, е достапна за корисниците преку адресата www.schools.mk. Родителите, наставниците и учениците имаат можност да ја тестираат платформата за учење на далечина. Во тест-периодот, корисниците се соочуваат со низа предизвици, кои надлежните уверуваат дека ќе ги решаваат во од.
Секој ученик од својот наставник добива корисничко име и лозинка, со кои се логира на lms.schools.mk. Најпрво се избира наставниот јазик на кој ученикот учи, а потоа се дадени полиња во кои се внесуваат корисничкото име и лозинката. Кога ќе го стори тоа, ученикот задолжително мора да ја промени лозинката, но тоа се прави само еднаш, а не при секое следно најавување.
Во системот, односно во горниот дел има глобус што овозможува промена на јазикот, а има и ѕвонче каде што ученикот ќе добива известувања поврзани со наставниот процес. Откако е логиран, ученикот има свој профил со неговото име и презиме, кој може да го уредува. Другиот дел од платформата е структуриран со лев дел што служи за навигација. Платформата во моментот има два таба, „моја почетна страница“ и „календар“. Се очекува во делот каде што е календарот да бидат додадени предметите што ученикот ги слуша во текот на учебната година од соодветното одделение. Календарот е многу важен бидејќи таму се добиваат известувањата за сите часови, домашни задачи, тестови, но за тоа се очекува надлежните да постават посебно видео со насоки за тоа како се употребува тој календар.
Во средината на платформата се наоѓаат името и презимето на ученикот, а има и блок со претстојните настани. Во долниот дел ги има предметите што се изучуваат. Десно се наоѓаат четирите алатки од Офис 365. Мајкрософт тимс ќе се користи за одржување на часовите. Генерално, веб-платформата не е тешка за користење ако се следат упатствата.
Но во овој тест-период, сепак, се јавија низа проблеми во однос на функционирањето на истата таа. Сепак, рака на срце, затоа и периодот го има предзнакот „тест“. Токму во тој период треба да се детектираат и да се исправат сите или повеќето проблеми што може да се јават подоцна и што тогаш би предизвикале многу потешки негативни последици.
Што се однесува до паѓањето на системот уште првиот ден, социјалните мрежи веќе се преплавија со реакции на родители, од кои некои беа разочарани и критикуваа, а други активно се вклучија во решавање на проблемот, во интерес на децата и корисниците.
За да се увериме за што реагираат родителите и „Нова Македонија“ во текот на вчерашниот ден повеќепати се обиде да се најави на профилот, но навистина, се појави прозорче на кое пишуваше „конекцијата се прекина“. Неуспешен беше секој следен обид за најава.
Во врска со проблемот побаравме став од надлежните во Министерството за образование и наука, од каде што велат дека ова е тест-период.
– Тестирањето на системот е дел од постапката за постигнување целосна функционалност на платформата и во тест-фазата се детектираат и надминуваат сите предизвици. За да обезбедиме целосно функционална платформа до почетокот на учебната година, тестирањата продолжуваат и во наредните денови – велат оттаму.
За два дена започнува новата учебна година, која првпат почнува од 1 октомври поради промените што ги донесе пандемијата на ковид-19.
Министерството за образование и наука ги повика локалните самоуправи и градоначалниците максимално да се посветат на обезбедување услови за непречен почеток на учебната година во училиштата, без разлика дали станува збор за физичко присуство или за учење од далечина. Деновиве, во многу училишта во државата се зајакнуваше оптичката мрежа, се подобруваше интернет-конекцијата и се подобруваа условите за настава. Колку е направено успешно тоа на ниво на држава, останува да се види од 1 октомври.