Фото: Дарко Андоновски

Во јавноста, граѓаните, аналитичарите но и политичките партии сѐ почесто го отвораат прашањето за промена на изборниот систем во сосема нов или во нешто поинаков од овој што го имаме.

Мотивите за таквите иницијативи за промени од различни субјекти се, секако, различни. Тие мотиви се движат од тесни (партиски, лични) интереси над другите, до објективен приод со намера да се направи значаен исчекор за демократизирање и унапредување на општествениот систем.

Но битно е да се нагласи дека ако се усвојат нови решенија, тие треба и да дадат подобар резултат за една многу поширока општествена заедница, бидејќи се констатира дека досегашниот модел има низа недостатоци, создавајќи преференцијален општествен статус на тесна група граѓани, на поединци. Исто така, за издвојување е констатацијата на низа соговорници со кои се консултиравме дека актуелниот изборен систем го блокира принципот на вреднување и конкурентност, а и создава застој на механизмите за контрола и владеење на правото.

Плусови и минуси на изборните системи

Противниците на пропорционалниот систем тврдат дека со овој систем се поттикнуваат неспособните и послушните, кои се концентрираат околу лидерот за да бидат ставени на партиската листа за пратеници. Таквите избрани пратеници тогаш гласаат за закони што одговараат на политиките за кои нивниот лидер смета дека се добри, а не како што сметаат граѓаните што ги избирале.

Системот на создавање партиски листи со овој модел му дава исклучителна моќ на лидерот на партијата во однос на избраните пратеници. Уште повеќе, тоа овозможува за време на предизборните активност, пред граѓаните главниот збор да го имаат едни (партиски) познати лица со лидерот на чело, а оние што треба да се искажат како кандидати и кои треба да земат обврска пред своите избирачи, да бидат безгласни букви. Тоа е своевидно изигрување на избирачката волја во поглед на претставувањето на капацитетот, компетентноста, знаењето и вештините на кандидатот за пратеник. Во овој контекст суштински е да се издвои дека пропорционалниот систем ги прави ваквите пратеници небитни и невлијателни, во однос на местата и позициите што ги носи извршната власт. Исто така, од еден друг аспект, пропорционалните системи ја зголемуваат државната потрошувачка, бидејќи таа постојано потенцијално се зголемува, за да се задоволат апетитите за различните барања на сите партии во коалициите.

Еден од реалните недостатоци на пропорционалниот изборен систем е што истиот тој ја слабее врската помеѓу пратениците и нивните избирачи. Таа врска е посилна во мнозинскиот систем, но тоа секако не е гарант за подобри решенија. Тогаш пратеникот ќе се фокусира на тоа како да не загуби на наредните избори, што значи ќе потпадне под многу предрасуди (дури и неразумни) на своите избирачи и значајно ќе пребегне кон популизам. Ако на сето тоа се додаде тенденцијата на пратеникот (избран по мнозинскиот систем) во својата база и кај своите избирачи да донесе што повеќе пари од државниот буџет и што повеќе да им излезе во пресрет на локалните интересни групи, тогаш лесно се доаѓа до заклучок дека мнозинскиот систем, од ваков аспект гледано, нужно не гарантира подобри решенија од пропорционалниот.

Натаму, предноста на пропорционалниот систем е што повеќе се осигурува поделбата на политичката власт, рамнотежата на интересите и можноста политичките интереси да се дигнат над локалните, провинциски интереси, а предноста на мнозинскиот модел е што многу добро ја лоцира политичката одговорност, силно ги врзува пратениците со волјата на своите избирачи и во голем број случаи овозможува похомогена законодавна и извршна власт, се разбира, во функција на граѓаните.

Недостатоците на пропорционалниот систем се, всушност, ситнењето на политичката сцена и огромното влијание на политичките лидери, претворајќи ги во партиски султани, кои имаат пресудно влијание на своите пратеници. Следствено на тоа, со пропорционалниот систем се отуѓуваат пратениците од својата база. Некои аналитичари веруваат дека токму со овој систем владејачката коалиција се претвора во картел.

Недостатоците на мнозинскиот систем се всушност можноста за доминација на исклучително лоши политики, доминирање на локалпатриотските интереси и ризикот од популизам. Но, исто така, аналитичарите предупредуваат дека не е загарантиран процесот на окрупнување на политичката сцена со мнозинскиот систем.

На крајот, теоретичарите се согласни дека не може однапред за некоја држава да се гарантира дека едниот, на пример пропорционалниот, е подобар од другиот, мнозинскиот систем, и обратно. И едниот и другиот имаат предности и недостатоци. Но затоа, искуството од досегашниот изборен систем кај нас, може да ги лоцира предностите и недостатоците и на нив да се работи, првенствено заради унапредување, развој и одржливост на изборен систем што ќе дава најдобри резултати за граѓаните. Тие бргу ќе го почувствуваат тоа.

Кога веќе немаме експерти, кои навистина ќе направат прецизна дијагноза за тоа како треба да се интервенира во изборниот систем, тогаш сме принудени да одиме по системот на обиди и грешки.

Но, секако, решението треба да се гледа во еден поширок контекст, а не само во измена на изборниот модел, туку и измени во законот за партиите и нивна демократизација при внатрешните избори…

Фото: Дарко Андоновски

Н.М.

(Продолжува)