Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кои се улогата, значењето, предностите и недостатоците на инструментот пратенички имунитет. Колку истиот тој се употребува во интерес на граѓаните и државата или можеби се злоупотребува за партиски цели и често како штит кога се напаѓаат политичките противници? Какви се искуствата кај нас и во светот?

ЕКСПЕРТИТЕ И ЈАВНОСТА ПОДЕЛЕНИ ОКОЛУ РЕГУЛАТИВАТА ЗА НЕКАЗНИВОСТ НА ПРАТЕНИЦИТЕ

Во текот на изминатите неколку децении од плурализмот во државата, пратеничкиот имунитет како инструмент во практикување на демократијата во Собранието помина трнлив пат низ неколку различни фази на одобрување или критики. Или, со други зборови, од негово востановување и привилегија за мала група луѓе, до барање за целосно укинување поради честа злоупотреба на пратеничкиот имунитет за политички и партиски цели, спротивно од очекувањата и интересите на граѓаните и државата.

Еднаквост или привилегии за народните избраници, каде ќе натежнат иницијативите

Понекогаш расправите беа иницирани не само поради честата злоупотреба на слободата на говорот во јавни настапи од страна на членовите на парламентите туку и поради сѐ поголемиот број неуспешни обиди за поведување истраги и кривични гонења на пратениците.
Иако во некои земји со развиена демократија во последниве децении се поедноставуваат постапките за негово укинување, сѐ со цел оваа привилегија да не отстапува од принципот на еднаквост на сите пред законот и да се олесни започнувањето кривична постапка против пратеници, многу често, особено во земјите во транзиција, како Македонија, пратениците сѐ уште се заштитени на таков начин што против нив многу тешко може да се започнат истрага и кривичната постапка.
Последен актуелен случај што ја допре темата со пратеничкиот мандат, а предизвика внимание во јавноста, беше оној со пратеникот од Левица, професорот Димитар Апасиев. Имено, во настаните поврзани со полициска контрола на возилото на пратеникот, МВР и професорот „стојат“ на различни гледишта за тоа дали сообраќаен полицаец може или не може да изврши претрес на возило на пратеник поради пратеничкиот имунитет.
Но ова не е единствениот случај во кој јавноста се соочила со темата поврзана со пратеничкиот имунитет.

Одговорност и обврски наспроти право и привилегија

Парламентарниот имунитет беше предмет и на сериозни научни дебати во голем број современи демократски држави, бидејќи дури и таму сѐ повеќе се откриваат корупциски и криминални афери, во кои се вклучени и највисоки државни претставници што често го злоупотребуваат имунитетот и спречуваат увид во своето дејствување.
Има примери и кога пратениците, но и други вршители на највисоките државни функции, третирајќи го имунитетот исклучиво како лична привилегија, а не како одговорност за нивна поквалитетна работа, го злоупотребуваат истиот тој за да можат без никаква одговорност да ги навредуваат, клеветат или компромитираат угледот, честа и достоинството на другите луѓе, особено на оние од спротивставените политички кругови.
Во контекст на актуелните случувања, за нотирање се информациите што велат дека во Македонија, во согласност со Уставот, пратениците уживаат два вида имунитет, и тоа: материјален или суштински и процедурален имунитет. И додека материјалниот имунитет му дозволува на пратеникот да не одговара за кажаното од говорница, процедуралниот имунитет се однесува на кривични дела сторени надвор од Собранието и подалеку од собраниската говорница и затоа овој имунитет не подразбира дека за пратеник не може да се поведе постапка за утврдување негова кривична одговорност, ниту, пак, дека пратеникот не може да биде осуден за кривично дело.

– Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник. За време на мандатот пратениците не подлежат на обврска во вооружените сили. Пратеникот има право на надомест утврден со закон – стои во членот 64 од Уставот на Република Северна Македонија.
Имунитетот на пратениците се регулира и со член 17 од Законот за пратеници.
– Пратеникот ужива имунитет за времетраењето на мандатот. Пратеникот не може да биде притворен без дозвола на Собранието, освен ако бил затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Постапката во врска со применувањето на имунитетот поблиску се определува со Деловникот на Собранието – пишува во законот.
За разлика од кај нас, во Холандија на пример, опсегот на парламентарниот имунитет е многу мал. Од 1884 година наваму, во однос на кривичните и на правните постапки, холандските парламентарци и законодавци се ставени на исто ниво како и обичните граѓани. Привилегијата се однесува само на принципот на слобода од одговорност, а тоа ги опфаќа само дејствата што се експлицитно сврзани со парламентарниот мандат.
Според тоа, холандските пратеници се заштитени само за мислењата што ги искажуваат и за гласањето при извршувањето на службените должности и ова право е апсолутно и неограничено. Меѓутоа парламентот нема никаква улога во одрекувањето од имунитетот на неговите членови од криминални и прекршочни дела на законите на оваа европска земја ако некогаш биле сторени од парламентарците.

Правилното дефинирање на имунитетот е суштинска компонента за борба
против корупцијата

Политикологот Милан Стефаноски вели дека воспоставувањето јасен и спроведлив стандард за политичкиот имунитет е суштинска компонента на секоја национална кампања за борба против корупцијата, особено во земјите каде што привилегиите и заштитата попречуваат важни истраги.
– Корупцијата е главен проблем во Македонија, а тоа ни го посочи минатата недела и Стејт департментот во неговиот последен извештај, па оттука намалувањето на прекумерните овластувања и на злоупотребите сврзани со политичкиот имунитет претставуваат иницијатива преку која се гради довербата во еден демократски систем, кој очигледно ѝ е потребен на нашата земја. Со тоа се демонстрира довербата во објективната способност на институциите, како и високиот степен на политичка волја за одговорност – вели Стефаноски.
Универзитетскиот професор Михал Вит вели дека од суштествено значење за Македонија е имунитетот и привилегиите на пратениците да бидат тесно дефинирани и тие да не отстапуваат премногу од принципот на еднаквост пред законот.
– Загрижувачки е тоа што трендот во многу земји од кои Македонија не е единствена во Европа е токму спротивното, а тоа е да се иницира законодавство што ќе го зголеми опсегот на политичкиот имунитет, со цел да се избегнат или да се пренасочат истрагите за нечесните активности на политичарите – резимира професорот.

[email protected]