Лидерите на Франција и на Германија сфатија дека мора да се насочат кон вистинските решенија за проблемите на Западен Балкан, како што покажа неодамнешниот самит во Берлин, пишува „Нешнл интерест“.
Визијата за „обединета, слободна и Европа во мир“ има незавршен дел на Западен Балкан, кој беше познат како СФР Југославија, пред таа држава да се распадне во војна. Таму се БиХ, Косово, Србија, Македонија и Црна Гора во кои моментно владее привиден мир. Регионот има проблеми кои лесно би можеле да се прошират низ Европа и да влијаат на интересите и безбедноста на САД.
Најголеми проблеми се односите на Србија и на Косово и конфликтите во БиХ во врска со идентитетот и опстанокот на државата. Во двата случаи проблемите потекнуваат од војните. Овие проблеми се како скршени коски кои не биле лечени правилно. Згора, целиот регион страда од корупција и ниски капацитети на управување со државите.
– Европа и САД се обидоа да ги исправат проблемите на Западен Балкан и не успеаја. Потребен е нов пристап, кој ја зема предвид сериозноста на проблемот и прифаќа дека ќе биде потребно долго време за негово решавање. При претходните обиди се грешеше на два начина – вистинските проблеми се игнорираа и премногу работи се случуваа пребрзо – се наведува во анализата на „Нешнл интерест“.
Европа и САД постојано ги охрабруваа лидерите да го оттргнат вниманието од најтешките проблеми и да го насочат кон работата за интеграција во Европската Унија и во НАТО, во надеж дека овој процес ќе ги „омекне“ конфликтите и проблемите. Сега е јасно дека овој пристап не функционира.
Потрагата по решенија мора да продолжи, но тивко, и по можност скриена од погледите на јавноста, и без нереално очекувања и барање на брза победа. Надворешните фактори треба да помогнат преку дипломатија за која нема да се известува на насловните страници. Извесно е дека за напредокот ќе биде потребно време, а некои придобивки можат да бидат загубени во повременото назадување. Европа треба да му помогне на регионот да се поврзе и да ги обнови врските.
Сепак, интеграцијата во евроатлантските институции е далеку и нема да ги реши сите проблеми. Македонија сега е на тежок пат, но исполнет со надеж, откако го реши спорот за името со Грција. Но, БиХ, Косово, Србија и останатиот дел од регионот немаат време за губење. Сега е вистински момент за лидерството на ЕУ во соработка со САД да се насочи кон Балканот и неговите проблеми, за да им го даде потребното внимание. Европските лидери мораат да се вклучат и САД мораат да ги поддржат нивните напори заклучува „Нешнл интерест“.