Постењето се поврзува со воздржување од мрсна храна, но во суштина постењето е многу повеќе од тоа и значи воздржување од лоши мисли и дела и прочистување на телото од искушенија
Од недела почнуваат божиќните пости
Зошто постои постот, по кои правила е востановен, дали храната е најважниот елемент за постењето? Сите овие прашања се актуелни пред секој пост што православната црква го практикува. Од утре почнуваат божиќните пости, кои траат до Христовото раѓање, Божиќ, и се втори најдолги пости во текот на годината.
Поради изборот на храна во продавниците и во рестораните, постот веќе не претставува проблем, дури и за оние што имаат секојдневни работни обврски. Свештениците предупредуваат до помладите верници да не го идентификуваат постот со диета. Сепак, најмногубројни се оние што телесно и духовно се прочистуваат само првата и последната недела од постите, кои завршуваат на Божиќ. Секако, има и такви што поради болест или оправдани причини го ублажуваат постот.
– По правило, верниците до 6 јануари идната година, на Божиќ, треба да се воздржуваат од лоши мисли и храна, со што ќе се означат четириесетдневните пости востановени во чест на раѓањето на Исус Христос – објаснуваат свештениците.
Православната црква учи дека покрај крштението, исповедта и причестувањето, постот е еден од столбовите на христијанската вера, кој е задолжителен за секој верник.
Постењето се поврзува со воздржување од мрсна храна, но во суштина постењето е многу повеќе од тоа и значи воздржување од лоши мисли и дела и прочистување на телото од искушенија.
Овој пост се практикува 41 ден и завршува со посна бадникова вечера, ден пред Божиќ.
Според свештенството на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, правилата на воздржание, пропишани од црквата во божиќниот пост се исти како и за петровденскиот пост.
– Во понеделник, среда и петок во божиќниот пост не се јаде риба, вино и масло, а дозволено е само примање храна без масло. Во другите денови, вторник, четврток, сабота и недела, разрешена е храна со растително масло. Рибата за време на божиќниот пост е дозволена во саботите и неделите, како и на големите празници, каков што е празникот Воведение во храмот на пресвета Богородица, а исто така и на празници на храмови и деновите на големите светии, но само доколку тие празници се паднат во вторник или четврток. Доколку празникот се падне во среда или петок, се разрешува на вино и масло – објаснуваат свештениците.
Универзитетскиот професор и еден од најеминентните теолози во Македонија, Ратомир Грозданоски, на својата веб-страница објаснува дека постот не е само воздржување и одрекување од храна туку е важен и духовниот пост – одрекувањето и воздржувањето од секое зло и грев.
– Во тие денови треба да се испитаме себеси, да се воздржиме од лошите мисли, зборови и дела, да се покаеме и да се исповедаме. Да се измириме и да се очистиме. Духовно да се зајакнеме и да се збогатиме. Да правиме добри дела и да покажеме љубов кон Бога и кон луѓето – посочил теологот Грозданоски.
Постат половина од православните христијани
Прашањето дали и колку граѓаните во земјава ги практикуваат постите било и дел од истражувањето на Институтот за политички истражувања – Скопје и веб-порталот Религија.мк, со поддршка на фондацијата „Конрад Аденауер“, а резултатите покажуваат висок процент на православни верници во Македонија што постат.
– Кај православните христијани, 54 отсто од испитаниците изјавиле дека редовно или понекогаш постат, додека кај муслиманите овој процент е многу повисок, односно дури 94 отсто одговориле потврдно – пишува во истражувањето.