Политичките лидери во земјата вчера го остварија граѓанското право и гласаа на вториот круг од локалните избори. Сите имаа очекувања целиот процес да помине во фер и демократска атмосфера, за да се изрази волјата на граѓаните. Претседателот Стево Пендаровски на денот на гласањето не беше во земјата, поради службено патување. И премиерот Зоран Заев не гласаше на овој круг од локалните избори, зашто градоначалник во општината Струмица беше избран во првиот круг од изборите
Џафери: Радува поголемата заинтересираност на граѓаните
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, гласачкото право го искористи во родното Форино, Гостиварско, од каде што испрати порака за поголем одзив и оцени дека во овој круг граѓаните покажуваат поголема заинтересираност.
– Радува фактот што одзивот на граѓаните е поголем во споредба со претходниот круг. Процесот на гласање е без проблеми и во мирна атмосфера. Мојот апел до граѓаните е да излезат во поголем број и да го искористат гласачкото право и со тоа да покажат дека тоа е нивна волја. На кандидатите им посакувам успех на крајот од броењето на гласовите. Мислам дека успехот на крајот на денот е сѐ да помине во најдобар ред – изјави Џафери.
Мицкоски со честитка до граѓаните
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по гласањето на избирачко место во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, им честита на граѓаните, кои, како што рече, барем до овој момент масовно излегуваат и ја изразуваат својата слободна волја.
– Од она што можам да го добијам како информација од терен е дека волјата и надежта за новата иднина се присутни кај народот во Македонија и тие, практично, со своето гласање, масовно во утрината, го покажуваат. За жал, можеме да забележиме многу неправилности изминативе денови, многу злоупотреба на државни институции од страна на оваа власт, која е во заминување. За мене тоа претставува многу недемократски и насилнички обид да се добие волјата на граѓаните. Но мислам дека сето тоа ќе има спротивен ефект и дека денеска ќе победи новата иднина, ќе победи надежта, ќе победат проектите, ќе победат промените – рече Мицкоски.
Шилегов: Гласањето е празник за демократијата
Кандидатот за градоначалник на градот Скопје на СДСМ и на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Петре Шилегов, по гласањето на избирачкото место во СУГС „Георги Димитров“ во Тафталиџе, порача дека гласањето е празник за демократијата.
– Гласањето е нешто кога луѓето одлучуваат во кој правец сакаат да се движат, во конкретниот случај градот Скопје. Имајќи предвид дека меѓу двата изборни круга успеавме до граѓаните да допреме со концепт, континуитет и развој на нашиот град. Одзивот е поголем од првиот круг, а јас сум убеден дека скопјани со масовното излегување ќе одберат градот да се движи во континуитет, развој и храбри потези што заедно ги влечеме, и ќе ги почекаме резултатите до вечерва – изјави Шилегов.
Арсовска: Натпревар на подобри идеи и визии
Независната кандидатка за градоначалник на градот Скопје, Данела Арсовска, откако го оствари своето право на глас во избирачкото место во општината Ѓорче Петров, порача дека верува дека успеале да го остварат своето лично право да го дадат својот глас за каква сакаме да биде иднината на Скопје.
– Во првиот круг водев со 8.000 гласа, а во вториот ќе биде поголема бројката на оние лица што ќе ја поддржат визијата за модерно Скопје – истакна Арсовска.
Таа потенцира дека изминатиот период, наместо натпревар за подобри идеи и визии, била присутна црна кампања, која, како што рече, имала за цел да омаловажи.
– Она што ја обележи оваа кампања, а и вчерашниот ден, за време на молкот, е црната кампања и, за жал, овие избори не се претворија во избори каде што се натпреваруваме за идеи и за визија, туку беа избори каде што се обидуваа да ја омаловажат вредноста на човекот, на личноста, на жената, на некој што се обиде во оваа трка да понуди поубава слика за нашето Скопје, за иднината што доаѓа.
Арсовска изрази благодарност до, како што рече, оние граѓани што, без разлика на црната кампања, продолжиле да веруваат во нејзината визија.
– Јас како човек којшто живее во овој град 42 години, сметам дека моите пријатели, моето семејство, сите оние што ме познаваат, меѓутоа и сите скопјани што ја видоа искреноста во мене, го дадоа на овие избори својот глас и се надевам дека вечерва ќе славиме за поубаво Скопје – порача Арсовска.
Ахмети: Да потврдиме дека сме подготвени да станеме членка на ЕУ
Своето избирачко право, лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети го оствари во кичевското село Зајас. Тој истакна дека гласањето се одвива многу добро и посочи оти овие избори се вистински тест за зрелоста на нашата земја.
– И на овие избори треба да потврдиме дека сме земја подготвена да стане членка на Европската Унија. Процесот на гласањето се одвива според планираното. Ние сме земја што е на врата да ги започне преговорите со ЕУ, а овој процес помага за потврдување на нашите вредности како држава. Се надевам дека секоја партија на крајот ќе ги прифати остварените резултати од овие избори. Потоа сите да се фатиме за работа – рече Ахмети.
Села: Промените ја поттикнуваат конкуренцијата
Промените се добри, бидејќи ја поттикнуваат конкурентноста и се надевам граѓаните ќе бидат насочени кон промени, изјави лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, по остварувањето на гласачкото право во струшкото село Ливада.
Користејќи го своето демократско право да гласа за градоначалник на општината Струга, тој посака фер, коректни и демократски избори, на кои ќе се изрази волјата на граѓаните.
– Моите очекувања се дека граѓаните секогаш треба да бидат насочени кон промени. Промените се добра работа во едно општество, бидејќи ја поттикнуваат конкуренцијата, ги прават политиките поодговорни. Се надевам дека така ќе решат и сите граѓани – рече Села.