Иселувањето што континуирано тече во целата наша земја, придонесува да се намали бројот на жителите, а со тоа и бројот на гласачите и гласачките места ширум државава. Така за претстојниот референдум 80 гласачки места поради недоволниот број на гласачи се преместуваат во поголемите селски населби, но не подалеку од 5 километри, од кои дури 13 се во Кичевско-Бродскиот регион.

-На секои наредни избори бројот на гласачи и следствено на тоа и гласачки места во нашата општина е се помал. Така и за претстојниот референдум поради недоволниот број избирачи, помалку од 10, се гасат избирачките места во селата каде што живее чисто македонско население и тоа:Ехловец, Рабетино, Дупјани, Душогубица, Кладник и Јагол Доленци, каде што има помалку од 10 гласачи. Овој тренд се очекува да продолжи и понатаму, бидејќи бројките го потврдуваат тоа. Така во уште десет села од нашата општина бројот на гласачи едвај достигнува 10 – 11, а бидејќи се работи за старо население, за очекување е на секои наредни избори да биде изгасено уште по некое од гласачките места и тоа придонесува за толку да се намали и бројот на избирачки одбори-истакна Младен Ванчоски, раководител на одделението на ДИК во Кичево.

Уште подрастична е состојбата во Бродска општина, каде моментално се изгасени 8 избирачки места и благодарение на само еден нов гласач, ова намалување го преживеа село Драговдол.

-Во нашата општина се гасат, поточно се спојуваат 8 гласачки места и жителите од овие села ќе гласаат во соседното најблиско село каде што има повеќе од 10 избирачи. Така гласачите од Ижиште ќа гласаат во Ореовец, од Вир во Модриште, од Горно во Долно Ботушје, од Рамне во Самоков, од Сушица во Томино Село, од Инче во Зркле, од Здуње во Близанско и од Тажево во Брезница. Така бројот на избирачки места за претстојниот референдум во нашата општина се намали од претходните 53 на сегашните 45, колку што и избирачки одбори ќе бидат формирани за претстојниот референдум. Во последен час гасењето на избирачкото место го преживеа село Драговдол, бидејќи таму е запишан уште еден гласач и дојдено е до минимумот од 10 избирачи-потстети Лена Милошеска од ОИК за Македонски Брод.

З.А.