Несомнено, по 20 години немање попис, ова требаше да биде беспрекорно чиста операција, но со прекините на пописот, падот на системот, долгото попишување на дијаспората, префрлањето на ингеренциите од ДЗС на Владата, непотребно се остава простор за сомнеж дека некој калкулира со целата операција
Кој генерира тешки предизвици за
најголемата статистичка операција во земјава
Пописот на населението, домаќинствата и становите само по една недела од стартот во два наврата е прекинат. Ентузијазмот на проектот паѓа, а јавноста повторно почна да гледа со доза на скепса и недоверба на целата операција.
Ако во период од само пет дена од стартот двапати се прекинува пописот, тогаш надлежните треба веднаш да имаат точна дијагноза, но наедно и ефективно решение за надминување на пречките. Тест-периодот одамна помина. Недопустливо е да се нема прецизен одговор зошто во периодот по првичното одложување на пописот во април не беше направена целосна проверка на системот во секакви услови на оптоварување, за да не се случуваат вакви инциденти среде попис и да не се јавува недоверба.
Најпрво, системот падна на вториот ден од пописот, по што од ДЗС вината ја префрлија врз интернет-операторот, од каде што, пак, демантираа дека тие имале какви било проблеми со мрежата. Само што беше отстранет тој проблем, по три дена попишување, најголемата статистичка операција повторно беше прекината, овој пат со објаснување дека се јавиле помали технички предизвици предизвикани од зголемениот обем на попишување.
Зошто ДЗС бара Владата да објаснува зошто е запрен пописот?
– Во тек е надминување на помали технички предизвици што повремено се појавуваа претходните денови, кога на терен имаше висок интензитет на попишување. Сите внесени податоци се успешно процесирани во системот, а техничките усогласувања се прават за процесот да продолжи со несмален интензитет – соопштија од ДЗС.
Соопштението следува откако претходно статистичарите информираа дека причините за последниот прекин на пописот ќе ги соопшти Владата, но откако не се случи тоа, следуваше информацијата од ДЗС дека прекинот се случил поради „техничките предизвици“.
Нејасно е зошто ДЗС бара Владата да објаснува зошто е запрен пописот, кога токму Заводот е надлежен за спроведување на статистичката операција.
Ако на сето ова се придодаде и пописот на дијаспората, кој трае уште од април, што само по себе претставува преседан во статистиката, дополнително се зголемуваат индикаторите дека нешто не е како што треба.
По падот на системот, кај граѓаните се јавува страв и за тоа каде завршуваат нивните податоци, односно дали тие можат да станат предмет на злоупотреба.
Несомнено, по 20 години немање попис, ова требаше да биде беспрекорно чиста операција, но со прекините на пописот, падот на системот, долгото попишување на дијаспората, префрлањето на ингеренциите од ДЗС на Владата, се остава простор за сомнеж дека некој калкулира со целиот процес.
– Чудно е за толку кратко време двапати да паѓа системот. Јас како граѓанин верувам дека сè е во ред и дека се можни технички проблеми, но не можете да ги обвините и оние што се сомневаат, оти навистина е симптоматично ова што се случува – вели Кристијан Димовски, ИТ-техничар.
Смирувачки тонови дека пописот продолжува со најголема веродостојност и квалитет на податоците
Поранешниот директор на Државниот завод за статистика и добар познавач на пописната проблематика Дончо Герасимовски, со нескриена доза на оптимизам, смета дека, без оглед на напредокот на техниката и технологијата, се случува на моменти таа да затаи.
– Станува збор за технички проблем поради интерактивното работење и приемот на голем број податоци испратени од страна на попишувачите. Ваквите проблеми не се реткост и со нив лично сум се среќавал уште во времето на поранешна Југославија, кога внесувавме податоци во тогашниот Сојузен завод за статистика во Белград. И тогаш се случуваше системот да паѓа, да не прифаќа некои податоци и слично. Како и да е, без оглед што техниката оди напред, сепак, се јавуваат проблеми што никој не може да ги предвиди – вели Герасимовски.
Според него, никој не треба да има сомнеж околу крајниот резултат на пописот, бидејќи системот не дозволува никакви дополнителни интервенции и корекции.
– Граѓаните немаат никаква причина да се сомневаат дека некој ќе влезе во системот и ќе ги штелува резултатите. Сите податоци од попишувачите се собираат во една база и сомнеж не треба да има во поглед на веродостојноста и квалитетот на податоците. Податоците од пописот се агрегирани. Не се даваат податоци за ниту еден граѓанин, домаќинство или слично, туку тие се како збирна бројка и затоа е невозможно да се влезе и да се прави корекција, некој да се избрише или додаде – категоричен е Герасимовски.
Тој смета дека граѓаните не треба да стравуваат за безбедноста на дадените податоци.
– Податоците се безбедни и сигурни и тие се акумулираат на едно место, каде што не може да се влијае и да се врши одредена корекција. Дури и стравувањата дали некој ќе ги коригира податоците се неосновани, бидејќи информатичката опрема не дозволува да се влезе во системот и да се врши корекција – истакнува Герасимовски.
За поранешниот директор на ДЗС динамиката на попишување е просечна и ако се продолжи со ова темпо и ако нема нови застои, за 10-15 дена би требало да заврши целата операција.
– Динамиката на попишување е просечна. Ако продолжи со оваа динамика, за десетина дена ќе има над милион и половина попишани граѓани. Основната цел на пописот е да имаме целосен опфат и на населението и на домаќинствата и на становите. Техниката што ја имаме овозможува пописот да заврши за 10-15 дена – истакнува Герасимовски.
Тој изрази надеж дека пописот ќе заврши успешно.
– Очекувам пописот да биде успешен и постојано се борам за тоа, бидејќи тоа е во функција на државата. Без попис, таа не може да функционира. Колку кредити, колку проекти, колку финансиски средства пропаднаа затоа што немавме попис. Пописот ја создава иднината – констатира Герасимовски.
ДЗС работи на отстранување на техничките проблеми и се справува со хакерски напади
Државниот завод за статистика информира дека пописните активности на терен се одвиваат со намален интензитет за да се усогласат сите технички аспекти што изминатите денови предизвикаа проблеми во работењето.
– Ова се должи на техничките интервенции што се вршат во софтверот за пописната апликација, поради што се диктира и приспособува темпото на попишување заради санирање на пречките што доведуваа до забавување на пописната апликација – велат од ДЗС, истовремено појаснувајќи дека пописот не е прекинат.
Од ДЗС уште додаваат дека последниве денови веб-страниците на Државниот завод за статистика се под постојани напади и затоа во одредени периоди не се достапни, поради заштитите што се користат за спречување на овие напади.
– Страниците се со највисоко ниво на безбедност, а податоците се заштитени на повеќе нивоа по највисоките ИТ-стандарди. Апелираме до јавноста да има разбирање за овие технички проблеми, кои се вообичаени кога станува збор за масовни операции со користење напредни технологии, и повторуваме дека процесот на попишување е во рамките на планираното и очекуваното и тој ќе биде целосно, успешно и крајно професионално завршен до 30 септември – истакнуваат од ДЗС.
И Бугарија го прекина пописот на првиот ден од електронското попишување
Според бугарски „Дневник“, на првиот ден од електронското попишување во Бугарија, веб-сајтот за пописот беше нападнат од хакери и привремено беше прекинато попишувањето. Според бугарскиот Национален статистички институт (НСИ), до вчера адресите од кои хакерите напаѓале се блокирани. Според претседателот на НСИ, Сергеј Цветарски, хакерскиот напад се случил токму на првиот ден од пописот, околу 11 часот по бугарско време, а хакерите се идентификувани. Наедно, блокирани се адресите од кои се врши нападот на серверите на НСИ. Тој ја отфрли можноста да има истекување податоци и рече дека се преземени мерки против тоа.
Најновиот попис во Бугарија, 18-ти по ред од 1871 година, ќе се врши електронски до 17 септември, а потоа, од 18 септември, ќе почне класичното попишување, со вкупно 27.000 попишувачи.