Темата поврзана со борбата и спречувањето на популизмот деновиве е исклучително активна во телата на Европската Унија. Минатата недела генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, во Стразбур, во својот говор пред ова европско тело, наведе дека ЕУ во фокусот на своето идно дејствување ќе има сет политички мерки со кои, меѓу другото, ќе се обиде да се справи и со популизмот. Зошто популизмот во ЕУ е оценет како закана и како ќе биде третиран во нашата држава?
Случајно или не, по изјавата на генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, за решително справување со популизмот во Европа, во јавноста и во медиумите на Стариот Континент се појавија и низа стручни стратегии и анализи, но и делови од планот за тоа како ќе се справува Брисел со овој несакан феномен, кој често е присутен и кај нас.
Мерки за сузбивање на популизмот
Имено, на оваа тема пишува британскиот сајт „Конверзејшен“, кој глобално третира теми поврзани со функционирањето на политиките во Европа, каде што Ричард Махер за порталот истакнува дека постојат стратегиски европски документи, кои ќе се обидат да го сузбијат популизмот. Во планот на ЕУ, меѓу мерките што Брисел ќе настојува да ги применува, се наведува и тоа дека Унијата ќе наложува во предизборниот период во земјите-членки, независно за какви избори станува збор, да се практикуваат политики на отвореност кај владите и политичарите. Понатаму, според дел од објавениот план на Брисел за борба против популизмот, ЕУ ќе бара да се намали дистрибутивната реторика, кога станува збор за она што би направиле политичарите за имиграцијата, економската политика или националната безбедност. Според британски „Конверзејшен“, Унијата исто така ќе настојува политичарите да дадат реални решенија за проблемите пред почетокот на кампањите, со кои нема да се туркаат голем број нивни граѓани кон популистичките партии и кандидати за време на изборите. Дополнително, интересно е што ЕУ ќе настојува владите во земјите во Унијата пред изборите да ги признаат оригиналните податоци за грижите и состојбата со миграцијата, националниот идентитет, тероризмот во земјата во која се одржуваат изборите и сл.
Популизмот кај нас различен од европскиот?!
Правејќи споредба како Европа се справува со популизмот, а како Македонија стои на ова поле, некои аналитичари со кои разговаравме велат дека политичарите во земјава практикуваат популизам што е различен од оној во западноевропските земји, а државава не спроведува некои антипопулистички мерки, бидејќи тоа не им одговара на париите. Наједноставно кажано, велат аналитичарите, популизмот е своевиден политички маркетинг, кој е најизразен кога има ниска политичка еманципација, па тогаш е полесно да се манипулира народот, а тоа се случува кај нас секогаш пред избори.
Политичкиот аналитичар Ким Мехмети вели дека во Македонија популизмот е дел од реториката на сите политички партии и дека тој е насочен кон генералните заеднички проблеми на сите групи во македонското општество, како сиромаштијата или невработеноста. Сепак, тој објаснува дека со поголема отвореност на партиите во предизборието би се намалил, но не би се искоренил од македонското општество.
– Популизмот не е некој специјалитет на политики што ги карактеризира балканските земји, туку него го има и во европските. Има земји што во ЕУ градат политики на антиимигрантство и тоа е мода на денешната политика во сите европски земји, но зависи каде, кога и колку. Неговата застапеност зависи, пред сѐ, од сиромаштијата, односно колку е посиромашна земјата толку повеќе се употребува популизмот во говорите на политичарите и во мерките на владите таму. Реално, во земјава единствено преку политики на отвореност кај париите во предизборието, но и на владите би можело малку да се ублажи овој тренд, но не и да се отстрани. Кога сите би ги претставувале реалните податоци пред граѓаните кај нас, што би било добро иако би згаснале многу политички кариери, народот би можел да ја добие вистинската слика за општеството, проблемите и нивните можни решенија. Ваквиот план што се заговара во ЕУ, иако е добар, мислам дека малку е реален да се спроведе на терен, најпрво на европско почва, а уште помалку на балканска и македонска – истакнува политичкиот аналитичар Мехмети.
Постои и „коректно количество“ популизам?!
Според поранешниот дипломат Ристо Никовски, транспарентноста на власта во насока на функционирањето на демократијата и вистинското владеење на правото може да ја сузбие оваа појава.
– Популизмот е феномен што е присутен во сите земји во светот и го користат сите партии дури и најголемите и во најважните земји. Прашање е само до која мера и до каде оди тој. Нормално е дека го има и кај нас. Одговорот на тоа е само поголема транспарентност. Ако се постигне тоа, иако сѐ што се прави во голема мера ѝ е достапно на јавноста, популизмот ќе се сведе на нормална и неизбежна мера. Во спротивно, тој станува цел сам на себе и е контрапродуктивен. Заклучокот е популизам да, во нормална и потребна мера и целосна транспарентност на сѐ што прави власта за да се оди во вистинска демократија и во вистинско владеење на правото – оценува Никовски. Различно од претходните двајца соговорници размислува политикологот Петар Арсовски. Според него, најголема работа со која брзо можеме да се справиме со популизмот во земјава е борбата против лажните вести и нарачаните политички текстови на порталите во предизборието. Како што објаснува Арсовски, недостига и еманципација на читателската публика, која во иднина би ги казнувала демагозите што промовираат популизам во нивните говори.
– Кратки решенија против популизмот во земјава не постојат. Она што можеме да направиме е да ја зајакнеме борбата против лажните вести, а истовремено да го едуцираме населението како да разликува што е вистина а, што не е. Во исто време треба да ја намалиме и оттргнеме финансиската помош за медиумите што се лажни и да се свртиме кон традиционалните и проверени медиуми. Додека гласачите не ги казнуваат политичките демагози за изнесените невистини во земјава, тешко можеме да зборуваме за сузбивање на популизмот, кој е особено застапен кај нас пред секои избори – заклучува Арсовски.