Бугарското лицемерство очигледно не можат да го поднесат голем дел од европските принципиелни политичари, кои сè поотворено бараат да се укине принципот на едногласност во ЕУ и со тоа да се спречат уцените што земјите-членки ги упатуваат кон земјите-кандидатки, со што го доведуваат под сериозен прашалник процесот на проширување, а истовремено ја загрозуваат и безбедноста на овие простори
Бугарското вето ги актуализира барањата за укинување на консензуалното одлучување во ЕУ
Ветото што Бугарија го стави за почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, уценувајќи ја земјава со прифаќање на барањата за бугарско потекло на народот и јазикот на овие простори, повторно го наметнува прашањето дали Европа воопшто е способна да спроведува европска политика или повеќе станува збор за наменска регионална политика креирана според желбите на секоја земја-членка.
Токму во случајот со Македонија се покажа дека ЕУ целосно се девалвира себеси и европските вредности што ги прокламира, гарантирајќи ѝ на земјава сигурен европски пат само ако го реши прашањето за името.
И кога тоа се случи, кога Македонците го „голтнаа и тоа горко апче“, сега истата таа Европа ни објаснува како мора да соработуваме ако сакаме да станеме дел од европското семејство, па макар таа соработка да значи и целосно себенегирање само за да се задоволат барањата на земјите-членки на Унијата.
Ваквото лицемерство очигледно не можат да го поднесат голем дел од европските принципиелни политичари, кои сè поотворено бараат да се укине принципот на едногласност во ЕУ и со тоа да се спречат уцените што земјите-членки ги упатуваат кон земјите-кандидатки, со што го доведуваат под сериозен прашалник процесот на проширување, а истовремено ја загрозуваат и безбедноста на овие простори.
– Ниту една земја на ЕУ нема право да го негира правото на самоопределувањето на друга земја. По блокадата на Кипар на санкциите на ЕУ против Лукашенко, ЕУ треба конечно да го искористи бугарското вето како повод да го укине принципот на едногласност и со тоа да ја врати способноста на Унијата да дејствува при важни одлуки – смета пратеничката на Либералната партија во германскиот Бундестаг Рената Алт, истовремено повикувајќи ја Владата во Берлин да влијае врз Софија за да ѝ се отвори патот на Македонија кон ЕУ.
Доказ дека ЕУ се соочува со проблеми при креирањето заедничка европска политика се плановите на Европската комисија за преминување на гласање од консензус на квалификувано мнозинство во одреден број области, пред сè во делот на енергијата, климата, даноците и социјалната политика. Засега промена за консензуално одлучување при проширувањето нема, но последното бугарско вето за Македонија е добар повод Европа да ја преиспита и оваа област за да не ги демотивира во спроведувањето на реформите земјите-аспиранти за членство, а истовремено и да не го урива сопствениот кредибилитет меѓу луѓето во тие земји.
– Дефинитивно мислам дека е неопходно ЕУ да го промени консензуалното одлучување, не само поради Бугарија, туку поради Унгарија и Полска, земји што очигледно имаат проблеми со примената на европските стандарди на приближно ниво како старите земји-членки, а да не зборуваме за некои нови стандарди што секојдневно се појавуваат и со кои се зголемува заштитата на правата на одредени кругови луѓе – вели професорката Мирјана Најчевска.
Според неа, консензуалното одлучување можеби функционирало во време кога Унијата била составена од помалку држави.
– Во еден похомоген состав консензуалноста веројатно имала добар удел и изиграла добра улога, меѓутоа во моментот кога се проширува тој круг и кога станува похетероген, очекуваме и веќе се гледа дека станува отежнувачка околност и проблем токму за спроведување на овие стари и нови вредности што ги гради ЕУ – нагласува Најчевска.
Универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски смета дека без консензуалното одлучување Европа би можела да функционира многу поефикасно.
– Со укинувањето на консензуалното одлучување, сама Европа би можела да функционира многу поефикасно, бидејќи со правото на вето доволно е која било земја да биде против одредена одлука и целата работа на ЕУ да биде закочена. Тоа, пред сè, ѝ е потребно на Европа, а не толку на другите земји бидејќи правото на вето де факто значи насилство на малцинството врз мнозинството – вели Цуцуловски.
Според него, ваквите барања за укинување на консензуалното одлучување во ЕУ може да се дел од она што го најави францускиот претседател Емануел Макрон, а на кое се приклучија и Германија и Холандија, во рамките на напорите за внатрешни реформи на Унијата.
– Веројатно поголемите земји-членки на ЕУ се чувствуваат нерамноправни кога не можат да донесат одлука поради блокада од некоја земја, која е еден вид приврзок во Унијата. Франција и Германија можат да бидат закочени од која било земја, со сиот респект кон нивниот суверенитет – истакнува Цуцуловски.
Од своја страна, Симонида Кацарска од Институтот за европски политики смета дека ЕУ тешко ќе се откаже од консензуалното одлучување.
– Барањата за укинување на консензуалното одлучување, иако издржани во многу случаи, се косат со реалната состојба во ЕУ. Тешко е да замислиме сценарио во кое земјите-членки би се согласиле на таков чекор – вели Кацарска.
Таа додава дека во регионален контекст ЕУ ги поткопува политиката на условеност и привлечноста како модел, кои служеа во минатото како пример за решавање конфликти.
– Дефинитивно, преку нашиот случај ЕУ го губи и онака нискиот кредибилитет во однос на процесот на проширувањето. Условувањата од земјите-членки што не се поврзани со процесот на пристапување го поткопуваат имиџот на ЕУ и имаат последици што се многу позначајни од нашата земја – појаснува Кацарска.