Во сегашниот извештај една од важните забелешки на ЕК е во делот за правдата, со која Европската Унија изразува загриженост за носењето закони по скратена постапка во Собранието, со злоупотреба на таканареченото „европско знаменце“ и без демократска дебата. Такви законски акти со кои е злоупотребено европското знаменце се Законот за употреба на јазиците, собраниската процедура за усвојувањето на Преспанскиот договор, брзата постапка за легализацијата на канабисот, Законот за недискриминација итн.
Укор од Брисел за брзите прсти во Собранието
Иако очекувањата во Македонија на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава со европските реформи најмногу беа насочени кон генералната оцена за подготвеност за почеток на преговорите со ЕУ, сепак, содржината на овој европски известувачки документ во голема мера претставува прецизна вивисекција на политичките слабости и пропусти во политичкото функционирање на општеството. Општата описна оцена „умерено подготвена“, на некој начин е укажување на ЕК дека повеќе внимание треба да се посвети на забелешките отколку на пофалбите за досега сработеното. Всушност, со додавањето на принципот на реверзибилност, кој ќе биде применет во очекуваната преговарачка рамка за Македонија, и понатаму предмет на оцена ќе биде и примената на веќе сработените реформи. Сепак, во сегашниот извештај, една од важните забелешки на ЕК е во делот за правдата, со која Европската Унија изразува загриженост за носењето закони по скратена постапка во Собранието, во Комисијата за европски прашања на Собранието сo таканаречено „европско знаменце“, без демократска дебата и со исклучување на опозиција од дебатата.
– Парламентот се соочува со предизвик во подобро планирање и координација на својата работа, за да обезбеди попредвидлив процес на носење закони. За време на периодот опфатен во извештајот, во текот на парламентарните сесии, Собранието усвоило 86 закони, вклучувајќи 22 во регуларна законска процедура, и 11 ратификации, вклучувајќи ја и ратификацијата на протоколот за НАТО (Северноатлантскиот договор). Бројот на закони усвоени во скратена процедура, најчесто по предлог од членови на парламентот, е во значителен пораст во периодот опфатен со извештајот, што претставува предмет на загриженост – е наведено во извештајот на Европската комисија.
Практиката на носење закони по скратена процедура се провлекува одамна во работата на Собранието и не е првпат тоа да биде забележано во европските извештаи. Најголеми реакции за употребата на т.н. европско знаменце (што претпоставува забрзана законодавна постапка), во времето на мандатот на претходниот парламентарен состав, предизвика процедурата за усвојување на Законот за употреба на јазиците, но и целата собраниска процедура за усвојувањето на Преспанскиот договор. Исто така, брзата постапка беше применета и за легализацијата на производство на канабис за медицински потреби, како и Законот за недискриминација, кој токму поради процедурални пропусти беше оспорен од Уставниот суд… Сега на ваквото отворено укажување од страна на Европската комисија за злоупотребата на европското знаменце при носењето на законите треба да се гледа навистина како на сериозно предупредување.
– Ноторен факт во Македонија е дека секој што е на власт сака законите што му се потребни за исполнување на сопствените програми и интереси да ги донесе по брза постапка. И некако стана вообичаено Собранието, кое е всушност законодавната власт, само да ги „аминува“ предлозите на извршната власт, т.е. на Владата. Таквата состојба објективно е забележана во извештајот на Европската комисија. Сепак, не верувам дека ваквата забелешка ќе предизвика собраниско преиспитување на законите донесени по брза постапка, пред сѐ, поради грешка во Деловникот. Ако се промени Деловникот, можеби и би било можно преиспитување.
Од друга страна, сметам дека забелешката во извештајот е повеќе предупредување за во иднина, за начинот на кој ќе се носат реформските закони во текот на преговорите со ЕУ, со кои македонското законодавство би се усогласувало со европското. Забелешката е укажување дека таквите закони треба да се носат во редовна постапка, со учество на опозицијата и на сите релевантни политички фактори во Собранието – вели професорот по управно право на Правниот факултет при УКИМ, Борче Давитковски.
Во однос на можноста за преиспитување на досега донесените закони по скратена постапка, професорката по уставно право и актуелна пратеничка, Гордана Силјановска-Давкова вели дека тоа може да го направи Уставниот суд, кој може да се изјаснува не само за содржинската усогласеност на законите со Уставот туку и да се изјасни за процедуралната правилност во носењето на законот. Силјановска-Давкова потсетува дека досега единствено Законот за недискриминација е оспорен од Уставниот суд, токму поради пропусти во процедурата при неговото изгласување. Но исто така, професорката укажува дека Уставниот суд има инструменти со кои по правен пат може да ја прекине практиката на носење закони по брза постапка, односно секаде каде што има дефекти во законите, и содржински и процедурални, може да се бара мислење на Уставниот суд, но и самиот Уставен суд може да поведе постапка.
– Забелешките во извештајот на Европската комисија за брзото носење закони е реална слика на она што се случува во Собранието. Носењето закони по скратена постапка оневозможува транспарентност и инклузивност на процесот, односно да бидат ислушани субјектите на кои се однесува законот и експертската јавност. Тие критериуми треба да се почитуваат дури и во услови на пандемија и да се пронајде модус како безбедно да се спроведе тоа. Зачестената употреба на скратената процедура при носењето на законите води кон деформации во примената на поделбата на власта на законодавна и извршна власт, речиси секогаш на штета на законодавната – вели професорката Гордана Силјановска-Давкова.
Како дел од новиот парламентарен состав, професорката Давкова-Силјановска констатира дека, за жал, и понатаму продолжува практиката на носење закони по брза постапка, како целиот пакет закони за образованието. Истовремено потсетува и дека според членот 170 од Деловникот на Собранието е регулирано кога се применува брзата постапка во носењето на законите и дека тоа не е секогаш неопходно дури и при усогласување на законите со европското законодавство, на што укажува и забелешката во извештајот на Европската комисија.