Изучувањето јазици како изборни предмети, како пристап, е цивилизациска придобивка. Државите треба да го стимулираат тоа преку образовните системи. Така треба(ше) да биде и во Македонија – македонскиот јазик да се изучува задолжително, а да се создадат услови за изборно изучување на јазиците на малцинствата, како и на светските јазици. Во еден таков амбиент, изучувањето на кој било јазик на соседите и малцинствата (вклучувајќи ги и српскиот, и бугарскиот, и албанскиот, и грчкиот…) е во ред, но како изборно образование. Притоа, такво право на избор за изучување на македонскиот јазик треба да биде овозможено реципрочно и кај соседите, кои бараат нивните јазици да се изучуваат во Македонија. Тоа е културен цивилизациски принцип…
Изучување на македонскиот јазик кај соседите е форма на добрососедска надградба
Искуството од лингвистичката практика предупредува дека блискоста на јазиците често може да биде причина говорители на различни јазици од иста јазична група – погрешно да се разберат. Најчеста стапица за погрешното разбирање може да биде ситуацијата кога ист збор во двата јазика има различно значење. Но кога во јазичните прашања ќе се вмеша политиката, веројатноста за постигнување меѓусебно разбирање драстично се намалува. Со таков проблем актуелно се соочува Македонија, чиј евроинтеграциски пат е блокиран во голема мера поради различните гледишта на јазичните прашања од соседите – во оваа фаза конкретно од Бугарија.
Во апсурдниот историско-идентитетски заплет на македонско-бугарските односи, кој се создаде во изминативе пет-шест месеци и кулминира со вето за Македонија пред ЕУ, бугарскиот европратеник Андреј Ковачев додаде уште еден циничен јазол со уште една своја порака до македонските политичари. Имено, најавата на македонскиот премиер Зоран Заев (на денот на одбележување на националниот празник на српското малцинство во Македонија) дека учениците во Македонија ќе добијат можност во училиштата да изберат да го изучуваат (факултативно) српскиот јазик, Ковачев упати прашање на социјалните мрежи „дали таква би била и честитката на премиерот Заев до Бугарите во Македонија по повод бугарскиот празник“. Притоа, и во ироничната забелешка, Ковачев останува доследен на симптоматичноста на бугарската политика за непризнавање на македонскиот јазик, па дури ни на шега не ја споменува можноста за изучување на македонскиот јазик во рамките на образовниот систем во Бугарија.
Во одредена смисла, барањето на бугарскиот европратеник може да се протолкува и како обид за пошироко регионално проблематизирање на актуелниот македонско-бугарски спор, но и уште една провокација со традиционалните фрустрации на бугарската политика спрема соседите. Сепак, и таквиот контекст би можел да биде повод за барање конструктивни решенија за надминување на политичките разлики, преку идејата за реципрочно изучување на јазиците на соседите во регионот, и како изборна форма за лична лингвистичка надградба, но и како можност за избор во образовниот процес на учениците, секако поврзано со малцинските права. Реципрочноста произлегува од принципот на еднаков суверенитет на државите и би значело – како што постои можност јазиците на соседите да се изучуваат во Македонија, така и македонскиот јазик да се изучува во соседството, што секако би претставувало манифестација на цивилизациска придобивка. Но со оглед на политичката комплексност во односите на (со) соседите во регионот наречен Западен Балкан, идејата за реципрочно изучување на јазиците на соседите, секогаш навлегува во зоната на тензична дискутабилност.
– Изучувањето јазици како изборни предмети секако е цивилизациска придобивка и потреба, и државите треба да го стимулираат тоа преку образовните системи. Така треба(ше) да биде и во Македонија – македонскиот јазик да се изучува задолжително, а да се создадат услови за изборно изучување на јазиците на малцинствата, како и на светските јазици. Во еден таков амбиент не гледам проблем да се изучува кој било јазик на соседите и малцинствата (вклучувајќи ги и српскиот, и бугарскиот, и албанскиот, и грчкиот…), но како изборно образование. Не можете некому да му наметнете да учи некој јазик, туку тоа треба да биде право на избор. Притоа, такво право на избор за изучување на македонскиот јазик треба да биде овозможено реципрочно и кај соседите, кои бараат нивните јазици да се изучуваат во Македонија. Тоа е културен цивилизациски принцип, кој во балканското соседство функционира условено од политичките интереси – вели академик Катица Ќулавкова, за идејата за реципрочно изучување на соседските јазици на Балканот.
Спроведувањето настава на мајчин јазик, како една повисок степен на изучување на јазикот, е директно поврзано со почитувањето на правата на малцинствата во една држава. Регулацијата на малцинските права пак е дел од внатрешното уредување на државите, а во македонското соседство отворањето на таа тема редовно предизвикува повисок тон во билатералната и воопшто во меѓународната комуникација, особено кај земјите-членки на ЕУ, Грција и Бугарија.
– Како една од можностите за изучување на македонскиот јазик во странство, на факултативно ниво, е македонската држава да инвестира во отворање културни центри во рамките на амбасадите кај соседите, па и секаде каде што има можност. Но организирање настава на македонски јазик, како мајчин јазик може да се спроведе во рамките на остварување на правата на малцинските заедници. Соседската реалност ни е таква што во Грција – македонскиот јазик би можел да се изучува само како „јазик на соседот“, а во Бугарија и таквата можност е речиси политички невозможна. Од соседството каде што има македонски малцински заедници, настава на македонски јазик се изведува единствено во Албанија. Во Србија, теоретски и законски постои можност за изведување настава на македонски јазик во неколку места каде што има поголема македонска заедница, но велат дека не постои интерес. Во Хрватска постои можност за факултативно изучување на македонскиот јазик, во рамките на училиштата и државата ги финансира таквите програми, како дел од политиката на почитување на правата на малцинствата. Истата можност постои и во Црна Гора.
Во принцип, државите самите решаваат како и во колкав степен ќе ги почитуваат правата на малцинствата – вели Људмил Спасов, универзитетски професор на Филолошкиот факултет при УКИМ и претседател на Советот за македонски јазик. Спасов истакнува дека во дел од програмата на Советот за македонски јазик е предвидено и изучување на јазиците на малцинствата во Македонија и на јазиците на соседите.
– Културно и цивилизациско достигнување е да се сака да се научи да се комуницира на јазик различен од мајчиниот. Секако, предуслов за таквата желба е да се прифати различноста, колку и да сме блиски. Соседската блискот, блискоста на јазиците, културите, традициите… парадоксално на Балканот создаваат амбиент во кој тешко, па и погрешно се разбираме. Колку и да сме блиски, секогаш треба да учиме едни за други – вели професорот Спасов.