И во нашата држава е забележана појавата на слични ултрадесничарски групи. Според извори во надлежните институции, тие им се познати на органите за безбедност и секоја нивна активност што е во спротивност со позитивното право се забележува и се процесира. Според истите извори, ваквите групи и појави се изолирани и добро е што немаат воопшто поддршка во јавноста. Граѓаните на Македонија имаат доволно чувство да препознаат кои активности или постапки на ваквите групи или поединци се антисоцијални или криминални. Меѓутоа, изворите го истакнуваат и фактот што токму ваквите групи со радикална идеологија имаат националистички и шовинистички атрибут во своето организирање и дејствување и за уште поголема жал, како што се нагласува, тие се поделени во два табора: македонски и албански
Турбулентните подолгорочни економски па и таквите политичко-безбедносни состојби во државите од регионот, придружени со мигрантската криза, која сѐ уште е дестабилизирачки активен предизвик, придонесува појавата на крајно десничарски движења и радикални паравоени групи да бележат значаен пораст и популарност кај населението од Балканот.
Политичките аналитичари од регионот често знаат да истакнат дека тоа се најчесто, пред сѐ, антимиграциски и евроскептични движења, кои дејстуваат под плаштот на т.н. христијански вредности, популистичкиот приод и своевидни толкувања за чисти национални држави, со што изминатиов период во регионот придонесуваат токму на таквите движења да им расте популарноста.
Според познавачите на случувањата, овие крајно десни движења не секогаш прераснуваат во агресивни организации или паравоени формации, но тие на Балканот, каде што има „долга традиција на војување“, секогаш го имаат потенцијалот за радикализација и милитаризација.
Хронолошки гледано наназад, најсвеж но и најопасен пример за ваква формација во регионот беше забележан во Словенија. И словенечкиот претседател Борут Пахор изразил загриженост, откако на социјалните мрежи осамнале слики од вооружена група маскирани луѓе што ги предводи неговиот поранешен противкандидат Андреј Шишко.
Политичарот на крајната десница, Шишко, во изјава за медиумите на оваа тема изјавил дека групата што тој ја предводи ќе „обезбеди јавен ред и мир“, ако тоа биде потребно на земјата.
Словенечката полиција почна истрага за групата чии членови на фотографии и видеа објавени на Фејсбук во рацете држат пушки, но негираат дека станува збор за паравоена единица.
Љубљанскиот весник „Вечер“ информира дека станува збор за групата што се нарекува „Штаерска гарда“, која има стотина члена, а обуката на своите припадници ја врши низ разни локации во земјата.
Мандатарот за состав на нова влада, Марјан Шарец, на Твитер напиша дека каква било вооружена група надвор од словенечките безбедносни сили ги „подрива Уставот и правната држава“.
Словенечкиот премиер во заминување, Миро Церар, рече дека формирањето единици е „апсолутно неприфатливо“ и дека е непотребно да се поттикнува страв и да се шири омраза.
Во меѓувреме, Словенија не е единствената земја од регионот каде што од медиумите се регистрирани вакви слични движења и формации.
Турската национална новинска агенција информира дека Бугарија е земја што е дел од Европската Унија, но е држава во која силно дејствува радикалното десничарко движење „Атака“, кое е предводено од истоимената парламентарна партија на земјата. Медиумот информира дека иако припадниците на ова движење не дејствуваат со оружје тие силно со своето функционирање спроведуваат, антиисламски, фашизоидни и антитурски политики на Балканот.
Новинската агенција, пак, „Ројтерс“ во своја информација на слична тема забележа дека „со руска финансиска помош во облик на кредити и заеми се финансираат и другите крајно десничарски партии и радикални движења низ Балканот и Европа“.
Медиумот во својата информација за оваа група крајно десничарски движења и партии ја вбројува грчката организација „Златна зора“.
Новинарската организација „Бирн“ во неколку свои текста на слични теми забележува дека вакви организации што честопати знаат да дејствуваат на граница од легалноста на законот постојат во Србија и во Хрватска, а како докази за дејствувањето на овие групи во овие две балкански држави се истакнуваат нивните активности за време на комеморативните случувања и оддавање почит на жртвите во Јасеновац и во Сребреница.
Германскиот медиум, пак, „Дојче веле“ во темата насловена „Кој го убива антифашизмот во поранешна Југославија“ како проблем го истакнува тоа што од сите држави на некогашната СФРЈ, Босна и Херцеговина е единствена на чија почва најмногу дејствуваат радикалните крајно десни групации и движења.
И во нашата држава е забележана појавата на слични ултрадесничарски групи. Според извори во надлежните институции, тие им се познати на органите за безбедност и секоја нивна активност што е во спротивност со позитивното право се забележува и се процесира. Според истите извори, ваквите групи и појави се изолирани и добро е што немаат воопшто поддршка во јавноста. Граѓаните на Македонија имаат доволно чувство да препознаат кои активности или постапки на ваквите групи или поединци се антисоцијални или криминални. Меѓутоа, изворите го истакнуваат и фактот што токму ваквите групи со радикална идеологија имаат националистички и шовинистички атрибут во своето организирање и дејствување и за уште поголема жал, како што се нагласува, тие се поделени во два табора: македонски и албански.
Во истражувањето со наслов „Радикалната десница во Македонија“ што ја објавиле професорите Здравко Савески и Артан Садику стои дека влијанието на радикалната десница во Македонија во никој случај не смее да се потцени и тоа е во пораст во последните години.
– Неонацистите се изолиран феномен во Република Македонија, но нивната база во некои навивачки групи е добро воспоставена, а во последно време се зголемува нивната видливост преку цртањето кукасти и келтски крстови на јавни места и преку учеството на националистички протести. Меѓу другото, потенцијалот за пораст на нивното влијание се должи на нивното потпирање врз националистичките тези – пишува во истражувањето.