Поголемиот одзив на избирачките места, го зголемува легитимитетот на изборите. Поголемиот одзив го покажува нивото на политичката култура на општеството и, веројатно, во последно време нешто што е многу значајно за нас, оние што ќе ја добијат власта со таков легитимитет имаат исклучително силен легитимитет пред меѓународната заедница, која се покажа како клучен фактор за многу одлучувачки ситуации во нашата земја. Но како да се мотивираат граѓаните во услови на закана од коронавирусот?
Колку коронавирусот, но и други фактори ќе влијаат на изборниот процес
Притиснати од сериозните закани од коронавирусот и практикувањето на мерките за здравствена превенција, впечаток е дека граѓаните сѐ повеќе се претпазливи при колективните собирања. Имајќи го тоа предвид од една страна, а во пресрет на изборите и неопходноста од кредибилитет, сите политички фактори во земјава се согласија дека граѓаните треба да го дадат својот глас, односно легитимитет и мандат на своите избрани претставници за да „заврти замаецот“ на функционалната држава на сите нивоа. Но како да се поттикнат и мотивираат граѓаните на тој демократски чин во тек на тешките премрежиња со пандемијата, која сѐ уште трае? И меѓународната заедница сѐ повеќе притиска за излез од ќор-сокакот во кој се најде нашата земја. Таа инсистира на политичка власт, со масивен легитимитет даден од народот и власт што ќе владее со полн капацитет. Во таквиот контекст, што поголем одзив на избирачките места, го зголемува легитимитетот на изборите. Поголемиот одзив го покажува нивото на политичката култура во општеството и, веројатно, во последно време нешто што е многу значајно за нас, оние што ќе ја добијат власта со таков легитимитет имаат исклучително силен легитимитет пред меѓународната заедница, која се покажа како клучен фактор за многу одлучувачки ситуации во нашата земја.
Процената на одзивот е една од најтешките категории за истражувачите на јавното мислење
Лицитирањето со бројки е неизоставен дел на секоја изборна кампања. Како што се наближува изборниот ден, така сѐ повеќе се лицитира со процените на одзивот, рејтинзите на партиите или на нивните лидери, носители на листи и сл. Но ако за рејтинзите на партиите, односно на лидерите отсекогаш постоело мислење дека тие се прават полесно, а се поприемчиви во јавноста и во себе можат да содржат влијанија (кои можат да бидат почувствувани) што им ја намалуваат релевантноста, за другата категорија, односно за „процената на одзивот“ важи мислењето дека таа е една од најтешките категории за истражувачите на јавното мислење.
Но токму одзивот на изборите како фундаментална категорија во едно демократско општество по дефиниција значи пренесен легитимитет од граѓаните на оние што ќе ја добијат довербата да владеат во име на граѓаните во полн капацитет. Сите наши соговорници се согласни дека со поголем одзив на избирачките места, се зголемува легитимитетот на изборите, а наедно им се дава и силен легитимитет на избраните. Но многубројни се факторите и во овие околности, кои не одат на сметка на одзивот, како што се стравот од заразата, мерките за безбедност и нивното почитување на избирачките места и протоколите, информираноста на граѓаните за правилата на однесување за време на изборите… Секако фактори се и политичката понуда, партиските програми како тежиште и личностите за кои ќе се гласа, па дури и гласањето првпат на сред работна недела и временските услови тие денови може да бидат влијателен фактор на одзивот…
Сепак најважен од сѐ, според десетина и повеќе соговорници, професори, аналитичари и истражувачи, е ставот дека „кога веќе граѓаните на државава се исправени пред избирање нова власт, сите засегнати политички страни и се разбира надлежната ДИК, да придонесат за високобезбедни, сигурни процедури за да можат граѓаните да се почувствуваат незагрозени остварувајќи го своето длабоко демократско право при давањето мандат за владеење на своите избраници. Само на тој начин ќе бидат измотивирани граѓаните да излезат со свое мислење и став на денот на изборите“.
Ставови за одзивот на политички институти и пиар-агенции
Во контекст на дилемите за одзивот, за забележување се заклучоците добиени од истражувањата и анкетите на политичките институти и пиар-организациите.
Имено, неодамна беше публикувана анкета на „М проспект“, каде што на прашањето за излез на изборите во Македонија за време на пандемијата, беа добиени одговори дека „ризикот и опасностите за заразата, кои ги носи самиот изборен процес, не се пречка кај 36,1 отсто од испитаниците да излезат да гласаат“, додека, пак, на прашање „дали ќе излезат да гласаат, 45,5 отсто од испитаниците одговориле потврдно“.
Натаму, анкетата на „Институтот за демократизација на човековите права и слободи и истражувања“ во областа на безбедноста на изборниот процес во земјата стигна до резултат дека 23, 9 проценти од граѓаните нема да излезат да гласаат на изборите, а 18 проценти, пак, од испитаниците одбиле да одговорат на прашањето.
За потсетување, во Македонија на последните вонредни парламентарни избори што се одржаа на 11 декември 2016 година, на гласање излегоа 73,6 проценти од граѓаните.
Ставови на ДИК, СДСМ, ВМРО…
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Дерковски, во изјава за „Нова Македонија“ вели дека во моментов сѐ уште не е завршена операцијата на Комисијата за ажурирање на избирачкиот список на гласачи во нашата држава и тој процес е во тек. Дерковски изрази мислење дека во моментов поради разбирливи причини никој не може да претпостави колку гласачи ќе излезат на гласање на претстојните избори и додаде дека такви информации поврзани за овој дел на изборниот процес воопшто не се во надлежност на ДИК и институцијата воопшто не може да ги коментира претпоставките.
Сања Лукаревска од СДСМ, во своја неодамнешна изјава на темава, истакна дека очекува да има помал одзив, но сепак да биде задоволителен и над 50 проценти. Лукаревска во врска со стравот од коронавирусот изјави дека ако некој гласач поради страв од коронавирусот решил да не гласа, тој нема да излезе.
– Затоа сметам дека не треба да го политизираме здравјето, иако постојат многу политичари, кои сакаат да бидат доктори – дополни Лукаревска.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека најбитно од сѐ во овие моменти е да се убедат граѓаните дека е безбедно да се гласа и сите партии заедно да се активираат во овој правец за да се зголемат безбедноста и одзивот на гласачите.