Нов локален лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е поранешниот претседател на УМС и поранешен советник на оваа партија, Пеце Милевски. Тој доаѓа на местото на досегашниот координатор на партијата во Битола, Иванчо Тошевски.
Пеце Милевски е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ поранешен претседател на УМС на ВМРО ДПМНЕ во Битола и поранешен советник од оваа партија во Советот на општина Битола.
Милевски за коорднатор на ВМРО-ДПМНЕ Битола е избран во конкуренција на 21 кандидати, колку што се пријавија на конкурсот на партијата за нов локален лидер. Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одлучи Милевски да ја води партијата во Битола во наредниот четири годишен период.
– Свесен сум за одговорноста и обврските кои ги носи позицијата претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Битола, како и годините претходно ќе продолжам заедно со сите членови, поддржувачи, и секој добронамерник да градиме успешна приказна на политичката сцена, ВМРО ДПМНЕ да биде предводник и реализатор на успешни економски но и државотворни идеи. Изборот секогаш значи и обврска и ќе се трудам да направам се што е во моите можности да не’ разочарам никого – изјави по изборот Пеце Милевски. М.М.