Се одложува одржувањето на 47-то издание на традиционалната културолошка и туристичка манифестација „Галичка свадба“, која требаше да се одржи викендов, на Петровден (11 и 12 јули). Причината за одложувањето е моменталната епидемиолошка состојба во Македонија, создадена од пандемијата на коронавирусот, која трае подолг временски период. Галичник овој Петровден ќе биде без свадба, нема да се слушаат писоците на зурлите и ударите на тапаните. На голем број домашни и странски туристи што имаа најавено присуство им се ускрати можноста да присуствуваат на единствената, неповторлива манифестација „Галичка свадба“ и одблиску да ги проследат свадбарските обичаи и ритуали на брендот на Македонија. Низ галичките улици нема да дефилираат млади облечени во колоритната галичка носија, на платото пред опеаната чешма Упија нема да се играат ората што се белег на свадбарските свечености на галичани, како „Тешкото“, „Невестинското“ „Манукот“ и други, а во монументалната црква „Св. Петар и Павле“ ќе изостане венчавањето на младоженците.
Галичани не се откажуваат од манифестацијата „Галичка свадба“, сега само ја одложуваат, а очекуваат и веруваат дека летово ќе се создадат услови за одржување на свадбата. Организаторот најавува дека манифестацијата ќе ја одржат на Голема Богородица (28 август). И во минатото галичани што не можеле да дојдат од печалба пред Петровден, свадбата ја одржувале на Голема Богородица.
Месната заедница Галичник, организатор на „Галичка свадба“, со соопштение ја извести јавноста за одложувањето на манифестацијата поради соочувањето со предизвикот од ковид-19, а во интерес на заштита на јавното здравје на учесниците и на посетителите како врвен приоритет.
На Петровден, недела, во монументалниот храм „Св. Петар и Павле“ во Галичник, како што нѐ информира Александар Костиќ, претседател на МЗ, со почеток во 9 часот, ќе почне светата божествена литургија, со која ќе чиноначалствува дебарскиот парохиски свештеник Миле Ангелоски. На овој начин, како што додава Костиќ, продолжува традицијата на петровденските свечености и црковно ќе биде прославен свети Петар, патронот и заштитник на Галичник. К.К.