Владината мерка за бањско-климатска рекреација, по минатогодишното одложување поради пандемијата на ковид-19, има реални шанси повторно да заживее од есен, бидејќи дотогаш оваа популација ќе биде целосно вакцинирана, ќе имаме и поголем колективен имунитет, а очекувањата се да спласне и инфективноста на вирусот
Владината мерка за користење бањско-климатска рекреација за пензионери лани, поради пандемијата на ковид-19, беше одложена, а засега е неизвесно дали ќе се користи и годинава. Од Институтот за јавно здравје оценуваат дека постои можност пензионерите есенва да ја користат услугата за бањска рекреација.
За користење на услугата на бањско-климатска рекреација за 2020 година е извршено рангирање на корисниците на пензија и, според рангирањето, 4.034 корисници на пензија требало да ја искористат услугата во тековната година, но поради пандемијата на ковид-19 реализацијата на услугата во согласност со акцискиот план е одложена. Со оглед на состојба со коронавирусот и мерките што се воведени за ограничување на изложеноста на граѓаните за спречување, внесување и ширење на коронавирусот, Министерството за труд и социјална политика препорачува со реализација на услугата за бањско-климатска рекреација за 2020 година да се почне по завршување на пандемијата на ковид-19 и упатува да се земе предвид мислењето на Комисијата за заразни болести -велат од Министерството за труд и социјална политика.
Во Комисијата за заразни болести прашањето за бањска рекреација на пензионерите сѐ уште не било разгледувано, но од Институтот за јавно здравје сметаат дека наесен има изгледи пензионерите да заминат на бања.
Постои можност наесен повторно пензионерите да користат бањско-рекреативни услуги, бидејќи дотогаш сметаме дека сите од оваа категорија граѓани ќе бидат вакцинирани и рекавицинирани, всушност сѐ зависи од вакцините. Оваа популација на граѓани прва почна да се вакцинира. До есен ќе имаме и поголем колективен имунитет, па оттаму има шанси пензионерите да одат на бања – вели Шабан Мемети, директорот на Институтот за јавно здравје.
Одговорни лица од некои од бањите сметаат дека добро би било есенва оваа услуга повторно да им биде овозможена на пензионерите.
По околу 1.300 корисници минатата година беа распределени по сите бањи во земјава, некои се премислуваа, па се запишуваа од една во друга, но поради пандемијата на коронавирусот, бањско-рекреативните услуги беа одложени. Добро е повторно да се размисли за ова прашање дали оваа есен и наредната пролет пензионерите би можеле да користат бањско-рекреативни услуги, со оглед на тоа што тие се категорија на пензионери што имаа пензиски примања од 13 илјади денари и би било многу хумано оваа категорија граѓани да се рехабилитираат по сѐ што поминаа во оваа пандемија стравувајќи за своето здравје. Ние и сега работиме и од капацитет за 500 гости, 50 отсто ни се странци, но досега не сме имале ниту еден заразен со ковид-19. Можеби надлежните и ќе одлучуваат за повторно враќање на бањската рехабилитација на пензионерите, ако и тие го побараат тоа – вели Меџит Цапа, менаџер на Дебарски Бањи во Косоврасти.
Од Сојузот на здруженија на пензионери велат дека прашањето дали годинава пензионерите ќе ги користат бањско-рекреативните услуги ќе го актуализираат на веќе договорена средба со министерката за труд и социјална политика.
– На средба со министерката за труд и социјална политика ќе го отвориме и ова прашање, но најпрвин да видиме дали се издвоени средства за оваа намена, бидејќи минатата година со пандемијата средствата беа пренасочени. Треба да бидеме претпазливи и треба да се оцени дали оваа активност ќе продолжи. Лично сметам дека несомнено е корисна, затоа што овие луѓе ќе излезат од депресија, од секојдневието што го поминаа во пандемијава, ќе се дружат и ќе им се продолжи животот – смета Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.