Македонскиот претседател Стево Пендаровски предлага во наредниот период да се одржи вонреден Самит на земјите од Западниот Балкан на кој ќе се разговара за „проширувањето и добрососедските односи“. Доколку има согласност, Самитот би се одржал во Македонија.
Ваквиот предлог македонскиот претседатал го изнесе по средбата со албанскиот претседател Илир Мета во Тирана. Ова е прва средба на официјално ниво меѓу двете земји по одбивањето од страна на ЕУ да одреди датум за почеток на преговорите за Македонија и за Албанија.
Во Тирана, претседателот Пендаровски беше примен со највисоки државни и воени почести од претседателот на Република Албанија, Илир Мета. Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба и пленарна средба со официјалните делегации, по што се одржа заедничка прес-конференција на претседателите.
Во продолжение е интегралната изјава на претседателот Пендаровски на прес-конференцијата:
„Најпрвo сакам да му се заблагодарам на мојот домаќин, на претседателот Мета за поканата да ја посетам Република Албанија и за срдечниот пречек, кој е јас мислам достоен на две соседни, пријателски и европски држави.
Односите меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија во континуитет бележат позитивен тренд на развој. Во оваа прилика сакам да изразам задоволство од постигнатото ниво на билатералните односи, како и од соработката и на регионален и на мултилатерален план. Северна Македонија и Албанија остваруваат плодна и интензивна соработка што претставува потврда за одличните односи меѓу двете држави. Нас не поврзуваат многу работи, заедничката историја, заедничката географија, заедничката евроатлантска иднина, како и заедничките предизвици во делот на општествените реформи и трансформации.
Република Северна Македонија, како еден од највисоките приоритети го има градењето на односи на добрососедство, што особено е нагласено изминативе 2-3 години, а за што потврда е и оваа моја посета на пријателска Албанија, која ја остварувам една седмица по исходот на последниот самит на ЕУ, би рекол во време на вонредни околности во регионот.
На средбата, го информирав мојот колега, претседателот Мета, за неодамна одржаната лидерска средба кај нас, на која утврдивме државен консензус, да се продолжи по европскиот пат, но и да се организираат предвремени парламентарни избори. Со албанскиот претседател се согласивме дека наша обврска како шефови на држави е да продолжиме да ги охрабруваме сите политички фактори во нашите држави да продолжат со спроведување на обврските од европската реформска агенда во интерес, пред се, на нашите граѓани, како и да продолжиме да ги убедуваме европските лидери дека преговорите со земјите во регионот се влог во стабилноста и просперитетот.
Во тој контекст мислам дека е добро, земјите од западниот Балкан во наредниов период да одржат еден вонреден самит, на кој ќе дискутираме за проширувањето, за добрососедските односи и притоа да ги отфрлиме идеите за алтернативи на проширувањето. Доколку постои согласност околу овие работи, мојот предлог би бил Република Северна Македонија да биде домаќин на овој самит.Со претседателот Мета се согласивме дека од големо значење за нас е досегашната поддршка од Албанија за македонското членство во НАТО, додека ние, од своја страна, го ставаме на располагање нашето досегашно искуство на планот на евроинтеграциите и сметам дека од особено значење е оваа соработка, со несмален интензитет да продолжи и во иднина. Но, исто така констатиравме дека треба да ја продолжиме и насочиме нашата енергија и внимание и во економскиот дел, затоа што економската соработка не ги одразува добрите политички односи и фактот дека сме соседни и пријателски држави.
Денес предложив и иницијатива за формирање на, да ја наречам, неформална група на македонско-албанско пријателство во која би биле поканети да учествуваат, членуваат, истакнати интелектуалци, стопанственици, претставници од културата, од невладиниот сектор, но пред се, младите, кои би се состанувале наизменично во двете земји и би давале предлози за унапредување на соработката, билатералните односи и пријателството меѓу двете земји.
Претседателот Мета зборуваше за неопходниот услов за развој на нашите две држави и на целиот регион, зборуваше за физичката инфраструктура и тука потполно се согласувам и го поддржувам неговиот предлог, особено фамозниот коридор 8 за кој многу малку е направено во изминативе две до три децении. Меѓутоа, мене ми се чини дека исто така, ако не и поважно е да ја градиме, да ја надградуваме човечката инфраструктура во регионот која може да биде предуслов за подобрување и на билатералата и на мултилатералата во регионот и пошироко.
На крајот, би сакал да истакнам дека на средбата разменивме мислење и информации за положбата на македонската заедница во Албанија и на албанската во Република Северна Македонија, кои се неспорно фактори на зближување меѓу двата народа и двете држави и збогатување на соработката меѓу нашите две пријателски земји“.