Претседателот Стево Пендаровски, денеска учествуваше на меѓународната конференција „Преспа форум за дијалог“ и се обрати на пленарната сесија на високо ниво на тема: „Ресетирање на синергијата ЕУ-САД кон Западен Балкан“.
– Политичката волја за да се воспостави нова синергија не е воопшто прашање, но зборуваме за меѓународните интереси на инволвираните чинители – политичката волја на Брисел, на земјите членки на ЕУ, националните интереси на САД и се разбира, националните интереси на земјите во регионот од западната балканска шесторка – рече претседателот.
Пендаровски ја посочи и потребата од поголемо партнерство и соработка.
– Нема да видиме синергија меѓу двата дела на трансатлантската заедница којашто е толку важна за нас, како во 90-те години. Тоа значи дека поголемиот дел од одговорноста ќе остане на рамењата на регионалните политички лидери. Познато е дека т.н. триаголник на успех за секој пробив во позитивна насока на Западниот Балкан секогаш бил Брисел-Вашингтон и регионалните главни градови – рече претседателот во обраќањето.
Претседателот, говорејќи за главните прашања коишто се случуваат во моментот, нагласи дека Европската Унија не е способна сама да предводи, а САД не би сакале да предводат сами, додека регионалните елити, истакна претседателот Пендаровски, не се заинтересирани и не би сакале да направат темелна промена во општествата.
„Конечниот резултат е дека Западниот Балкан, особено во минатата деценија заостанува во економска смисла зад Европската Унија и повеќе отколку во претходната деценија, а евидентен е и падот на сите демократски индикатори. Во демократска смисла, Западниот Балкан е поназад отколку што беше пред 15 или 10 години и Западниот Балкан има 18 милиони население на хартија, а во реалноста има 4 милиони помалку“, истакна претседателот Пендаровски.
Тој говореше за реформите и за среќата на луѓето којашто им недостасува во регионот и нивната желба да видат напредок во нивните општества.
– Би сакале да ги забавиме негативните процеси коишто предизвикуваат празнење на регионот, затоа што најпаметните, најмладата, најдинамичната сила го напушта регионот и во суштина ние нема да имаме никого кому ќе можеме да се ослониме во вистинскиот живот за да видиме вистински напредок на нашите економии. Затоа помогнете ни, помогнете им на луѓето коишто живеат во овој регион, време е за ресетирање – порача претседателот Пендаровски во своето обраќање.
На пленарната сесија учествуваа претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, претседателот на Словенија, Борут Пахор, помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер, еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан, францускиот сенатор Ален Ричард и генералниот секретар на заедницата на демократии, Томас Гарет.