Мизрахи кон Заев: И сега дали ќе се откажете од јазикот или од Гоце Делчев?

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, на денешната седница во Собранието истакна голем број на, како што кажа, лажни ветувања на Зоран Заев.

Таа ги посочи изјавите на Зоран Заев во однос на промената на името, промената на Уставот, неколкуте негови изјави низ годините за датумот за членство во Европската унија, па рече дека Заев излажа за се и за името, и за Уставот и за датумите за членство.

– И сега дали ќе се откажете од јазикот или од Гоце Делчев, како што се откажавте за името за кое се колневте во своите деца – го праша Мизрахи, Заев.

Таа ги критикуваше и изјавите на Заев за економија во кои како што вели тој лажеше дека ќе има 500 евра плата, раст на платите и градежна офанзива, а од тоа, како што кажа, видовме само раст на дивоградбите и осиромашени граѓани.

– Остануваме посветени велите, за пораст на животниот стандард, но доверба нема затоа што животниот стандард на граѓаните не се зголемува преку покачување на акцизата на нафтените деривати или цената на електрична енергија, напротив, во следниве од два до три месеци велите во октомври 2019-та година дека ќе започнат подготвителни активности за најмалку пет или шест производствени погони, но каде се господине Заев – рече Мизрахи.

Таа го критикуваше Зоран Заев за, како што кажа, лажните ветувања во однос на воздухот и екологијата и им посочи на пратениците од СДСМ дека од нив има капацитетни луѓе, па можат да предложат мандатар за сите граѓани да не би имале ваков премиер како Заев.


Лукаревска: Новата влада е најдобрата опција за сегашноста и иднината на државата

Новата Влада е Влада на континуитет и најдобрата опција за сегашноста и иднината на државата, кажа пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска во денешното обраќање во Собранието.

Таа посочи дека сите треба да сме горди затоа што ова е прва собраниска дебата за избор на нова влада во која нашата држава е полноправна членка на НАТО и започнува преговори со Европската Унија.

– До денес сите изборни соочувања биле историски и раскрсници, како и последниве. Граѓаните одлучуваа дали ќе дадат поддршка на прогресивните сили или ќе не вратат назад во мрачното време кога се трагаше по античките корени и хунзите – истакна Лукаревска.

Таа посочи дека победата на СДСМ и коалицијата Можеме е потврда дека граѓаните се определиле за членството во НАТО, за почеток на пристапни преговори со ЕУ, за длабоки внатрешни реформи чија круна е прочистување на судството, испорака на правда и владење на правото, а тоа, како што кажа, ќе донесе економски развој и подобар животен стандард.

Обраќајќи се кон пратениците од опозицијата, Лукаревска подвлече дека на државата ѝ е потребна модерна опозиција која наместо да ги опструира процесите, ќе стане партнер во градењето на европска Македонија.

Таа истакна дека предложените министри се чесни, искусни, одговорни и работливи луѓе, а пред нив се нови стратешки цели и носење одлуки за и во интерес на граѓаните.


Јорданов: Оваа Титаник влада за кратко време ќе биде потопена од македонскиот народ

Овој предлог за влада слободно може да се нарече како Титаник влада. Велите дека ќе трае оваа влада долго и направена за големи цели и очекувања, со многу пари исто како бродот кој и бил наречен дека е непотоплив, па оттаму и сличноста, изјави на денешната собраниска седница пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов.

– Гледајќи ги партиите од владејачкото мнозинство, повеќе или помалку наликуваат на горните слоеви од овој брод, елитизам, глумење сила, еминенција, пари, а помалите политички партии од тој состав се оние патници сместени во долните слоеви, надевајќи се дека ќе бидат дел, дека ќе сркнат о сребрената лажица, иако помалите партии ништо не добија во оваа коалиција. Титаник бил потопен од санта мраз, а оваа влада за кратко време ќе биде потопена од санта мраз наречена македонски народ – истакна Јорданов.


Мисовски: Оваа влада ќе трае

Во третото продолжение на седницата за избор на влада, попладнево, пратеникот од НСДП Горан Мисовски, на крајот од своето излагање во стилот на Стевчо Јакимовски кој велеше „не може нам нико ништа, јачи смо од судбине“, на српски јазик порача дека новата влада ќе трае.

– Оваа влада ќе трае, мало сутра дека ќе падне веднаш. Четиригодишен мандат ни е обезбеден – рече пратеникот Мисовски чии зборови едвај се слушаа од галамата во Собранието што ја правеа пратениците револтирани од неговиот говор.

Тој ги пофали досегашните реформи спроведени под водство на Зоран Заев и рече дека новиот мандат е можност да продолжат со реформите. Од ВМРО-ДПМНЕ очекува во наредниот период демократизација во идеолошкиот дел со напуштање на класичниот национализам.