Традиционалното потпишување на декларацијата за фер, слободни и демократски избори помеѓу претседателите на подмладоците на политичките партии ќе се одржи денеска со почеток од 11.30 часот, во хотел „Порта“, населба Аеродром, Скопје.
Со овој чекор подмладоците на политичките партии ќе ја покажат својата заложба за спроведување слободни, фер и демократски избори и достоинствена и фер предизборна кампања, а воедно ќе ја искажат својата решителност да се борат против говорот на омраза и да промовираат намалување и отстранување на говорот на омраза во општеството.
Чинот на потпишување на декларацијата е традиционален настан што се одржува пред секои избори. Декларацијата за фер, слободни и демократски избори за првпат беше потпишана во 2014 година. Потпишувањето на оваа декларација ќе пренесе јасна порака до целата македонска јавност дека младите политичари како идни носители на одлуки, имаат силна волја, капацитет и одлучност да бидат идни лидери и да создадат поинаква политичка култура, издигнувајќи го политичкиот дијалог на повисоко ниво.
Институтот „Охрид“ ја спроведува програмата „Политички дијалог помеѓу младите политичари“ од 2010 година. Програмата ги обединува сите активни политички подмладоци и нејзината цел е да негува и гради политичка култура и дијалог, но и да ги гради капацитетите, вештините и знаењата на младите политичари како идни лидери и носители на одлуки.
Настанот ќе биде јавен, церемонијален, но без публика, согласно рестрикциите наложени од пандемијата со ковид-19.