Фото: Игор Бансколиев

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои в недела треба да изберат нови лидери, пред само нешто повеќе од една година во своите статути направија одредени измени, со цел, како што тогаш беше посочено, да се демократизираат изборните процеси во партиите. Со тоа се направи првиот чекор партискиот изборен процес да почива на принципот на конкурентност, за да се кандидираат, селектираат и избираат кадри што се „набилдани“ со знаење, вештини од својата област на работење, кадри што се компетентни, одговорни, со визија не само за себе и за мал број партиски членови туку за еден широк спектар на граѓани, патриоти и национално ориентирани, чија мисија би била просперитет на сите граѓани, нацијата и самата држава и институции во функција на своите граѓани. Во тој контекст, реформите на институциите лежат во човечкиот капитал, стручни и посветени луѓе на соодветни позиции…

Нови партиски избори како влез во процес на демократизирање на изборните процеси

Суштинска демократизација на политичките партии во Македонија е повеќе од неопходно да има, барем да започне во наредниот период. Досега јавноста сведочи дека општество и државата се осудени на натамошна негативна селекција од страна на партиските лидeри, при што просперираат кадри блиски до лидерот и до врвот, без разлика на нивната (не)компетентност, неодговорност кон граѓаните, туку само кон лидерот. Според досегашниот тек на нештата, таквите некомпетентни и „одговорни само пред својот лидер“ личности ги преземат и клучните државни функции, што потоа резултира со општ застој на демократските процеси, непрофесионализам и нестручност, неефикасни институции, често присутните криминал и корупција на највисоко ниво… Но веројатно, според нашите соговорници, времето на „ветриштата на промени во партиите што ќе дувнат во правец на партиска демократизација“, а потоа и кон департизација на институциите и активирање на мерит-вредносниот систем во државата за човечки ресурси, кои треба својата професионалност да ја покажат со нивниот избор – доаѓа.

Партиските конгреси и почетокот на суштинската партиска демократизација

Гореспоменатото е оцената на повеќето познавачи во пресрет на неделните конгреси, на кои двете најголеми партии во земјава треба да изберат идни лидери. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ пред само нешто повеќе од една година во своите статути направија одредени измени, со цел, како што тогаш беше посочено, да се демократизираат изборните процеси во партиите.
Со тоа се направи првиот чекор партискиот изборен процес да почива на принципот на конкурентност, за да се кандидираат, селектираат и избираат кадри што се „набилдани“ со знаење, вештини од својата област на работење, кадри што се компетентни, одговорни, со визија не само за себе и за мал број партиски членови туку за еден широк спектар на граѓани, патриоти и национално ориентирани, чија мисија би била просперитет на сите граѓани, нацијата и самата држава и институции во функција на своите граѓани.
Своевиден доказ за тоа се и најавите на двајца од тројца потврдени кандидати за нов претседател на СДСМ дека, меѓу другото, ќе спроведат промени и во внатрепартиските избори.
– Како иден претседател, ќе инсистирам локалните раководства исто како и претседателот на партијата, да се избираат непосредно. Гласот на секој член и активист мора да биде слушнат и испочитуван – изјави Димитар Ковачевски, зад чија кандидатура застана партиското раководство.
И неговата ривалка Фросина Ташевска Ременски е согласна дека на партијата ѝ се потребни промени.
– Мојата примарна цел е да ја свртиме пирамидата на одлучување наопаку, врвот да биде долу, а базата на членството да биде на врвот – вели поранешната пратеничка и министерка за труд и социјална политика Ташевска Ременски.
Но и третиот кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски, како еден од главните принципи на неговата програмата, најави воведување директен избор на претседатели на општинска организација, кандидати за градоначалници, пратеници и повисоки партиски функции преку непосредно гласање на членовите.
– Време е заедно да го креираме новиот тим на СДСМ. Ги поканувам сите членови на СДСМ, но и сите наши сограѓани да достават свои предлози за тоа каков заменик на претседател, генерален секретар и потпретседатели ни се потребни. Какви особини, карактер, биографија треба да имаат. На СДСМ и државата не им требаат готови, туку чесни и успешни кадровски решенија – напиша Деспотовски на неговиот фејсбук-профил.
За тоа што би требало да се прави на внатрепартиски план зборуваше Драган Ковачки, пратеник и член на извршниот комитет на опозициската партија.
– На конгресот планираме да ја разгледаме новата доктрина на партијата да се усвојат стратегиските документи, да се потврдат стратегиските правци и одредби на партијата и да се дефинираат идните правци за дејствување на партијата во услови на идните предвремени парламентарни избори со кои планираме да ја освоиме власта. Што се однесува до изборот на претседател, според Статутот, секој што ги исполнува условите може да се пријави дури и може да се пријави до самиот ден на конгресот, а тоа е 12 декември – истакна Ковачки.

Одговорно разбирање на сопствената улога во креирањето на политиките

Најавите за демократизацијата на партиите ги коментираат и експертите.
– Многу негативни трендови се навлезени и меѓу луѓето и во сите структури. Можеби за некои десет години, со смените на генерациите – прогнозира Емилија Симоска од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (ИСППИ).
Еден од условите за тоа, според Симоска, е партиите, конечно, да сфатат оти е потребен заеднички напор за нивна демократизација, како единствен начин за демократизација на целото општество и за подобра селекција на кадрите што потоа ќе ги извршуваат и државните функции.
Имено, во либералните демократии, кон какви што цели нашата држава, највисокиот ешалон, министрите и замениците, е предмет на политички (партиски) избор и затоа, како што потенцираат во Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје, политичките партии, при изборот на своите кадри, имаат одговорност пред граѓаните и пред јавниот интерес.
– Назначувањата искусни кадри на политички функции е начин за политичките партии да покажат дека одговорно ја разбираат својата улога во креирањето политики. Внатрепартиските кадровски политики треба да овозможат одговорно и визионерско политичко управување наместо коалициско тргување со распределени места. Централната тема на реформите на институциите е човечкиот капитал, стручни и посветени луѓе на соодветни позиции. Институциите не може да успеат доколку не се вложи во наоѓање на најдобрите јавни службеници, раководители и функционери. Реформските процеси се поплочени со низа предизвици за македонските институции. Македонија ќе мора да изгради силни институции што ќе може да се спротивстават на најразлични притисоци, да ги спроведат законите и да обезбедат квалитетни услуги за граѓаните. Засилувањето на внатрепартиската демократија е важен чекор во поставувањето кадри за највисоките политички функции – сметаат во институтот.

Краток пресек на востановеното долгорочно партиско лидерство

Како што посочуваат познавачите, дури од осамостојувањето е воспоставена практиката на „султан“ партиски лидери. На пример, СДСМ, по вторпат годинава, оди на внатрепартиски избори, при што, статутарните измени предвидуваат непосредно гласање на целото членство за највисоката партиска функција. Станува збор за вонредни избори, по оставката што доскорешниот лидер и премиер Зоран Заев ја најави на 31 октомври, а ја официјализира на 27 ноември. Според статутот на СДСМ, за еден од кандидатите да биде избран во првиот круг, треба да освои барем половина (плус еден) од гласовите на сите партиски членови што учествувале во гласањето. Во спротивно, во вториот круг од гласањето одат двајцата прворангирани кандидати, а победник е тој што ќе освои повеќе гласови.
На Заев, со тоа, ќе му заврши третиот мандат по ред на чело на партијата, но првпат на непосредни избори, откако тој во периодот 2008-2009 година беше и в.д. претседател, пред враќањето на Бранко Црвенковски на Бихаќка. Од четворица лидери на СДСМ во изминатите три децении, уште само Црвенковски беше неколкупати избиран на функцијата, во периодот од 1992 до 2004 година и потоа уште еднаш во 2009 година. По повлекувањето на Црвенковски од политиката во 2013 година, Заев дојде како негов наследник на чело на СДСМ. Во меѓувреме, во 2004 година, откако Црвенковски стана претседател на државата, а партијата едно време имаше колективно раководство, делегатите на конгресот на СДСМ го избраа за лидер Владо Бучковски, кој беше и мандатар за состав на третата влада на СДСМ во периодот 2002 – 2006 година. Откако СДСМ ја изгуби власта во 2006 година, на Бучковски му беше изгласана недоверба на партиски конгрес, по што Радмила Шекеринска, како единствена кандидатка, беше избрана за претседателка на СДСМ и остана на чело на партијата до првите предвремени парламентарни избори во 2008 година, кога поднесе оставка поради изборниот пораз.
Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, како што е познато, прв лидер на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 1990 до 2003 година, беше Љубчо Георгиевски, а по неговото повлекување, на партискиот конгрес, за нов претседател беше избран Никола Груевски, претходник на Мицкоски, кој беше изгласан за лидер во 2017 година. Д.М.М.