Во изборните програми на македонските партии за претстојните парламентарни избори има низа различни приоди за тоа што треба да направат институциите и идната власт за да гарантираат висок степен на сигурност и безбедност за своите граѓани, стопанството, економијата и за одржлив развој. Во партиските програми и кампањата што ја водат провејуваат различни пристапи и за функционирањето на безбедносниот апарат: полицијата, армијата и разузнавачкиот сектор. Но, од друга страна, заеднички именител на различните патишта на партиите во врска со безбедносните прашања се колективната сигурност и безбедност во рамките на евроатлантските структури и долгорочна стабилност на сите безбедносни варијабли што може да ги загрозат земјава и регионот
Компаративна анализа на безбедносните прашања и предизвици во партиските програми и предизборната кампања
Подобро интегрирање во безбедносниот чадор на НАТО, зголемување на буџетите на полицијата, армијата и разузнавачките служби, зголемување на довербата на граѓаните во институциите задолжени за јавен ред и мир и намалување на степенот на нивната политизација, неселективност, како и голем број новини за идното дејствување на безбедносниот државен апарат на Македонија. Ова се дел од конкретните ветувања што се однесуваат на безбедносниот сектор на државата претставени во изборните кампањи на партиите за предвремените парламентарни избори, закажани за 15 јули.
Левица ќе забрани создавање империјалистички странски
воени бази во Македонија
Во изборната програма на партијата Левица, во делот што се однесува на дејствувањето на безбедносните институции во земјата и на општата безбедност во државата, се истакнува дека визијата на оваа партија подразбира комплетна демилитаризација на населението од илегално поседувано оружје, со драконско зголемување на казните за чување пиштоли, пушки и експлозивни направи во домовите. Левица најавува укинување на агенциите за приватно обезбедување, како паравоени формации. Потоа, формирање посебна државна управа за обезбедување јавни објекти и институции, во рамките на МВР, и трансформација на приватните агенции за обезбедување во новата управа. Левица ќе се залага и за забрана на обезбедувачите да носат огнено оружје, потоа општа забрана за носење огнено оружје и употреба на гумени куршуми, шок-бомби и други опасни орудија од страна на специјалните полициски сили за време на мирни протести и граѓански собири или демонстрации. Левица навестува и воведување систем на надворешна контрола на МВР, во склоп на Народниот правобранител, во случај на пречекорување на службените овластувања од страна на полицијата.
Во програмата стои дека партијата ќе се бори за прочистување на кадарот во МВР од лица со криминално досие и воведување строги критериуми при избор за вработување (ветинг), потоа изедначување на бројот на полициските службеници со европскиот просек, издигнување на стандардите кај психофизичките тестови за МО, МВР и Управата за обезбедување, како и воведување посебни психолошки обуки за полицајците за „контрола на бесот“ и целосна психофизичка евалуација на сиот кадар во МВР. Левица ќе воведе реонски патролни полицајци, кои ќе бидат во постојан контакт со локалното население (т.н. маалски полицајци), заради обезбедување на јавниот ред и мир. Оваа партија се залага за враќање на возачките книшки за казнени поени изречени од страна на сообраќајната полиција, како и промена на начинот на одмерување на глобите во безбедноста во сообраќајот. Во делот на армијата, пак, Левица верува дека се неопходни реконструкција и модернизација на македонската воена индустрија. Редефинирање на постојниот и воведување на нов систем за образование, воспитување и оспособување на војничкиот и команден кадар и задолжително вработување на најдобрите питомци на Воената академија во АРМ. Оваа партија истакнува дека е неопходно воспоставување стратегиска воена соработка со сите пријателски земји, а не само со земјите на НАТО и ЕУ, како и вклучување на АРМ во превентивни мирнодопски цели (пошумување, пробивање патишта во рурални средини, расчистување речни корита, канали, насипи и сл.). Во својата изборна програма, Левица се залага и за забрана за создавање империјалистички странски воени бази на територијата на Македонија.
Глас за Македонија со ревизија на стратегиски документи до подобри безбедносни решенија
Партијата Глас за Македонија во предизборната кампања настапува со ставот дека на Република Македонија ѝ е неопходно донесување неколку нови законски решенија од оваа област, како закон за демократска контрола на одбранбениот и безбедносниот систем, закон за демократска и цивилна контрола на приватниот безбедносен сектор и приватната безбедносна индустрија и носење национална стратегија за професионализација и департизација во функционирањето на Министерството за одбрана и МВР и другите безбедносни институции. Глас за Македонија најавува и јакнење на буџетите за одбраната и безбедноста. Потоа, се нагласуваат и сет мерки за борба против корупцијата во одбранбените и безбедносните институции, воведување програми за редовни, континуирани обуки за вработените за секоја измена и дополнување на законите поврзани со нивното работење. Во програмата, партијата ветува дека ќе изврши ревизија на стратегиските документи од овој државен сектор. Глас за Македонија се залага за нова визија на спроведување на мировните мисии во НАТО, ЕУ и ООН и за инклузија на академската и експертската заедница во донесувањето стратегии за развојот на одбранбениот систем. Во програмата се најавува и основање фонд од буџетот за подобрување на мотивацијата и за унапредување на воспоставената структура на воениот персонал по завршувањето на службата.
Твоја партија ќе инсистира на професионализација и департизација во безбедносниот систем
Политичката партија Твоја партија во својата изборна програма информира дека како и во секој домен, така и во безбедносниот сектор партијата ќе инсистира на професионализација, максимална департизација и контрола на овој сегмент на државата.
Тие најавуваат дека ќе инсистираат на дејствување на државниот апарат по мерит-систем, кој не може да биде заобиколен со барањата за правична застапеност, туку ќе биде дополнет со овие барања. Твоја партија навестува дека ќе промовира систем на континуитет во институциите и институционално помнење, кое води кон постојано надградување, а не постојано почнување од нулта точка. Во нивната визија се додава дека ќе поддржат забрана на отпуштање и прераспоредување на службениците и вработените поради партиска припадност или партиска неутралност, а ќе се заложат за нивно максимално искористување во согласност со знаењата и вештините со кои располагаат, затоа што на заедницата ѝ е потребен секој професионалец на местото што најмногу одговара на неговите знаења и вештини. Во програмата на партијата стои дека реструктурирањето на овие служби ќе подразбира максимално намалување на сите административни позиции што не се директно поврзани со содржината на нивното функционирање. Од оваа партија се децидни и дека собранието мора да има суштинска и редовна контрола над работењето на овие служби, со можност за испитување на несоодветното дејствување, кршењето на законите и загрозувањето на човековите права и основни слободи.
ГДУ со реформи поблиски до ЕУ и до НАТО
Во програмата на Граѓанско демократската унија се наведува дека партијата е јасно дефинирано про-НАТО и про-ЕУ а тоа практично значи дека по членството во Северноатлантскиот сојуз, Македонија треба што поскоро да ги реализира сите реформи во делот на безбедносниот сектор во согласност со критериумите, за да го забрзаме целокупниот евроинтегративен процес. Партијата оценува дека реформите во безбедносниот сектор се одвиваат многу бавно, но тие се надеваат дека ќе стават крај во јавноста да се појавуваат снимки од неовластено прислушување, како и да се намалат полициските овластувања и да се издигне свеста на јавноста за правата на граѓанинот.
Оваа партија најавува дека очекува дека ќе почне и имплементација на регулативата и, соодветно, дека новиот собраниски состав ќе обезбеди надзор и контрола врз безбедносно-разузнавачките агенции.
„Никогаш северна, секогаш Македонија“: Брза и целосна департизација на безбедносниот сектор
Коалицијата на партиите „Никогаш северна, секогаш Македонија“ информира дека ќе се залага за целосна департизација на безбедносниот сектор и за борба со корупцијата во институциите. Во делот што се однесува на МВР, преставниците од коалицијата велат дека со закон ќе го забранат слугувањето на полициските и воените службеници на партиите и навестуваат сет мерки што ќе се однесуваат на професионализација на државниот безбедносен апарат.
Во делот на воените соработки оваа коалиција има поделени размислувања во духот на демократските вредности што се однесуваат на поврзаноста на државата во НАТО и на воената соработка со другите светски воени сили.
Интегра: Стратегијата за реформи во полицијата
Од програмата на партијата Интегра што се однесува на дејствувањата во безбедносниот систем на државата се навестуваат голем број реформи во внатрешната безбедност на земјата и во полицијата и армијата. Имено, во програмата на партијата стои дека внатрешната безбедност на нашите граѓани е основна претпоставка за нормален, здрав и спокоен живот. Интегра истакнува дека ќе спроведе стратегија за реформи во полицијата, бидејќи во таа структура силно пенетрира политиката и, наместо професионализација, навестува дека ќе се бори против националната поделеност на кадрите во оваа институција. Партијата информира дека во текот на првите сто дена од доаѓањето на власт ќе изврши разграничување на улогата на политичката и граѓанската контрола на МВР, ќе изврши реорганизација преку етаблирање на три нивоа на полициската структура – стратегиско, оперативно и извршно, со акцент на јасно дефинирана одговорност.
Натаму, ќе изврши менување на позицијата на централните полициски служби, ќе направи ослободување на полицијата од неполициските функции и ќе спроведе обесштетување на граѓаните што, спротивно на Уставот, биле прислушувани незаконски. Во делот на дејствувањето на Интегра наменет за разузнавањето, партијата најавува дека целосно ќе го реорганизира овој сектор во првите шест месеци од доаѓањето на власт слично на функционирањето на овие органи кај развиените земји. Интегра ќе се бори и за елиминирање на секаков вид дуплирање на надлежностите во командувањето и работењето на безбедносните институции на адреса влада, претседател и собрание на Македонија.
Во програмата се подвлекува дека ќе се ревидира начинот на кој досега функционира и системот за работа на агенциите за обезбедување и детективските агенции, со што ќе се овозможи МВР да има поголема законска контрола во работењето на овие организации. Во програмата стои дека оваа партија ќе ги мотивира детективските агенции да бидат поактивни во работата на кривичните предмети што се водат пред судовите и тие да прераснат во пандан на полициските служби на страна на одбраната и државата.
СДСМ: Без безбедност нема развој
Во изборната програма на владејачката партија има издвоени делови што се однесуваат на визиите на СДСМ за тоа како би се унапредил и подобрил актуелниот безбедносен систем на државата. Овој свој дел од изборната програма социјалдемократите го започнуваат со констатацијата дека по членството во НАТО, кое го издејствувала државата под раководство на оваа партија и нејзината коалиција, сега следува период во кој ќе се унапредат и подобрат капацитетите на земјата на повисоко ниво. На пример, во делот од јавната безбедност, во програмата што се однесува на дејствувањето на полицијата, се напоменува дека СДСМ има визија за нов приод кон зголемување на сигурноста во сообраќајот во урбаните центри. Партијата предвидува ригорозна регулација на брзината на возењето во населени места, автоматизација на процесот на казнување за сторени прекршоци и поставување систем на камери за контрола на правилата за возење.
Натаму, програмата предвидува механизам со воведување закони за забрзување на роковите во казнената политика што зависат од човечкиот фактор. Во овој сет мерки се напоменуваат и визиите за казни покрај примањата на граѓаните за плаќањето на прекршоците да не биде оптоварување на домашниот буџет. Во програмата, СДСМ најавува и воведување дополнителни казни за сообраќајот по примерот на балтичките држави, за побезбедно функционирање на овој домен од јавниот живот. Изборната програма најавува и т.н. маалски полицајци, кои ќе ја подобрат ефикасноста на МВР во спречувањето на криминалот и ќе ги засилат врските со граѓаните. Изборната програма во својот опус има и делови што се однесуваат на воведување комунална полиција составена од пензионирани полицајци и војници, која ќе биде под ингеренции на локалната власт и ќе има законски овластувања да обезбеди ред во општините. Социјалдемократите во својата изборна документација доставена до гласачите во делот на активностите на армијата потсетуваат дека најавуваат воведување ротации на вработените во овие институции за подобрување на мултиресорската безбедносна комуникација. Се најавува употреба на цивилниот персонал во безбедносните институции, од кој се очекува да даде придонес во соработката со Северноатлантската алијанса.
Програмата информира дека постои верување за спроведување активности во духот на „паметната одбрана“. Социјалдемократите најавуваат и борба на безбедносните органи со лажните вести и подобрување на стратегиските комуникации и односите со јавноста поврзани со безбедносните прашања. Во делот на визијата за безбедносниот сектор, оваа партија предвидува и сет мерки и активности за економско искористување на придобивките од НАТО, односно за активирање на домашните економски капацитети за потребите на пазарот на НАТО.
ВМРО-ДПМНЕ: Обновата е можна преку стабилна и безбедна Македонија
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ во својата изборна програма, во делот што се однесува на нејзината визија за тоа како би функционирал безбедносниот апарат на Македонија, пишува дека само силни институции, поддржани од народот, може да ја почнат обновата во одбраната. ВМРО-ДПМНЕ во програмата забележува дека членството на Македонија во ЕУ и во НАТО го гледа како заокружување на македонската државност. Во документот на партијата на оваа тематика се информира дека главен предизвик на одбранбениот сектор на државата се неконвенционалните алатки што ги користат некои државни и недржавни актери познати како хибридни закани. За таа цел, идната влада предводена од оваа партија, преку конкретни мерки и активности, фокусот на своето безбедносно дејствување ќе го посвети токму на оваа проблематика. Натаму, во програмата се информира дека целта на реформите во безбедносниот сектор е зголемување на довербата на граѓаните во безбедносните институции и давање одговор на заканите, како што се хибридните форми на загрозување, тероризмот и екстремизмот.
Во партискиот документ се најавува дека во парламентот ќе се поднесе резолуција за долгорочна развојна програма на националниот систем за безбедност, насловена „Функционален и одржлив систем на безбедност“. Оваа партија во програмата информира дека ќе воведе специјализиран систем за менаџмент на службени документи во безбедносните институции. Ќе ја зајакне и борбата против тероризмот и ќе ја подобри актуелната национална стратегија за оваа намена. Потоа ќе се формира комплетно нова организација што ќе ги обедини сите државни ресурси во борбата со трговијата со дрога. Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се навестува и акцискиот план „Криминалот не се исплати“, насочен кон зголемување и подобрување на финансиските истраги за економски криминал. Во својот изборен документ, оваа партија информира дека ќе го подобри начинот и користењето на дигиталната технологија во работата на институциите, преку дигитална наплата на казните, креирање компјутерска платформа за онлјан пријавување криминал, крипто-поврзување на субјектите на национална безбедност, воведување е-полицаец, односно информатичка поддршка на МВР за граѓаните…
Натаму, оваа партија има своја визија за зголемување на безбедноста во сообраќајот, со користење системи за препознавање на табличките на автомобилите на патиштата, намалување на административната работа на полицајците за оваа намена и друго. Во програмата се наведува и проект за нова национална стратегија за развој на безбедносно-разузнавачките служби, формирање центар за дерадикализација на лица, формирање нови високообразовни институции за оваа област во земјава. Во делот што се однесува на армијата, во програмата на партијата се најавува нов закон за одбрана и измени во законите за служба во АРМ и законите за надворешни работи во служба на одбраната. Натаму, програмата предвидува изработка на нова безбедносна стратегија 2020-2024, нова стратегија на одбранбена дипломатија, изработка на нов концепт на резервни сили и ажурирање на капацитетите за логистика на одбраната. Во изборниот документ оваа партија навестува модернизација на војската, која планира да ја спроведе до 2024 година, а за таа намена планира да потроши 18 милијарди денари.