Сигурен сум дека ќе има мнозинство во грчкиот Парламент што ќе гласа за Договорот од Преспа, изјави денеска потпретседателот на Европскиот парламент и шеф на еврогрупата на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, на прес-конференција по завршување на Мешовитиот парламентарен комитет МК-ЕУ во Собранието на Република Македонија.
– Немам никакви сомневања, сигурен сум, доколку вашата држава го ратификува Преспанскиот договор и за тоа ги направи сите потребни уставни измени како што се договоривме, тогаш грчкиот Парламент ќе го ратификува договорот – рече Пападимулис.
Посочи дека очекува Договорот од Преспа да биде ратификуван од страна на грчкиот Парламент во март идната година.
Мешовитиот парламентарен комитет МК-ЕУ вчера и денеска го одржа својот 15. состанок под заедничко претседавање на Алојз Петерле, европратеник од Словенија и Горан Милевски, пратеник и претседател на ЛДП.