Ковид-19 досега покажа дека е непредвидлив и опасен и тогаш кога најмалку се надеваме. Иако бројките на новозаразени се опаѓачки, опасноста не е помината. Токму овој период е идеален за вакцинација. Граѓаните треба да го искористат овој период кога има мал број позитивни случаи, зашто ситуацијата со овој вирус е непредвидлива, тврдат епидемиолозите
Пандемијата на ковид-19, од своето избувнување, па досега, донесе многу неочекувани и непредвидливи ситуации. Така, на моменти кога се мислеше дека е совладана и дека е под контрола, таа повторно пламнуваше, па достигнуваше нова кулминација и трагични последици. Деновиве кога во полн ек е масовната вакцинација на населението, бројките на новозаразени се на многу ниско ниво со 2-3 случаи дневно, што повторно создава привид дека заразата е победена. Во вакви околности се наметнува и прашањето колку граѓаните ќе ја задржат свеста за потребата од масовна имунизација во услови кога опаѓа секојдневно бројот на позитивни случаи и се намалуваат рестриктивни мерки? Може ли тоа да биде демотивирачки фактор за имунизација и нов сериозен предизвик и како да се превенира?
Дали оваа ситуација ќе дејствува демотивирачки на граѓаните и тие ќе почнат да се откажуваат од вакцинацијата? Во такви околности колку ќе се постигне ефектот за имунизација на населението во летниот период за евентуално целосно враќање во нормала до почетокот на есента? И конечно, може ли сегашното ново опуштање и евентуалната незаинтересираност за вакцинација да ни се врати како бумеранг подоцна или наесен.
Здравствените власти и епидемиолозите велат дека токму овој период е погоден за вакцинација, зашто бројот на позитивни случаи и низок, а со тоа и се намалува можноста оние што се вакцинирале истовремено и да се заразат.
Микробиологот Никола Пановски вели дека состојбата со намалувањето на позитивните случаи, но и намалувањето на мерките може да донесе контраефект кај граѓаните, во насока да го изгубат интересот за вакцинација, односно да се премислат во одлуката.
– Овој период е идеален за вакцинација. Граѓаните треба да го искористат овој период кога има мал број на позитивни случаи, зашто ситуацијата со овој вирус е непредвидлива. Не треба да чекаат и да се премислуваат. Сега е најбитно да се вакцинираат тие што одлучиле и се пријавиле за вакцинација, а и тие што се двоумат да не се откажуваат – посочува Пановски.
Според него, и вакцинацијата за сезонски грип се дава во месеците октомври и ноември, токму пред да се разгори преносот на грипот.
Пред два дена се регистрирани 46 нови случаи, а вчера 53 нови случаи.
Комисијата за заразни болести вчера донесе одлука за олабавување на мерките, со оглед на тоа дека изминатите две недели се намалува бројот на активни случаи.
Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека состојбата е стабилна, но искуството покажало дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени.
Од Министерството за здравство велат дека вакцинацијата во земјава се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Оттаму велат дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица што изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата вакцинација.мк е 427.535 граѓани.
– На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера се вакцинирани вкупно 231.014 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.504 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.598 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 290.829 дози вакцини, а ревакцинирани се 59.815 граѓани. Со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина – велат од ресорното министерство.