Пандемијата битно влијаеше менувајќи ги протоколот и начинот на однесување кај државниците и политичарите. Дали сега, во овие околности и променет амбиент, политичарите следат одредена протоколарна етикеција или постапуваат по своја волја, испраќајќи збунувачки или двосмислени пораки во јавноста при своите државнички средби? Каква е перцепцијата на јавноста во врска со тоа? Гафовите при средбите се многубројни, толкувањата за нив уште повеќебројни, и тоа од спонтана несмасност, до одредени скриени пораки што политичарите со умисла ги праќаат до јавноста при државничките средби…
Како јавноста ги разбира новите поздравувања, гестови и однесувања на политичарите
Поздравувањата, гестовите, облеката, движењето, однесувањето и невербалниот говор на телото, сето тоа е порака во политиката и дипломатијата. А факт е дека пандемијата битно влијаеше менувајќи го начинот на однесување и протокол кај државниците и политичарите. Дали сега, во овие околности и променет амбиент, политичарите следат одредена протоколарна етикеција или постапуваат по своја волја, испраќајќи збунувачки или двосмислени пораки во јавноста при своите државнички средби? Гафовите при средбите се многубројни, толкувањата за нив уште повеќебројни, и тоа од спонтана несмасност, до одредени скриени пораки што политичарите со умисла ги праќаат до јавноста при државничките средби. Сите овие прашања последните години стануваат сѐ поактуелни, особено кога во јавноста ќе се забележат сериозни прекршувања на протоколите за однесување. Експертите толкуваат дека „во пропустите честопати има и ненамерни грешки, но и смислени пораки“.
Еден од последните случаи е поздравувањето за време на средбата меѓу турскиот претседател Реџеп Таир Ердоган и македонскиот премиер Зоран Заев, која пред неколку дена се одржа во Анкара.
Кога турскиот претседател му подаде лакт да направат корона-поздрав, Заев наместо и тој да го подаде лактот се фати за градите и благо се наведна во знак за почит. На социјалните мрежи ваквата ситуација беше проследена со коментари во насока на потсмев дека Заев го избегнал поздравувањето. Исто така беше забележуван е гестот на испреплетени раце во форма на орел што го прават албански политичари од државата, но и од регионот.
Заев искористи традиционален поздрав за муслиманскиот свет
Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, основачка и директорка на Академијата за протокол на Македонија и меѓународна консултантка по деловна етикеција и дипломатски протокол, вели дека мерките против ковид го сменија начинот на поздравување кај сите, не само кај политичарите.
– Ракувањето, кое досега беше традиционален и универзално прифатен протоколарен поздрав, сега беше заменето со неколку варијанти – кимање со главата во знак на поздрав, допир со тупаниците, со лактите, па дури и со стапалата. Со оглед дека допирот со стапалата е протоколарно неприфатлив поради неприфатливоста на пораката од допирањето на чевлите, особено во муслиманскиот свет, тој се исфрли и некако стана непишано протоколарно правило политичарите и официјалните личности на државата да се поздравуваат со допир на лакотот, бидејќи тука нема допир кожа на кожа – посочува Маљковиќ-Атанасовска.
Според неа, обично кога се сретнуваме со луѓе од друга традиција и култура, убаво е да се знае и нивниот специфичен поздрав доколку го имаат (на пример, допир на срцето во муслиманскиот свет, поклонувањето или спојувањето на дланките „намасте“ кај азиските народи, бројот на бакнежи во образ и слично), но дали истиот тој ќе се примени е работа на протоколот, кој однапред треба да потврди кое ќе биде поздравувањето.
– Во случајот со премиерот Заев и претседателот Ердоган, станува збор за една мала неусогласеност на поздравувањето. Премиерот Заев го примени поздравот што вообичаено се користи во муслиманскиот свет – насмевката и допирот со десната рака во пределот на срцето, а претседателот Ердоган тргна со допир на лакотот. И иако ниту еден од нив не згреши, ситуацијата изгледаше малку неусогласено, особено кога требаше да се фотографираат. Иако досега тоа не беше потребно, бидејќи ракувањето отсекогаш беше „безбеден“ поздрав, сега пандемијата наметна уште една обврска за протоколот, а тоа е да утврди однапред како ќе се поздрават двајцата, особено ако припаѓаат на различно културолошко милје, а политичарот треба да ги следи сугестиите на протоколот – додава таа.
Несмасност наместо скриена порака
Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии (ИКС) вели дека гафовите при поздравувањето меѓу нашите политичари најчесто се случуваат од несмасност отколку со некаква конкретна намера или, пак, да носат скриена порака.
– Во случајот на поздравувањето меѓу премиерот Заев и турскиот претседател Ердоган повеќе се работи за реакција на преголемо одушевување, отколку избегнување поздрав или, пак, покажување некаков симбол со скриена порака. Заев со ставање на рацете на градите покажува длабока благодарност, дури и се поднаведнува во знак на таквата благодарност. Допирот на градите е знак за почит и наликува на поздравувањето на древните источни цивилизации – посочува таа.
Според неа, нашите политичари не размислуваат многу во насока како говорот на телото и начинот на поздравување може да биде протолкувано меѓу народот. Секако дека има протокол и правила на поздравување и точно се знае како треба да се ракуваат двајца функционери.
– Пандемијата го смени начинот на поздравување со ракување. Ковидот ни го измести животот и во начинот на комуницирање и во приватноста, но и со оние со кои комуницираме службено. Кога нема веќе ракување, или треба да се поздравиш со лактот или многумина го прават тоа ставајќи ја раката на градите.
Кога нема физички контакт, нема протокол за ваквите поздравувања и секој се снаоѓа на свој начин. И тоа поздравување со лактите изгледа малку чудно и неприродно. Но со пандемијата немаме природно, спонтано и пријателско поздравување – заклучува Трајкоска.
Говорот на тело секој го толкува како што сака
Професорот по социологија Ѓорѓи Тоновски вели дека и политичарите, но и обичниот човек подлежат под ситуации каде што има говор на телото, кој може да биде протолкуван на различни начини.
– Сѐ зависи од ситуацијата, некој може да има трема, да се збуни и да направи нешто што не е според протоколите на однесување во одредена ситуација. А за тоа може да има еден куп причини. Може да станува збор за обична махиналност, а во овие случаи да се почитуваат и протоколите за непоздравување за време на пандемијата – посочува тој.
Според него, начинот на поздравување меѓу политичарите може да покаже дали тие имаат пријателски однос или не, но и дали одредена средба била успешна.
– Но и сето тоа не мора да биде правило, зашто многу работи зависат и од карактерот на човекот. Комплексно е прашањето и зависи од човечките мотиви, манири, до учени манири и од пропишани манири – вели социологот.
Сепак, според него, најчестите гафови во поздравувањето меѓу политичарите зависеле од чисто спонтана човечка реакција.
Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска вели дека најчесто луѓето толкуваат одредени постапки на политичарите како што ним им одговара.
– Во случајот треба лично да го прашаме политичарот за неговата намера, па потоа можеме да зборуваме за неговата намера дали била во ред или не. Кај нас општонародно е секој да си заклучува како што сака, како во моментот му одговара. Најчесто веднаш судиме за нечија постапка, без да добиеме конкретна потврда за нечија постапка. Не можеме да осудиме некого без да знаеме конкретна потврда за тоа. Социјалните мрежи се наклонети кон тоа да се користат во политичка борба. Сепак, психолошкото мислење се базира на факти – посочува психологот.
Допир со лакт или стисната тупаница нов начин на поздравување
Поздравувањето беше една од првите промени на однесување што дипломатите и политичарите почнаа да го применуваат од појавата на пандемијата.
Сметајќи го ракувањето, прва прoмена беше допирот со лакт или стисната тупаница. Во тој момент тоа беше симпатично за медиумите, но и многумина не ги читаа пораките испраќани на овој начин.
Кога ќе се врати нормалното поздравување со ракување и прегрнување, нешто што е општоприфатено како пријателски поздрав меѓу обичните луѓе и политичарите?
Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии (ИКС) вели дека со пандемијата немаме природно и спонтано искажување пријателство.
– Ни недостига допирот и не знаеме кога ќе се врати тоа. Тоа се рефлектира и на односот меѓу обичниот човек, но и во професионалните комуникации – заклучува таа.