Споменот на жртвата на нашиот војник во ЈНА Сашо Гешовски пред 30 години, исто како и спомените на жртвите и положените животи за нашата татковина од страна на нашите херои во Илинденското востание и Народноослободителната борба во Втората светска војна, треба да биде постојан паметник и сведоштво за македонските политичари. Токму политичките лидери сѐ почесто се наоѓаат пред политички крстопати, искушенија или предизвици, наметнати однадвор или пак и одвнатре, со „исцрпувачките борби со самите себеси за доброто на својата нација“, тие се соочени со тешки притисоци и уцени од соседите, но и од страна на други центри на моќ. И овој момент на тридецениско чествување на жртвите од поновата историја, кои длабоко веруваа дека се даваат себеси за Македонија, е исто толку вреден како и моментот на чествување и најдлабока почит кон нашите илинденци и кон борците против фашизмот, а за национално и социјално ослободување и создавање на нашата држава
Три децении од смртта на Сашо Гешовски како повод
Смртта на војникот на ЈНА Сашо Гешовски (19) спаѓа меѓу многубројните жртви низ историјата што придонесоа за создавањето на самостојната македонска држава, кои треба да бидат потсетник за идните генерации, како и за македонските политичари, за високата цена платена за одбрана на националните идеали, особено во време кога македонскиот идентитет и национални обележја се цел на напади и притисоци на повеќе полиња. Згаснатите животи на националните херои во Илинденското востание, Народноослободителната борба против фашизмот, како и на Македонците во ЈНА во текот на крвавиот распад на СФР Југославија, не смеат да се заборават при важните одлуки за државниот врв кога Македонија се наоѓа на крстопат, соочена со избор помеѓу уцените од соседите за продолжување на евроинтеграциите на патот кон Европската Унија и сопствениот идентитет. Крушевскиот манифест од 1903 година и државотворните решенија од Првото заседание на АСНОМ од 1944 година имаат немерливо поголема тежина од однадвор наметнатиот Преспански договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, кои се покажуваат како средства за вршење постојан притисок врз Македонија. А токму светлите примери на луѓето што беа подготвени да се жртвуваат за Македонија се одговор на негирањето на државноста, јазикот, историјата, границите и на постоењето на македонско малцинство од страна на соседите.
Трагичната судбина на Гешовски и 30 години подоцна се смета меѓу клучните фактори за одлуката на македонскиот народ за напуштање на СФР Југославија, како и за спречувањето на регрутацијата на 12 илјади Македонци на фронтовите во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Гешовски беше смртно застрелан од огнено оружје за време на протестот против присуството на ЈНА во Сплит, на 6 мај 1991 година, пред зградата на тогашната Воено-поморска област на поранешната југословенска морнарица, а околностите за неговото убиство остануваат неразјаснети до денес, откако истрагата заврши без конкретни заклучоци. Македонија не се вмеша во војните на просторот на поранешна Југославија, но загуби 54 војници во ЈНА, додека 120 беа ранети според официјалните податоци. Ним им е посветен споменикот „Мајкино скршено крило“ на плоштадот „Слобода“ во Скопје. Сите тие ги дадоа животите за Македонија и треба да останат запаметени како пример за жртвите што ја создадоа денешната самостојна држава.
Загинувањето на Гешовски ја потресе Македонија, на погребот во неговото родно Кавадарци присуствуваа околу 20 илјади луѓе. Набргу потоа беше организиран и протест во Скопје, на кој илјадници бараа македонските војници итно да се повлечат од Хрватска и од другите југословенски републики, повторувајќи дека не сакаат нивните деца да водат туѓи војни. Повикот придонесе и за убедување на Македонците дека треба да ја напуштат СФРЈ кога гласаа за независност на референдумот на 8 септември 1991 година. А тогашниот претседател Киро Глигоров во февруари 1992 година издејствува договор за мирно повлекување на ЈНА од Македонија.
– Анализирајќи го развојот на настаните што доведоа до осамостојувањето на Македонија како суверена држава, смртта на Сашко Гешовски, без разлика што загинал во униформата на ЈНА, која е одговорна за неговата смрт, а не хрватската страна, кога македонскиот народ бараше начин да се извлече без војна, беше прва жртва за самостојна Македонија – напиша Марин Михановиќ, кој во времето на протестот бил потпретседател на собранието на Општина Сплит и заповедник на Штабот на цивилната заштита, односно член на Кризниот штаб, во неговото сведоштво за трагичниот инцидент објавено во „Слободна Далмација“.
Смртта на Гешовски годинава беше одбележана и во Сплит, каде што тамошни активисти со поддршка на македонската заедница во градот бараат да се постави спомен-плоча во знак на сеќавање на невино настраданиот Македонец. Македонските политичари имаат одговорност да мислат на иднината на македонската држава и народ, но и да не го забораваат минатото при носење на тешките одлуки со кои се соочуваат, бидејќи тие се нераскинливо поврзани, за што силен потсетник претставуваат многубројните жртви низ историјата.