Универзитетските професори со кои контактираше „Нова Македонија“ посочија одредени недостатоци и предлози што би требало Владата да ги разгледа во насока на подобрување на поддршката наменета за стопанството, но и за изедначување на условите меѓу бизнис-заедницата
Стручната јавност за новиот сет на владините мерки за надминување на кризата
Логично продолжение на претходните мерки за поддршка на стопанството, недостиг од мерки за поддршка за лицата со посебни потреби, отсуство на мерки за поддршка на новоотворени работни места, но и недостиг од план за намалување на неформалната економија, се дел од сегментите што стручната фела ги посочи како недостатоци или, пак, како предлози што би требало да ги разгледа Владата во насока на понатамошна поддршка на стопанството, но и на изедначување на условите за бизнис-заедницата.
Некои од професорите на новиот сет мерки гледаат како на еден вид продолжување на претходните и укажуваат дека голем број фирми сѐ уште не се вратиле на преткризното ниво.
– Четвртиот пакет на мерки го гледам како логично продолжение на претходните три, од два аспекта. Прво, условите што постоеја во економијата, а кои наложија три пакети мерки, сѐ уште постојат, барем во значаен дел. Тука мислам на притисокот на пазарот на трудот, во смисла на зголемување на невработеноста, потоа фактот дека голем број фирми во погодените сектори сѐ уште не се вратиле на преткризното ниво во поглед на прометот и приходите. Второ, буџетот за претходните три пакети мерки е истрошен само околу една третина, што го зголемува притисокот врз Владата да продолжи да троши, но мудро, онаму каде што е најпотребно и онаму каде што последиците од ковид-19 врз економијата се закануваат да бидат најголеми – вели Марјан Петрески, професор на Американ колеџ.
Неговиот колега, професорот Здравко Савески, истакнува дека со новиот пакет проблематично е што и понатаму останува помошта за работниците да им се исплаќа на фирмите, наместо директно кај работниците, а укажува и на недостигот од мерки за поддршка на лицата со посебни потреби.
– Новиот сет на мерки е проблематичен поради серија причини. Владата не ги зеде предвид проблемите што се јавија кај претходните сетови на мерки. Таа ја продолжи практиката помошта наменета за плати на работниците да им ја уплаќа на фирмите, наместо директно на работниците, преку список доставен од фирмите приматели на помошта. Понатаму, за апсолутна осуда е што власта по вторпат „заборави“ да предвиди финансиска помош за семејствата со лица со посебни потреби. Тоа особено боде очи, зашто во овој сет мерки најде за сходно да ја надгради својата поддршка на казината, кои, покрај помошта за исплата на плати, ќе добијат и 67-процентно намалување на надоместоците што казината ѝ ги плаќаат на државата за масите за коцкање. Исклучително проблематично е отсуството на мерки за поттикнување на отворањето нови работни места (особено онаму каде што има дупки во јавниот сектор), имајќи предвид дека бројот на невработени во Агенцијата за вработување се зголеми дури за 19 отсто од февруари до август.
Исто така, за осуда е што целиот сет на економски мерки се потпира врз задолжувањето наместо врз основа на собирањето нови финансиски средства преку дополнително оданочување на економската врхушка, која и во услови на криза акумулира големи профити – објаснува Савески.
Од друга страна, според универзитетскиот професор Борче Треновски, недостигаат мерки за заштита на неформално вработените, кои се невидливи за институциите, но и повеќе пари за државна гаранција за кредитирање на стопанството.
– Во најголем дел од овој пакет гледаме гаснење на пожарот од тековната пандемија. Не гледаме мерки на закрепнување и мерки на заздравување и поттикнување на економската активност. Се надевам дека во некој следен пакет или како дополнување на овој пакет би се нашле мерки со кои би се ослободувале, на пример, претприемачки активности, оние што сега ќе вработуваат државата да им даде дополнителна поддршка, не само за оние што ќе ги задржат туку и за оние што ќе вработат нови, оној што ќе отвори нов бизнис. Најголем дел од мерките има и во странство. Новоотворен бизнис, од три до пет години да биде ослободен од секакви фискални давачки, за да може да ја стимулира својата активност. Мерки што ќе овозможат поттикнување на економијата, на претприемништвото, на технолошките иновации – вели Треновски.
Професорот Треновски истакна дека доколку државата не сака да ги зголемува даноците, особено во ваков кризен период, мора да размислува и да најде начини како да расте даночната база, а посочи и дека еден од начините е преку намалување на неформалната економија.
– Ако не сакаме да зголемуваме даноци, ќе мора да ја шириме даночната база, ќе мора да ја намалуваме неформалната економија. Премногу е лесно да кажете дека ќе ги намалите, но за да се реализира тоа, треба силен процес на промени и реформи и мислам дека Владата треба да искористи и една друга работа. Кога ќе ги намалува парафискалните давачки, да прави и едно целосно реструктурирање и реформирање на целиот административен систем поврзан со нив, зашто најголем дел од јавните средства тече тука – вели Треновски.
Најавениот четврти пакет мерки треба да тежи 470 милиони евра, но директното зафаќање од буџетот е 160 милиони евра. Според најавите на надлежните, другите средства се во вид на ослободување од давачки, одложување даночни обврски, државна гаранција за кредити. Претходните три мерки за поддршка на стопанството имаа вкупна вредност од 550 милиони евра, но сепак овие средства не се искористени целосно и од нив само дел се влеа во стопанството.