Македонија, македонската дипломатија, науката и интелектуалната јавност мора подготвено и ангажирано да настапуваат пред земјите-членки, за да не дозволиме преку преговорите и преку ЕУ да се прави историска ревизија, вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика – Скопје
Ќе ја принуди ли Бугарија, со својот меморандум, Унијата да направи некакви преседани
Речиси една седмица по поднесувањето на објаснувачкиот меморандум на Бугарија до земјите-членки на ЕУ, македонскиот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, во вторникот во Брисел имаше средба со државниот министер за Европа на Германија, Михаил Рот, со кого, непосредно пред одржувањето на Советот за општи работи на ЕУ, разговарале за одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ за време на германското претседателство. Освен што оваа посета на Димитров во Брисел е прв официјален настап во новото својство како министер за евроинтеграции, тоа е и прва ситуација во која директно можел да ги почувствува пулсот и расположението на европските фактори во однос на барањата изнесени во бугарскиот меморандум, со кој се бара историските прашања меѓу Македонија и Бугарија да бидат вградени како услов во македонската преговарачка рамка.
Рот: Не треба да воведуваме дополнителни критериуми и услови
Во официјалното известување од средбата Димитров – Рот се наведува дека од германска страна било истакнато дека првата меѓувладина конференција со Македонија, почетокот на пристапните преговори, е еден од врвните приоритети на германското претседателство со ЕУ. Всушност, средбата била искористена и за подготовки на посетата на Димитров на Берлин, која е предвидено да се реализира наредната недела, по покана од министерот Рот.
– Ние себеси се гледаме како чесни олеснувачи за да се изградат мостови стабилни за сите и разговараме за прашањата со нашите бугарски партнери, затоа што треба да работиме врз основа на тоа за што сме се договориле заедно, не треба да воведуваме дополнителни критериуми и услови што не фигурираат во заклучоците на Советот (од март, н.з.) – изјави по средбата со Димитров, германскиот министер Рот.
Повикувајќи ги сите (земји-членки на ЕУ) да работат „во конструктивен дух“, Рот својата изјава за невоведување нови критериуми за Македонија ја аргументира со фактот дека „Западен Балкан не е задниот двор на ЕУ“.
– Западен Балкан не е нашиот заден двор, туку внатрешен двор и во интерес на сите земји-членки, особено на оние што им се блиски соседи, да се даде европска перспектива за да стане регионот место на мир, стабилност и помирување – рече германскиот министер за Европа.
Освен со германскиот министер, Димитров во Брисел остварил средби и со министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, со потпретседателот на Европската комисија задолжен за промоција на европскиот начин на живот, Маргаритис Схинас, и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, како и со други претставници на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.
И на македонската страна, а и во ЕУ, им е јасно дека бугарскиот документ претставува обременувачка сенка во настојувањата на Македонија конечно да го започне својот евроинтегративен пат со првата меѓувладина конференција, за која сѐ уште се подгреваат надежите дека ќе се случи во декември, годинава, до крајот на германското претседателство.
Бугарските барања во меморандумот се на спротивната страна од европските вредности и принципи на функционирање на ЕУ
Сепак, бугарскиот меморандум предизвика бурна реакција во македонската јавност, па и јавна полемика за македонските и бугарските ставови во однос на македонизмот и некоректните уцени на таа тема од Бугарија, како услов за членство на Македонија во ЕУ. Таквиот потег на бугарската страна, која го злоупотребува договорот за добрососедство меѓу двете соседни земји, фабрикувајќи невистини за историскиот континуитет на Македонија и на македонскиот јазик, создаде дебата во македонскиот политички дискурс, од кој произлезе прашањето дали македонската наука и дипломатија треба поангажирано да се мобилизираат за презентација на својата вистина и позиција пред ЕУ и воопшто пред меѓународната јавност.
– Ирационалните барања и позиции на Бугарија изнесени за Македонија во објаснувачкиот меморандум не одат никако во прилог на европските вредности и принципите на функционирање на ЕУ. Но и ние, македонската страна, без да влегуваме во стапицата на докажување некоја „контравистина“ на бугарската, мора да работиме со земјите-членки на ЕУ, барањата на Бугарија содржани во меморандумот да не бидат вградени во нашата преговарачка рамка. Со барањето за вклучување на историските прашања во еден евроинтегративен процес, Бугарија ја става и ЕУ во позиција да размислува за преседани. Македонија, македонската дипломатија, науката и интелектуалната јавност мора подготвено и ангажирано да настапуваат пред земјите-членки, за да не дозволиме преку преговорите и преку ЕУ да се прави историска ревизија – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика – Скопје.
Сѐ уште нема решителен и енергичен институционален одговор
Во македонската јавност, но и до меѓународната, групи на македонски интелектуалци, дипломати, научници реагираа на бугарскиот меморандум, врз основа на научни аргументи и докази, во кои се докажуваат посебноста и автентичноста на македонскиот идентитет, историја и јазик, на кои всушност претендира Бугарија, прикажувајќи ги пред ЕУ како дел од нејзиниот национален ентитет. Реакциите на македонската јавност се речиси секојдневни. Некои од државните институции, како на пример МНР, сѐ уште ги немаат енергичноста и недвосмисленоста што би требало да бидат генерирани токму од нив, како апарат што експресно реагира бранејќи ги народот, територијата и македонскиот интегритет. Засега, од највисокото место во МНР се на ставот дека не сакаат да предизвикуваат негативна реторика со земја што е во политичка криза и ги користи македонските евроинтеграции и македонското прашање за одвлекување на вниманието од своите внатрешни проблеми.
– Несфатливо е како при толкава бугарска офанзива од сите нивни институции за негирање на Македонија и македонизмот пред ЕУ, македонските институции се повлекуваат и молчат. Македонските интелектуалци гласно реагираат, но тоа е повеќе на индивидуално и самоиницијативно ниво, без поддршка од институциите.
Македонската официјална политика не е на ниво на задачата на заштита на македонските национални интереси и покрај доказите што ги има македонската наука. Навистина, досега многу црвени линии во поглед на националните интереси се прегазени од македонската политика, но јазикот, историјата и идентитетот се нешто што веќе е недозволиво да се прегази, па макар и по цена на забавување на евроинтеграциите. Ми се чини дека дипломатијата во оваа ситуација не ни е во состојба на готовност за заштита на македонските интереси во процесот на евроинтеграциите. Сметам дека ако не добиеме гаранции од ЕУ дека бугарските барања нема да бидат дел од преговарачката рамка, ние самите да размислуваме да ги подзапреме евроинтеграциите – вели поранешната македонска амбасадорка, Мелпомени Корнети.