Фото: Маја Јаневска-Илиева

Недовербата спрема политичките партии искажана во анкетата на американскиот Национален демократски институт (НДИ), која во голема мера е израз на општо незадоволство од официјалните форми на политичко дејствување, не може да се разгледува само како политички феномен. Токму овој феномен има свои корени во личната перцепција на граѓаните за општоопштествените текови, па, така, поради стагнацијата на општествениот развој и прогрес на Македонија во еден подолг континуитет по осамостојувањето, ова значително се одрази и на довербата на граѓаните во политичките чинители и институциите, но и на самодовербата на
граѓаните

Иако актуелноста на летните одмори и понатаму остава привид на општествена опуштеност, а од друга страна предизвиците за справување со заканата од четвртиот пандемиски бран се сѐ посериозни и позагрижувачки, политичкото внимание на македонската јавност сѐ повеќе се насочува кон локалните избори. Изборите се распишани, институциите што се задолжени за нивно спроведување започнаа со активности, а веќе се појавија и анкети, кои иако спроведени пролетва даваат одредена моментна проекција од политичкото и општественото расположение на јавното мислење во актуелната состојба. Настрана од мерењето на рејтингот на чинителите на македонскиот политички амбиент, кои очигледно повторно ќе си ги одмерат силите на претстојните избори, она што најмногу го привлече вниманието од анкетата на американскиот Национален демократски институт (НДИ) е податокот за големата недоверба на испитаниците спрема сите политички партии што дејствуваат во Македонија.

Изгубена доверба на секој чекор

Дури 50 отсто од граѓаните што учествувале во анкетата немаат доверба во никој од политичарите. Повеќето од анкетираните, или 64 отсто, сметаат дека државата се движи во погрешна насока и дека има назадување на демократијата. Како главни проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани се: економијата, односно можностите за вработување, како и здравствените услуги во услови на пандемија…
Ваквиот тренд на растечка недоверба на граѓаните во Македонија спрема политичките партии и политичарите не е изненадувачки за политичките аналитичари, но предупредуваат дека воопшто не е ниту политички наивен момент што може да се пренебрегне.
– Не само во Македонија туку воопшто во целото балканско соседство е присутен тој бран на растечко незадоволство на граѓаните спрема институционалните форми на политиката. На тој бран, во Словенија дојде на власт Миро Церар, а во Хрватска значителен политички пробив направи МОСТ. Граѓаните немаат доверба не само во официјалните институции (граѓаните често недовербата спрема државните институции ја проектираат врз партиите и обратно) туку и во официјалните политички програми на партиите, во официјалните извори на информации… Напливот од лажни вести, пак, дополнително придонесе за раст на таквата граѓанска недоверба. Многу често и самите партии се извори на дезинформации. Граѓаните треба да разберат, всушност сѐ повеќе разбираат, дека париите и политичарите не се совршени, ниту семоќни – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Како прв начин за (само)одбрана од лажните вести што во одреден миг на преминат праг на толеранција ја поткопуваат дури и самодовербата на граѓаните, според Арсовски, е подготвеност за граѓанска едукација за тоа на кои извори може да им се верува. Потоа, треба да се вложат напори од сите чинители во општеството за да се надрасне тој момент на недоверба, предизвикан од политичка борба со ширење лажни вести… и да се почека подобра политичка понуда.

Чувство на вина што предизвикува депресија, песимизам, изрази на гнев…

Недовербата спрема политичките партии искажана во анкетата, која во голема мера е израз на општо незадоволство од официјалните форми на политичко дејствување, не може да се разгледува само како политички феномен. Како што овој феномен има свои корени во личната перцепција на граѓаните за општествено-политичките текови, од друга страна континуитетот на лошите резултати од политичкото дејствување влијае и на (само)довербата на граѓаните.
– Еден од начините за манипулација со народот, кои ги согледал Ноам Чомски, во својот т.н. „декалог“, е да му се создаде чувство на вина дека самиот си е виновен за состојбата во која се наоѓа. Таквото чувство предизвикува депресија, песимизам, изрази на гнев (во денешно време лути реакции на социјалните мрежи)…, но не создава револуции. Така заклучува Чомски. Во нашата реалност, недовербата кон политичките партии, политичарите, односно институционалните форми на политиката е последица од неодговорноста во водењето политика во изминативе триесетина години. Најилустративно, тоа можеби сега се манифестира со мерките за справување со пандемијата. Авторитетите настапуваат така што им кажуваат на луѓето како да се заштитат и лекуваат, но не преземаат одговорност. Едноставно, граѓаните немаат доверба дека некој се грижи за нивната добросостојба и се реагира врз основа на претходно доживеаното, на претходно изневерените ветувања – вели психологот Мирјана Стојановска-Јовановска.
Стојановска-Јовановска предупредува дека таквата недоверба може да премине во резигнираност и да престане дури и грижата за самиот себе (пристапот – „што сака нека биде, еднаш се живее“), па отпорот спрема мерките и препораките за сопствена здравствена заштита да ги смета како наметнати и нивното неприфаќање како отпор спрема политичарите што претходно го изневериле и не покажале грижа и одговорност во претходни ситуации.

– Транзицијата во Македонија создаде генерација на родители со разнишани идеали создадени во еден друг политички и државен систем, но со поверодостоен систем на вредности, што не успеале да се снајдат во општествените, економските и политичките промени. Генерацијата растена со родители со изгубени идеали не успеа да создаде сопствени идеали, а во голема мера ни чувство за припадност (семејна, национална, па и државна). Националната припадност во голема мера е дел од идентитетот што се гради со доверба кон лидерите (политичарите) и лична самодоверба. Сегашнава состојба со недоверба кон политичките партии, што се покажува во анкетите, е резултат на досегашната неодговорност на политичарите и разнишаната (само)доверба за припадност – проценува психологот Мирјана Стојановска-Јовановска.