Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи денеска се сретна со претставници на Европската банка за обнова и развој на која била презентирана новата Стратегија за соработка помеѓу Македонија и ЕБОР за 2018-2023, статусот на имплементација на проектите финансирани од страна на ЕБОР, како и активностите кои се преземат во иднина во рамките на заедничката соработка.
Како што соопштија од СЕП, претставниците на ЕБОР истакнале дека во нацрт-верзијата на новата Стратегија за соработка се идентификувани приоритетните области кои ќе бидат во фокусот на соработката со нашата земја во наредниот период.
Во овој контекст, наведуваат, вицепремиерот Османи потенцирал дека стратешките приоритети на соработката на ЕБОР со Македонија за периодот 2018-2023 се во согласност со програмата на Владата и агендата на ЕУ во кои е планирана поддршка на конкурентноста и регионална интеграција. Османи посочил дека соработката помеѓу Македонија и ЕБОР дополнително е интензивирана преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан (ВБИФ), како дел од Агендата за поврзување.
– Овој инструмент внесе видлива дополнителна динамика на процесот на европска интеграција во регионот на Западен Балкан преку кој земјите можат да аплицираат за добивање грант средства за техничка помош и инвестиции за имплементација на проекти финансирани со заеми од меѓународни финансиски институции и билатерални кредитори во секторите: енергетика, транспорт, животна средина како и социјалниот и дигиталниот сектор, стои во соопштението.
Вицепремиерот Османи се заблагодарност за поддршката од ЕБОР, со чија помош преку ВБИФ досега Република Македонија има добиено околу 102 милиони евра инвестициски грант средства за инфраструктура. Двете страни истакнале дека и во иднина ќе продолжи добрата соработка со акцент на идните проекти предвидени за реализација со поддршка на ЕБОР, за кои се очекува одобрување на инвестициски грант од ВБИФ како што е Проектот за изградба на автопатска делница Кичево – Гостивар и Проектот за надградба и развој на патиштата – Крива Паланка-граница со Бугарија.