Министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, заедно со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, утре ќе копретседаваат со состанокот на шефовите на дипломатиите, кој се оддржува во рамките на заедничкото копретседателство со Берлинскиот процес.
Покрај министрите за надворешни работи на земјите кои учествуваат во Берлинскиот процес од Европската унија и Западниот Балкан, на состанокот ќе земат учество претставници на институциите на ЕУ и Советот за регионална соработка.
Во рамки на предвидени сесии, министрите за надворешни работи ќе имаат можност да ги споделат своите ставови и искуства во однос на предизвиците и можностите на Берлинскиот процес, креираните мерки со цел градење доверба и подобрување на регионалната соработка, вклучително и преку подобра поврзаност и мобилност меѓу луѓето од земјите на Западен Балкан, со посебен фокус на младите и граѓанското општество.
По завршување на состанокот, ќе се одржи и заедничка прес конференција меѓу министрите Османи, Захариева и Мас. Во рамки на заедничкото претседателство, истиот ден се одржува и ТинкТенк Форум организиран од страна на Институтот за Демократија Социетас Цивилис – Скопје во соработка со Европскиот совет за надворешна политика (ЕЦФР), од Софија. Во рамки на ТинкТенк форумот, согласно агендата, е предвидено со поздравни обраќања да говорат министрите Османи и Захариева.
Состанокот е во предвечерието на седмиот Самит на Берлинскиот процес, кој оваа година е предвиден да се одржи на 10-ти ноември во Софија, на кој ќе бидат лансирани новиот Акциски план за воспоставување на Заеднички регионален пазар и Зелената агенда за ЗБ кои беа подготвени под водство на Европската комисија и Советот за регионална соработка.