Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на прес-конференција го означи почетокот на активностите поврзани со заедничкото копретседавање со Берлинскиот процес на Македонија и Бугарија.
– Заедничкото копретседавање со Република Бугарија, остава можност да ја демонстрираме блискоста, соработката и меѓусебната поддршка на двата соседи, како клучен дел од аспирацијата за европската перспектива на целиот регион. Влогот ни е голем, резултатите и успехот на иницијативите од Берлинскиот процес се заедничка определба, имаме иста цел, а тоа е зајакната регионална кохезија и изградба на мостови на соработка. Овие последните знам дека многу често ги спомнувам, но дипломатијата ја има токму таа улога, да поврзува и обединува. Тоа е основната цел на Берлинскиот процес, и тоа во моментов ни е најпотребно – заклучи Османи.
Османи потсети дека Берлинскиот процес бил инициран во 2014-та, под покровителство на германската канцеларка Меркел, претседавањето со процесот следствено го презедоа Франција потоа Австрија, Италија, Британија и Полска, за да за првпат се донесе одлука за заедничко претседавање на Република Бугарија како членка на ЕУ и Македонија како земја кандидат.
– Тоа беше признание за двете земји, прво за Бугарија под чие претседавање со Европската Унија се зацврсти Европската перспектива на Регионот со Софискиот Самит во 2018-та и Софиската декларација, но секако и признание за Северна Македонија која ја прероди европската идеја во регионот преку потпишување и имплементација на трите договори – информираше Османи.
Османи информираше и за неодманешната посета на Софија кадешто покрај останатите теми кои беа разговарани со неговата колешка, Екатерина Захариева, значаен дел од разговорот беше посветен на предизвиците и активностите во рамките на заедничкото претседавање со Берлинскиот процес и претстојниот Софиски самит.
Министерот информираше за календарот на активности од интензивната и набиена Агенда од претседателството Берлинскиот процес: Состанок на министри за внатрешни работи (Скопје, 16 октомври 2020 година), состанок на министри за здравство (Скопје, 22 октомври 2020 година), состанок на министерско ниво на теми поврзани со интеграција на Ромите (Тирана, 27 октомври 2020 година), дигитален самит (Тирана, 2 ноември 2020 година), состанок на министри за економија (Софија, 5 ноември 2020 година), состанок на министри за надворешни работи (Софија, 9 ноември 2020 година), лидерски Самит (Софија, 10 ноември 2020 година)
Османи ги потенцираше клучните резултати од Копретседавањето со Берлинскиот процес, при што подвлече дека најважен елемент од Берлинскиот процес е неговата силна политичка платформа насочена кон поддршка на европската перспектива на Регионот и одржување на процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан високо на агендата на ЕУ.