Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари видеоконференциска средба со директорот на Директоратот за проширување при Европската комисија (ДГНЕАР), Кристијан Даниелсон. Фокусот на разговорот беше ставен на содржината на преговарачката рамка, како и на содржината на претстојниот извештај на Комисијата за напредокот на земјава, како и соработката со Унијата во справувањето со пандемијата и нејзините последици.
– Претставува голем успех и за Унијата и за Северна Македонија да се обезбеди консензус за почеток на преговорите во најсилниот период од кризата поврзана со пандемијата. Дозволете, во името на Владата да пренесам благодарност до целата администрација на вашиот Директорат и, секако, до вас за упорноста и личниот ангажман во оваа насока – изјави Османи на почетокот од разговорот упатувајќи задоволство и од остварената соработка со Унијата во справувањето со пандемијата и вклучувањето на Република Северна Македонија во сите активности и политики на Унијата за оваа цел.
– Очекуваме Комисијата да излезе со преговарачката рамка на почетокот од следниот месец, која, заедно со извештајот, ќе претставува објективен и мериторен приказ на состојбите во земјата, како и за потребите на земјата за остварување суштински напредок кон членство во Европската Унија“, истакна Османи притоа ставајќи ги на располагање сите капацитети на земјава за придонес кон остварување на овие цели. „Наша амбиција е оваа година да ја одржиме и првата меѓувладина конференција и да го почнеме билатералниот скрининг, со што Република Северна Македонија во целосен капацитет ќе се посвети на преговорите со Унијата – истакна Османи.