Фото: Игор Бансколиев

На неодамнешните локални избори имаше 67 независни советнички листи во 40 општини, од кои многу обезбедија и место во идните совети на општините. Во таа насока се наметнува дилемата што ќе донесе сегашната шареноликост на советите и дали тоа ќе значи и поголема конкурентност и поголем квалитет во работењето, во интерес на барањата и потребите на граѓаните

ШТО ЌЕ ДОНЕСЕ ШАРЕНОЛИКОСТА ВО ОПШТИНСКИТЕ СОВЕТИ

Голема шареноликост во советите на општините донесоа овие локални избори, што се должи и на учеството на големиот број независни граѓански листи, со што првпат во поголем обем се разбива партиската биполарност во локалната самоуправа.
Несомнено поголемото учество на граѓанските иницијативи се очекува да донесе нова свежина, конкурентност и квалитет во работењето на самите совети, кои досега во најголем дел функционираа како истурени партиски филијали и понекогаш без осет за одредени граѓански проблеми и прашања. Од друга страна, и покрај децентрализацијата на локалната самоуправа, во минатото често имаше и примери на спрега или опструкција помеѓу локалната и централната власт.
Тоа предизвикуваше општините што се управувани од опозициски градоначалници, на пример, да тврдат дека се опструирани од централната власт при реализацијата на поголеми проекти, кои се од поголем обем и за кои е потребно партнерство со државата, со намера таа локална власт да биде прикажана како неуспешна. Од друга страна, централната власт финансиски ги помагаше општините што ги раководат луѓе од нивната политичка провениенција, па ни се случуваат примери општини, кои не плаќаат данок на државата, наместо да бидат опоменати и санкционирани да бидат дополнително финансиски стимулирани. Ваквите и слични политички калкулации во функционирање на локалната самоуправа често беа на штета на граѓаните, кои поради меѓупартиските пресметки не можеа да дојдат до патишта, водоводи, канализации и овие капитални проекти остануваат нереализирани со децении.
Во таа насока се наметнува и дилемата што ќе донесе сегашната шареноликост на советите и дали тоа ќе значи и поголема конкурентност и квалитет во работењето на самите совети. Инаку, на овие избори имаше 67 независни советнички листи во 40 општини.
На овие избори најмногу независни листи имаше во Кавадарци и во Македонски Брод, по пет, а процентуално, најмногу гласови независните листи освоија во Чучер-Сандево, каде што четири независни листи собраа 30,5 отсто од вкупниот број гласови.

Во скопски Карпош ниту една од големите партии нема мнозинство во Советот, така што допрва ќе се види како ќе се постават тројцата советници од независната листа.
Во Битола се кандидираа три независни листи, од кои само листата „Поинаку“ го мина прагот и во Советот ќе има тројца советници. Двајца советници доби и независната советничка листа „Подобро за Тетово“. Во дваесетина општини независните листи за советници котираат како трети или четврти по бројот на гласовите, па допрва ќе биде познат бројот на освоени советнички места. Најмногу гласови од независните советнички листи освои „Наше Куманово“.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека е добро што независните листи станале дел од советите на локално ниво бидејќи ќе можат да дејствуваат во насока на спречување разни злоупотреби.
– Тоа донесе некакво освежување на македонската политичка сцена и тие сега ќе бидат јазичето на тасот на вагата, така што ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ ќе мораат едноставно да бараат поддршка или да коалицираат со нив ако сакаат да имаат мнозинство во Советот. И тоа е добро бидејќи ќе се спречуваат злоупотреби какви што се случуваа кога градоначалникот и Советот беа од иста политичка провениенција. Советот носеше ДУП-ови, градоначалникот ги реализираше и се случува бетонизација на градовите. Сега тоа малку потешко ќе оди и добро е што е така – истакнува Давитковски.
Според него, би било добро свежи независни сили да можат да се вклучат и во парламентарните избори, со што би се понудил поинаков квалитет и во работата на републичкото собрание.
– Доколку на следните парламентарни избори се смени моделот, да се симне прагот и да има повеќе независни листи, тогаш и републичкото собрание ќе функционира поинаку. Треба да се дејствува во тој правец. Сепак, мислам дека големите партии нема да го дозволат тоа. Тие ќе сторат сè, да не помине тоа. Едноставно не можат да сфатат дека постојат и граѓански иницијативи, не мора да е политичка партија, но, за жал, нема разбирање од нивна страна. Како и да е, сметам дека овие локални избори се добра поука дека граѓаните сакаат да се слушне нивниот глас, така што очекувам за следните парламентарни избори, се разбира ако се смени законот, во законодавниот дом да влезат барем 20 отсто независни кандидати – нагласува Давитковски.

Професорот е на мислење дека сето ова претставува освежување на политичката сцена и дека во советите, онаму каде што партиите немаат мнозинство, ќе има интересни седници.
– Се освежи политичкиот жабарник што беше досега. Во оние општини каде што нема доминантно мнозинство во советите, мислам дека ќе биде многу интересно при усвојување буџет, ДУП-ови и слично. Независните би требало да се залагаат и да застапуваат некои граѓански интереси, но прашање е дали ќе останат докрај доследни и независни и дали нема под притисок на големите партии едноставно да се претопат – заклучува Давитковски, изразувајќи оптимизам дека е добро што барем нешто во земјава се раздвижило во позитивна смисла.


Која е улогата на советите, а која на градоначалникот

Општинските совети донесуваат статут на општината, ги гласаат буџетот и годишната сметка на општината, ја утврдува висината на сопствените извори на приход за финансирање на општината, формираат јавни служби во рамките на општинските надлежности и именуваат членови во управните одбори во нив.
Покрај тоа, Советот усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на овие служби, ги усвојува извештаите за извршување на буџетот и годишната сметка на општината, решава за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес, а од локално значење, во согласност со законот. Понатаму ги усвојува извештаите за работа и годишните сметки на јавните општински служби, решава за начинот на вршење финансиска контрола на буџетот на општината, избира човек што ќе раководи со подрачната единица на МВР.
Надлежноста на Советот е голема и е од различни области, затоа се формираат постојани или повремени комисии, како тела на советот.
Градоначалникот претставува извршен орган на општината што се избира секоја четврта година, на општи, непосредни и слободни избори, со тајно гласање во согласност со законот со кој се регулираат локалните избори.
Негови надлежности, меѓу другите, се да ја претставува и застапува општината, да обезбедува извршување на одлуките на Советот, да иницира и предлага донесување прописи од надлежност на Советот, да ги предлага буџетот и годишната сметка, да избира директори на јавните служби што ги основала општината, да раководи со општинската администрација и друго.