Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поделеноста по разни основи што е присутна во македонското општество се продлабочи уште повеќе по обелоденувањето од највисоко владино ниво на безбедносно-разузнавачките информации дека со проруски пари се финансирале протести против НАТО и против спогодбата од Мала Преспа. Која е заднината на оваа приказна и какви опасности се кријат зад тоа

Политичките антагонизми што постојат во државата за различни прашања, меѓу кои е и спогодбата од Мала Преспа за спорот со Грција, како и нашето членство во НАТО и во ЕУ, деновиве дополнително ја вжештија политичката атмосфера, но овој пат со разузнавачки зачини и пикантерии. Поделеноста се заканува да се продлабочи уште повеќе по излегувањето на премиерот во јавноста, кога обелодени многу осетлива безбедносно-разузнавачка информација дека со проруски пари се финансирале протести против НАТО и против спогодбата од Мала Преспа пред најавениот референдум. Имено, премиерот Зоран Заев изјави дека припадници на навивачката група „Комити“ биле платени од грчки бизнисмени со проруски ставови да прават насилства и да ја втурнат земјава во немири по договорот со Грција за името. Според коментарите на познавачите за третманот и менаџирањето на информациите од високосензитивен безбедносно-разузнавачки карактер, ваквото флагрантно лансирање сурови разузнавачки информации може исклучително негативно повеќеслојно да влијае на нашата земја.

Прво, евентуално „инволвираните“ страни, во случајот тоа е официјална Москва, па и Атина, жестоко да реагираат и, се разбира, да негираат, при што последиците ќе ги трпи Македонија. Второ, и не помалку значајно, е дека ваквата (дез)информација може да доведе до уште подлабока и поголема поларизација и поделби меѓу граѓаните или, како што велат аналитичарите, непотребно се долева масло на огнот. Тие предупредуваат дека оваа појава, случајно или не, се актуализира во за нас исклучително сензитивен период. Инаку, премиерот Заев во интервју за „Базфид“ посочи и дека „грчките бизнисмени“ им плаќале на македонски државјани меѓу 13 и 21 илјади долари за вршење „насилнички дејства“ за да спречат промена на името и членство на Македонија во НАТО.
– Јас зборувам од тоа што го слушам во извештаите што ги добивам. Знаете, тие млади момчиња од „Комити“ што нападнаа полицајци беа повикани во полиција на исказ, на разговор, па споменуваа дека бизнисмени од Русија давале пари и поради тоа тие се тука, тие немаат ништо против и слично – рече Заев.

Премиерот Заев не го откри имињата на бизнисмените што ѝ давале пари на домашната навивачка група за да извршува насилство во земјава. Тој се повика на истрагата, која е во тек, но и поради чувствителноста на дипломатските односи со земјата од која потекнуваат. Во домашната јавност вчера се појави името на рускиот бизнисмен Иван Савидис, кој живее во Грција и за кого имало индиции дека вршел нелегални активности за да дојде до дестабилизација на состојбата во земјава. „Проектот за следење на организираниот криминал и корупција“ (ОЦЦРП) по повод ваквите сознанија вчера објави, повикувајќи се на документи од МВР, дека рускиот бизнисмен Иван Савидис, кој живее во Грција, им исплатил околу 300.000 евра на десетици македонски политичари, членови на новоформираните националистички организации и хулигани-навивачи на Вардар. За ваквите наоди од МВР засега се без одговор и без конкретни информации за тоа против колку луѓе е отворена истрага за сомнежите дека проруски грчки бизнисмени, плаќајќи им на македонски државјани, ги поттикнувале на „насилнички дејства“ во пресрет на референдумот за спогодбата за името, кој треба да биде одржан наесен. Министерот Оливер Спасовски вчера накратко рече дека не мисли да води истрага преку медиумите и оти сега не може да каже ништо.

– Што било да имаме и какви било информации да имаме што се однесуваат на сензитивни прашања, ниту можеме ниту смееме ниту, пак, е потребно тоа да го водиме преку медиумите и како истрага да ја спроведуваме преку медиумите. Треба да знаете дека во секој момент кога ќе имаме што било да соопштиме, што е во фаза на можност да биде соопштено, ќе го направиме тоа – рече Спасовски.
Очигледно е дека по обелоденувањето на исклучително силната, но и екстремно сензитивна разузнавачка информација, безбедносните служби што работат на овој случај се во полна пареа, собирајќи евентуални докази или отфрлајќи ги верзиите за исконструираност, дезинформации и подметнувања што немаат доблесна цел за Р. Македонија. Затоа, потребно е темелно ангажирање на нашите безбедносни служби, кои професионално и во интерес на граѓаните на државното раководство ќе им ја презентираат фактичката состојба од која последниве ќе донесат исправни политички одлуки. 


Измислена руска закана

Руската амбасада веднаш реагираше со соопштение за наводите од премиерот Зоран Заев дека бизнисмени од Русија финансирале антивладини протести. Од амбасадата сметаат дека станува збор за паушални изјави, слични на тие на министерката за одбрана Радмила Шекеринска од неодамна, стои во соопштението.
– Сметаме дека ваквите паушални изјави, како и неодамнешните наводи од страна на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, имаат за цел ширење на русофобијата, која преку западните партнери на Македонија сè почесто се прифаќа како алатка за постигнување сопствени внатрешни и надворешнополитички цели. Во тој контекст се доведува во прашање искреноста на заложбите на Владата на Република Македонија за градење пријателски односи со Руската Федерација – се вели во соопштението.
Дополнително, се повикува на истрага за наводите на Владата.
– Очекуваме дека македонската страна, во рамките на правното поле на својата држава и меѓународната практика, ќе спроведе детална и објективна истрага на наводите на кои алудираат посочените членови на Владата на Република Македонија и ќе ѝ презентира на јавноста, како и на руската страна, реални факти, а не конструкции – се вели во соопштението.
Од Амбасадата на Руската Федерација велат дека станува збор за „контрапродуктивни и неодговорни обиди“ за заплашување на граѓаните „со измислена руска закана“.


Експертски толкувања на случајот

Во врска со настанатата ситуација со протестите на „Комитите“, но и обвинувањата на премиерот за вмешаност на познатиот руски бизнисмен Савидис во Македонија, поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов во изјава за домашните медиуми вели дека не е изненаден од ваквите информации. Според него, подолго време има информации дека во Македонија е можно и црногорското сценарио, односно обиди за дестабилизација во пресрет на членството во НАТО.
– Се покажа дека се точни тие информации дека Русија, преку свои, условно кажано, инсталации, дали преку Србија дали, во овој случај, преку Грција или директно во Република Македонија, ќе се обиде, ако не може да го спречи процесот на интеграција на Македонија во НАТО, барем да го одложи тој процес и овие информации не се изненадувачки – вели Трајанов за РСЕ.
Тој посочува дека Русија отворено се противи на членството на Македонија во НАТО и очекува обидите на Москва за спречување на членството во Алијансата да продолжат, но македонските служби треба да работат да ги спречат таквите обиди.
Во исто време политичкиот аналитичар Петар Арсовски во изјава за домашните медиуми за случајов вели дека онаму каде што имаат бизнис-интереси, руските бизнисмени најчесто ја поддржуваат руската официјална политика, но оти тоа не значи дека извршуваат нарачки од Кремљ.
– Фудбалските клубови се собиралиште на луѓе што се често присутни на протести и затоа се интересни за какво било социјално влијание. Најчесто, оние што се заинтересирани да извршат некакво социјално влијание преку протести, собири и други, условно речено, полугерилски активности, секогаш целат на фудбалските клубови, затоа што прво има многу луѓе што се на располагање, тие се релативно подготвени лесно да излезат на протести и имаат силна хиерархиска структура, релативно едноставно се договараат преку нивните водачи. Руските бизнисмени онаму каде што имаат интереси во најголем случај ја поддржуваат официјалната руска политика, така што тоа мислам дека може да се поведе во таква конотација, но не можеби дека е тоа некаква директна стратегиска улога на бизнисмените по нарачка од Кремљ – вели Арсовски.


Протерување руски дипломати во Грција и во Македонија

Во меѓувреме, Грција протера двајца руски дипломати што наводно, во соработка со бизнисмени, потплаќале грчки претставници на локалната власт, свештенството, членови на културни здруженија и крајно десничарски организации во северна Грција за да го засилат противењето на договорот за името меѓу Македонија и Грција, кој треба да ѝ го отвори патот на Македонија за членство во НАТО. Протераните руски дипломати се сомничат дека преку локални грчки бизнисмени им плаќале на крајно десничарските организации меѓу 20 и 30 илјади евра. Пред извесен период Македонија, во ист ден со САД, и 14 земји-членки на ЕУ, како и Канада и Украина, изврши протерување на руски дипломати поради нападот со нервен гас на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во британскиот град Салсбери. Македонија одлучи да протера еден руски дипломат поради случајот „Скрипал“, информира МНР. Потоа руските власти најавија соодветен одговор на реципрочен начин.


Кој е рускиот бизнисмен Иван Савидис?

Иван Савидис, или познат како Савиди, стана актуелен во светската јавност откако во март, во натпревар од грчкиот шампионат, незадоволен од резултатот на својот тим ПАОК, влета на теренот со пиштол и се упати кон судиите да ја земе правдата во свои раце. По ова, тој доби забрана за влегување на стадион во следните три години, а требаше да плати и 100.000 евра. На неговиот тим ПАОК му беше одземена титулата. Инаку, освен ПАОК, Савидис поседува дел од солунското пристаниште, дневниот весник „Етнос“, неделникот „Етнос“, дневниот весник „Имерсија“, многубројни магацини, тутунска компанија, минерална вода, хотелот „Македонија“, локална телевизија… Според „Форбс“, тој поседува 1,9 милијарда долари и е еден од 30-те најбогати Руси. Овој руски бизнисмен што се споменува во македонската јавност, истовремено е пријател и со рускиот претседател Владимир Путин, а бил пратеник во рускиот парламент од 2003 до 2011 година како член на неговата партија Обединета Русија. Според регионалните медиуми, ова не е единственото негово „вмешување“ во грчко-македонскиот спор и договор. Во јануари годинава неговиот весник „Етнос“ спинуваше изјава на грчкиот премиер Алексис Ципрас во чувствителна фаза од македонско-грчките преговори. Имено, „Етнос“ објави наслов „Македонската нација никогаш не постоела“ како најава за интервјуто со Ципрас, кое требаше да го објави наредниот ден. Кога интервјуто беше објавено, се испостави дека целосната изјава на грчкиот премиер е „Македонска нација никогаш не постоела во античко време, како што не постоела и нација на Атињаните или Спартанците“. Инаку, вчера по објавата во домашните медиуми за негово наводно вмешување во Македонија, преку соопштение, групацијата компании на бизнисменот Савидис ги демантираа написите во медиумите. Тој отфрла секаква вмешаност во протестите во Македонија и најавува тужби против авторите и медиумите на објавениот текст во кој се споменува неговото име.