Зоран Заев за Максим Димитриевски

Во Статутот на партијата, кој членовите го почитуваат како устав, јасно стои дека оној што ќе тргне против партијата и ќе се спротивстави на одлуките на партијата, не може да биде СДСМ, рече денес премиерот Зоран Заев за најавеното исклучување на сегашниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, откако тој се одлучи за независна кандидатура на претстојните локални избори.

На следната седница на Централниот одбор, Заев рече дека само формално ќе се помине процедурата за исклучувањето кое самиот Димитриевски го направил со независната кандидатура.

– Максим Димитриевски беше член на Конгрес, по функција член на Централниот одбор, како градоначалник секогаш имал можност да дојде да ги каже своите забелешки. И овде јасно ја знае процедурата како се донесуваат одлуките и неговата определба да не дочека СДСМ да ја донесе одлуката и преурането да го напушти процесот на селекција на кандидатите, согласно сите истражувања кои ги правевме, е негова лична одлука и со таа лична одлука ја донесе и одлуката за себеисклучување од СДСМ – рече Заев.

Димитриевски, според премиерот и претседател на партијата, имал можност да ги каже сите забелешки и различности, да дискутира во органите на партијата и да се бори за неговите ставови.

– СДСМ е исклучително демократска партија која своите одлуки и определби не ги носи на основа на ставови на поединци или на некој колектив, туку ги носи на своите органи и тела и на основа на Статутот, тој за нас е најважниот документ по кој работиме и секако е израз на максимална демократска процедура во СДСМ. Таму е јасно опишано, кога ќе тргнете против СДСМ, кога ќе се спротивставите на СДСМ, не можете истовремено да бидете и член на СДСМ – рече Заев.

На забелешките дека со најавеното исклучување на Димитриевски, партијата не постапува по Статутот, Заев одговори дека Статутот е јавно достапен документ, надополнет со етички кодекс кој дава максимална слобода на членовите, но и ги повикува на обврски кои треба да ги почитуваат.

И покрај независната кандидатура на Димитриевски во кого велат дека вложиле и како држава и како партија, лидерот на социјалдемократите смета дека во Куманово ќе победи СДСМ оти оваа партија победува 30 години и тврди дека нивниот кандидат Оливер Илиевски заслужува да биде избран уште во првиот круг.


Димитриевски: Вистинските социјалдемократи секогаш ја говорат вистината и не се служат со манипулации

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски се огласи по изјавата на премиерот Зоран Заев, за неговото исклучување од партијата. Тој вели дека од денешната изјава на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, дека ќе бил исклучен од партијата на следната седница на Централниот одбор на партијата докажува дека вчерашниот став на Николовски, дека Димитриевски се самоисклучил од партијата не е вистина и дека тој формално правно е се уште член на СДСМ.

– Вистинските социјалдемократи секогаш ја говорат вистината и не се служат со манипулации и инсинуации. Прашувам како однапред раководството на СДСМ можело да ги предвиди одлуките на Централниот одбор пред тие да бидат донесени. Дали за ваква внатрепартиска демократија се боревме? Јас нема да дозволам во моето општествено делување демократијата да биде само формална, туку така ќе
биде практикувана и во реалност. Како и да се произнесат партиските органи, јас по убедување бев, сум и ќе бидам социјалдемократ и тврдам дека евентуалната одлука за исклучување е плод на желбите и суетите на поединци на раководството на СДСМ. Како инаку би го објасниле фактот дека стотици членови, активисти и симпатизери ја потпишаа граѓанската иницијатива за моја кандидатура. Зарем и нив ќе ги исклучат? Во едно се сложуваме со господинот Заев. Кумановци знаат што е најдобро за нив, и сигурен сум дека на 17 октомври тоа јасно ќе го покажат поддржувајќи ја граѓанската иницијатива „За Наше Куманово” со имплементирање на реална демократија во пракса – рече Димитриевски.