Последните сигнали се дека Франција и натаму се спротивставува на Македонија и на Албанија да им се додели датум за почеток на пристапните преговори, додека сите други земји-членки на ЕУ, функционери, политичари, експерти и аналитичари силно притискаат на Македонија да ѝ се додели датум сега
Четврток и петок се клучните денови кога и дефинитивно ќе биде познато дали Македонија по 14 години чекање ќе добие датум за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија.
Она што засега пристига од Брисел не може да се протолкува поинаку, освен како купување време до финалниот состанок на коj лидерите ќе пресечат дали ќе има датум или сè ќе заврши со некаква неодредена формулација, која ќе ја толкува кој како сака.
Последните сигнали се дека Франција и натаму се спротивставува на Македонија и на Албанија да им се додели датум за почеток на пристапните преговори, со образложение дека најпрво треба да се изработи нова методологија по која земјите ќе пристапуваат во Унијата. Според нивниот предлог, тоа подразбира почнување на преговорите, но и враќање назад и повторно отворање на веќе затворени поглавја ако земјата преговарач назадува во некои области.
Финска, како земја-претседавач со Унијата, претходно понуди компромисно решение во кое се предвидуваше Македонија да добие датум, а преговорите да се одвиваат според новиот реформиран процес како што бара Франција, но овој предлог не помина.
Не помина ниту предлогот на Данска и на Холандија, кои побараа Македонија и Албанија да бидат раздвоени во пристапниот процес.
– Франција смета дека европската перспектива на Западен Балкан е оправдана, но работите треба да се направат на кредибилен начин, за да може да се изгради доверба во регионот и во Европа – истакна францускиот државен секретар за европски прашања Амели де Моншалан.
Во меѓувреме реакции пристигнуваат од сите страни, а повеќето се со барање ЕУ да им додели датум на Македонија и Албанија.
– Доколку не упати јасен сигнал за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, Европската Унија ризикува да го загуби влијанието на Западен Балкан – изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан за австриската агенција АПА.
Поддршка за одредување датум изразија и министрите на земјите од Вишеградската група.
– Позитивната одлука ќе испрати јасен сигнал дека ЕУ ги препознава конкретните резултати со исполнувањето на нивните услови. Исто така, ќе му овозможи на регионот нов импулс за понатамошни реформи и трансформации – сметаат министрите на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, Томаш Петричек, Петер Сијарто, Јацек Капутович и Мирослав Лајчак.
Македонскиот премиер Зоран Заев останува оптимист, но очекува одлуката да ја донесат лидерите на ЕУ и тоа, како што вели, во последен момент.
– Верувам до небото дека ќе добиеме датум за преговори, останувам оптимист. Нашата земја уште од самостојноста до денес ништо лесно не добива, ние сме мала земја и сè сме остварувале со мака. Зборувам за сите влади досега, не само за оваа, така што драмата во ЕУ веројатно ќе биде до последен момент – смета премиерот Заев.
Сличен став изнесе и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој побара од ЕУ да ѝ даде шанса на земјата.
– Во изминатите година и пол испорачавме сè што требаше. Дури го сменивме и нашето име по историскиот договор со Грција. Ниту една земја-кандидат го нема направено ова порано. Штом ЕУ вели дека процесот за зачленување се заснова на резултати, тогаш не очекуваме ни повеќе ни помалку од она што сме го постигнале. Мојата порака е: „Дајте ни шанса и дозволете ни да покажеме дека сме подготвени“ – порача Пендаровски во интервјуто за виенскиот весник „Ди пресе“.
Како и да е, засега сите опции се отворени, а неизвесноста е главната карактеристика со која се одликувале речиси сите европски одлуки што се однесувале за Македонија. Најверојатно одлуката ќе падне во последен момент.