Заев: Ни треба одлучност, не ни треба калкулантство
Ова време пред кое сме исправени е време на историски момент и ни треба одлучност, не ни треба калкулантство, треба да се има изграден став, затоа што во ова време се носат историски одлуки и не смееме да дозволиме да ја пропуштиме оваа шанса, порача премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, од граѓанскиот собир „Излези за европска Македонија“, кој се одржа на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица.
– Затоа гледаме како сме здружени сите заедно. И бизнисмени се со нас, и спортисти се со нас, и синдикатите се со нас, и коморите се со нас – сите се со нас. Граѓанските организации ја водат борбата, тие се предвесници на ЕУ и НАТО. Сите сме здружени и сплотени и затоа е ред да станеме сите заедно во Македонија по одредени прашања, а токму ова е прашањето зад кое треба да застанеме сите – рече премиерот Заев.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, истакна дека доволно сме созреани како општество за да се соочиме со реалноста – патот кон ЕУ и НАТО води преку договорот со Грција за името, и таква е реалноста.
Димитров рече оти се многу цврсти гаранциите за нашиот прием во Алијансата, бидејќи договорот не може да влезе во сила ако Грција во својот парламент не ги ратификува протоколите за наше членство во НАТО.
– Ако не се случи тоа, договорот нема да стапи во сила – повтори шефот на дипломатијата.
Тој повтори дека во однос на географската одредница се додава Северна кон името Македонија.
– Државјанството ќе биде македонско/државјанин на Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи. Официјалниот јазик ќе биде „македонски јазик“. Ова е важно и со ова се афирмира македонскиот јазик. Меѓународните кодови остануваат МК и МКД, со исклучок на регистарските таблички – истакна Димитров.
Тој уште еднаш повтори дека за нас термините Македонија и македонски ја означуваат нашата територија, нашиот народ, македонски народ, со сите одлики и атрибути со нашата историја, култура со наше културно наследство.
За лидерот на ДУИ, Али Ахмети, договорот е материја што произведува стабилност, безбедност, добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, економски развој, квалитетно образование и здравство, но и квалитет во насока на државното управување. Ќе се зајакне владеењето на правото и правната држава.
Со поддршка за референдумот излезе и режисерот Милчо Манчевски.
– Затоа што имам став. Го искажувам на право место. Во гласачката кутија – вели во видеопораката објавена на фејсбук-страницата „Излези за европска Македонија“.
Иванов : Конечната одговорност е на македонските граѓани
Претседателот Ѓорге Иванов, за време на посетата на македонската заедница во Њу Џерси, истакна дека од нас зависи дали ќе ја зачуваме одлуката од првиот референдум за Република Македонија, во која ќе бидеме свои на своето или правно ќе се укинеме како народ и ќе дозволиме некој друг да ни го толкува минатото и да ни ја одзема иднината.
Тој, како што соопшти неговиот кабинет, смета дека конечната одговорност е на македонските граѓани, бидејќи, како што вели, каква Македонија ќе изградиме, таква ќе имаме.
– Од нас зависи дали ќе ја зачуваме одлуката од првиот референдум за Република Македонија во која ќе бидеме свои на своето, во која нема да се воздржуваме да кажеме дека сме Македонци, дека нашите предци биле Македонци. Или, ќе се одлучи да се поништи одлуката од претходниот референдум од 8 септември 1991 година. Дали правно ќе се укинеме како народ и ќе дозволиме некој друг да ни го толкува минатото и да ни ја одзема иднината – рече претседателот Иванов.