Кога творците на Европската Унија го усвоија принципот на вето, ја имаа предвид рамнотежата на моќта како механизам за заштита на помалите од поголемите нации. Но ветото се злоупотреби и ќе се злоупотребува за наметнување неевропски содржини од страна на политичко-општествени квазиелити, што е очигледно од примерот на Македонија и нејзините „недоразбирања“ со соседите. Последните постапки на Софија кон македонскиот јазик ги нарушуваат европските вредности и го доведуваат во прашање самото постоење на европското заедништво, бидејќи принципите на слобода, еднаквост и рамноправност стануваат само една бледа сенка
Како сонот за обединета Европа се претвори во тиранија на посилниот
На Божиќ во 1989 година, на неколку метри од Бранденбуршката порта, се одржа историскиот концерт на Бетовеновата Деветта симфонија во поранешниот Источен Берлин, на кој настапија изведувачи од тогашните Источна и Западна Германија, Соединетите Американски Држави, Русија, Франција и Обединетото Кралство, под диригентската палка на легендарниот Леонард Бернштајн. Концертот беше најавен како прослава на слободата и требаше да го претставува почетокот на новите ветришта во Европа. Тематиката не беше случајно избрана, ако се земе предвид дека составен дел од споменатата симфонија е „Ода на радоста“, која од 1972 година е официјална химна на Европската Унија. Многумина ја имаат слушнато, но малкумина се запознаени дека основата на оваа симфонија е песната на германскиот поет Фридрих Шилер, во која се величи идеалот на единството.
Какви се таа слога,еднаквост и меѓусебно почитување за кои се решава со вето?!
Зборовите на Шилер за дружбата, братството и слогата ја изгубија суштината, а „Одата на радоста“ се видоизмени во „Ода на будалштината“ и тиранија на посилниот. Како се дојде до оваа состојба? Постојат повеќе причини, како што се културолошката разнообразност, мисловната затапеност на некои од политичките елити и основите на Европската Унија. Ние бе се задржале на последното. Кога творците на Европската Унија го усвоија принципот на вето, ја имаа предвид рамнотежата на моќта како механизам за заштита на помалите од поголемите нации.
Но ветото се злоупотреби и ќе се злоупотребува за наметнување неевропски содржини од страна на политичко-општествени квазиелити, што е очигледно од примерот на Македонија и нејзините „недоразбирања“ со соседите. Последните постапки на Софија кон македонскиот јазик ги нарушуваат европски вредности и го доведуваат во прашање самото постоење на европското заедништво, бидејќи принципите на слобода, еднаквост и рамноправност стануваат само една бледа сенка.
Преструктурирање на ЕУ во согласност со изворните универзални принципи
Крајно време е Брисел да „воспита“ некои од своите членки за нивното неевропско однесување, не толку за нас, туку за себеси. Проблемите не се решаваат со притисоци, закани и уцени. Македонија како држава што се соочува со голем број предизвици би можела да постапи слично како со наметнатото неетичко прашањето за името – да попушти. Но противречностите нема да исчезнат. Прифаќањето на името Северна Македонија не го реши проблемот, туку само го конзервира, слично би се случило и со прифаќање на бугарските барањата за историјата и јазикот. Политиката на закани и уцени е логична спротивност на европските вредности, еден ден конзервираните противречности однатре ќе ја разрушат Европската Унија, ако не биде преземено нешто.
Македонецот е човек со гордост, духовност и многу долга традиција
Македонскиот народ можеби ја преживеа промената на името на држава, но се сомневам дека ќе го преживее откажувањето од својата историја и јазик. Сите отстапки во тој правец би создале од Македонецот – човек без гордост и духовност. Затоа, нашата политичка елита треба да ги прочита јавните и скришните извештаи за нашата реалноста – делумни реформи, нефункционално судство и корупција, и да преземе активност кон изградба на Македонија во правна и функционална држава, бидејќи владеењето на правото е еден од нашите главни адути во преговорите со Европската Унија.